Лузните ќе останат, умот и телото ќе паметат, исцелувањето е процес, а ние сме тука за нив: Психолог М-р Дора Попова Узуновски

Македонија се соочува со колективна траума, по трагедијата која се случи 16 – ти март, кога во дискотека во Кочани, животот го загубија 59 млади лица, а 150 се повредени.
Прв пат се соочуваме со ваква ситуација и секој еден поединец своите емоциите на тага и бес, различно ги манифестира. Но она што во овој момент е најважно е психолошката поддршка.
„Психолошката интервенција во овој момент е насочена кон обезбедување на прва итна, психолошка помош. Луѓето имаат емоционални потреби, како што се безбедност, сигурност, заштита, утеха од најблиските, можеби на некого му е потребна мир и тишина, можеби потреба од повлекување со цел психичко стабилизирање“, вели психолог м-р Дора Попова Узуновски од Центарот за ментално здравје Дора.
Според психологот ова е фаза која ќе потрае подолг временски период, бидејќи сè уште е фаза на шок.
„Во фазата на шок, како одбранбен механизам, лицето не ја има процесирано информацијата и затоа може да се забележи дезориентираност, страв, лесна раздразливост и ранливост. Во оваа фаза потребно е само присуство и активно слушање без додатни коментари, бидејќи тие не помагаат“, вели Дора.
Стручните лица се на располагање, доколку некој одлучи да побара помош. Тоа што тие е потребно да го понудат е саморазбирање, слушање и емпатија. Останатите луѓе кои не се директно или индиректно вклучени во несреќата, исто така може да појават симптоми како да биле вклучени.
„Ние стоиме на располагање. Голем дел од колегите во моментов директно се на терен и се покажа дека луѓето уште веднаш бараат помош. Но нема генерален одговор за тоа кога е најдобро време за барање помош. Тоа е субјективно доживување. Се зависи од свесноста на лицето дали смета дека му е потребна помош и од неговата функционалност и ментална издржливост во текот на деновите“.
Колективната траума пројавува четири главни фази: Првичен шок и дезорганизација, херојство и солидарност, дезилузија и фрустрација и реконструкција и интеграција.
*Првичен шок и дезорганизација
Ова е непосредна реакција на трауматичниот настан. Луѓето чувствуваат шок, неверување, анксиозност и хаос. Се активира инстинктот за преживување (борба, бегство или замрзнување).
*Херојство и солидарност
Во оваа фаза заедницата често се обединува и демонстрира солидарност. Луѓето помагаат едни на други, постои чувство на заедничка цел. Ова може да доведе до привремено зголемена кохезија и еуфорија.
*Дезилузија и фрустрација
Како што поминува времето, се јавува замор и исцрпеност. Луѓето се соочуваат со реалноста на загубата и последиците. Може да се јави недоверба во институциите, гнев, депресија и беспомошност.
*Реконструкција и интеграција
Заедницата почнува да се приспособува и да бара нов баланс. Постепено се обновуваат социјалните врски и структурите. Настанот се интегрира во колективната меморија, а се создаваат и нови наративи за преживувањето.
Ние во моментов се наоѓаме меѓу првата и втората фаза. Се забележува солидарноста, херојството, хуманите постапки, но сè уште трае и фазата на шок. А се разбира бараме и институционална одговорност.
Она што е потребно, но се разбира кога ќе дојде време, а верувам дека ќе се случи ќе биде организираност на разни настани по повод на овој настан во областа на уметноста, културата и други социјални случувања кои ќе имаат функција на зајакнување солидарните врски и исцелување. Но потребно е време. Во моментов сме подалеку од тој чекор. Сепак, последната крајна цел, треба да биде раст и колективно созревање, а со тоа следува висока свесност која нема да дозволи во иднина да ни се случи нешто слично.
Лузните ќе останат, умот и телото ќе паметат, Дора вели исцелувањето е процес.
„Меморијата ќе остане веројатно засекогаш кај најголемиот дел од луѓето. И тоа е во ред. Учењето да се живее со тоа сеќавање не значи дека настанот ќе се ретрауматизира постојано, доколку луѓето го обработат психолошки соодветно. Значи само дека сме ги процесирале и прифатиле доживувањата, а Македонија ќе се сеќава секогаш“.
Досега во Центарот за ментално здравје психолошка помош побарале неколку лица, но тоа се лица кои не биле директно поврзани со настанот.
„Само едно лице беше поврзано, кое било на службена должност. Останатите беа граѓани, родители на адолесценти, чии деца се погодени од несреќата на своите врсници. Планирано е да бидат како семејни советувања“.
Габриела Додевска Глигоровска