Маја Гроздановска Панчева: Се трудам негативните моменти да ги потиснам, како нешто неважно во мојот живот

Добивај вести на Viber

Секогаш средена и негувана. За неа важи констатацијата „иста е, не старее“ или „убава како и секогаш“. Маја Гроздановска Панчева, пејачка, со работен ангажман во МОБ посочува дека жената во петтата деценија има потреба и од некои други помошни работи кои и помагаат да изгледа поубаво. Една од нив е и физчката активност. 


ЖМ: Стилот е однос кон животот, најблиските, работата, а не само тоа како ќе се облечеме. Како би ја дополниле оваа дефиниција кога би го опишале вашиот стил на живот ?

-Се сложувам со вас, вистина е дека начинот на нашето функционирање, живеење, исполнување на обврските, дружењето и на крај да оставите време и за себе, го покажува начинот на нашето живеење и нашиот стил.


 ЖМ: Кое е вашето животно мото, со кое успевате секогаш да ја сочувате насмевката?

-Секој поединец во животот има позитивни и негативни моменти. Секогаш се трудам негативните да ги потиснам како нешто неважно во мојот живот. Се трудам секогаш да бидам позитивна кон сите и на тој начин да стварам позитивна енергија околу себе.


ЖМ: Битен елемент за целокупниот визуелен впечаток на жената е нејзината посебност, бидејќи секоја од нив има нешто свое, што ако го негува може да стане препознатлива и интереена. Каде е Вашата посебност?

-Секоја жена е убава и посебна на свој начин. Но, според мене за да биде една жена убава, не е важна само надворешната убавина, туку мора луѓето да ја почувствуваат нејзината позитивна енергија, нејзиното однесување, насмевка, чистота. Но, и некои други работи.


 ЖМ: Секогаш средена и негувана. За вас важи констатацијата „ иста е, не старее“ или „ убава како и секогаш“. Како ви успева? 

-Во горе наведеното го објаснив сето тоа. Се трудам дел од тие работи да ги практикувам. Но, жената во петтата деценија веќе има потреба и од некои други работи кои и помагаат да изгледа поубаво. Убаво е кога жената ја работи својата професија со љубов, таа да ја исполнува. Но, мислам дека е потребно да се биде и физички активен кога времето тоа го дозволува.


 ЖМ: Потребата да си поинаков, те тера да имаш свој допадлив физички изглед, кој секако во секој период од животот мора да биде различен и единствен. Каков беше вашиот стил во тинејџерсјкиот период?

-Не многу различен од денес. Отсекогаш сум сакала спортски стил, повеќе џинс и патики, отколку високи потпетици и фустани.


 ЖМ: Колку занимавањето со музика и јавните настапи влијаеше на Вашиот начин на облекување? 

-Спротивно од начинот на кој што сакам да се облекувам. Од професионален аспект кога има концерти, манифестации, снимање спотови, тогаш носам работи кои се соодветни за тие настани. Често се случувало, посебно на спотовите да правам големи трансформации. Но, тоа се сепак само спотови. На моја среќа уживам во работата во хорот на МОБ, каде што на многу претстави правиме повторно такви трансформации, со професионалната екипа од опера и балет, кои тоа го прават на извонреден начин.

ЖМ: Имате ли делови облека што Ве потсетуваат на некој одреден настан или личност и секогаш имаат свое катче во ормарот?

-Секако дека имам, но тоа се некои парчиња облека со кои сум настапувала на фестивали и спотови. Ги чувам како убав спомен.


 ЖМ: Со кои совети се обидовте да го изградите стилот на живот на вашите две ќерки, кои оставаат впечаток не само со убавината туку и со убавото воспитување?

-Нема некоја посебна филозофија во мојот однос на воспитување кон децата. Се трудев и се трудам да ги воспитувам на начин на кој што ме воспитувале и мене. Да бидат паметни, внимателни, да почитуваат постари, да го почитуваат школото како институција, да знаат да го ценат тоа што го имаат и да не претеруваат во своите барања како млади луѓе. Мислам дека во голема мера успеавме во тоа и задоволна сум од нивното однесување и градење како личности.


 ЖМ: Дали си менувате парчиња облека со нив? Имате ли исти вкус? 

-Секако, и многу ми е мило што одредени мои парчиња облека им се допаѓа и бараат да ги облечат. Но, како и да е, секој како поединец си има и си гради свој стил. Тука сум да го кажам своето мислење, а тие често го прифаќаат.

С.А.Н

Фото: приватна архива