Доживеав волшебна љубовна приказна, но со несреќен крај - од рајот се симнав во пеколните долини на егзистенцијата: Мимоза Рајл, советничка на премиерот за култура

Добивај вести на Viber

Разговорот со Мимоза Рајл е како мелем за душа. Прво освојува со убавината и позитивниот пристап, како одраз на културата и воспитанието. А потоа со нејзината елоквентност стекната со титулата доктор по филолошки науки. Автор е на неколку книги “Охридската книжевна школа” “Светлината на убавината и уметноста” “Соништата на писателот. а моментно ја подготвува „Хармонија на духот“. Потписник е на многу стихозбирки, есеи во стручни списанија, критики на драмски и музички дела, како и колумни. Од неодамна е на работното место - советничка за културана премиерот Христијан Мицкоски.

Но, пред се таа е вистински пример на жена која ги доживеала на најубав и најсуров начин и љубовта, бракот и мајчинството. По разводот лавовски се соочува со секојдневното битисување како самохрана мајка на Тим (17) и Лукас (16) Рајл.

ЖМ: Го сакате ли 8 март? Каков е вашиот однос кон овој празник?

-Да, многу го сакам 8 март. Затоа што ме врзува за убави спомени од моето детство. Се сеќавам дека на тој ден редовно одевме кај баба ми Васка Циривири, инаку таа беше првата жена претседателка на АФФЖ на СФРЈ -Антифашистичкиот фронт на жените на Југославија. Баба ми, која се одликуваше со една гордост и стаменост, беше прототип на Велика од “Пиреј” на Петре М. Андреевски, таа најголема македонско-трагична мајка над мајките. Баба ми пак мајка на три ќерки трагични хероини, а едната од нив е и Вера Циривири – Трена, која што посебно се истакна во револуционерното движење за време на Втората светска војна во Македонија. Со својата способност и патриотски авторитет во тоа време, таа ја покажа сета своја мудрост наметнувајќи се достоинствено како жена, но и како главен организатор на македонската вооружена борба против бугарскиот фашизам.

Во моето семејство посебно се негува култот на жената и таа е многу почитувана. Мојата мајка Бранка Циривири – Антоновска беше првата жена уставен судија исто така во тогашната федерација и имаше многу успешна политичка кариера. Од мала ги слушав и читав приказните за Клара Цеткин која како член на Социјалистичката партија уште во 1889 година се борела за правата на жените. Движењето за правата на жените кое започнува да се шири во Германија, Австрија, Швајцарија и Данска, успева веќе во 1911 година 8 март да го прогласи за меѓунареден ден за жената, по онаа позната конференција во Копенхаген претходната година. 

Но, за жал, барем на балканските простори жената денес не го живее своето целосно достоинство. Овој празник кај нас се сведува на скапи подароци, одење по кафеани, или излети во соседните држави, но ништо суштинско не се менува. Имаме и една друга парадоксална ситуација кај помладите жени. Младата жена денес ја изгуби својата тајна и мистериознот во лавиринтот на егзибиционизмот и ниските страсти. Како таква, таа веќе не извор на инспирација во создавањето на големите уметнички дела како во минатото. Денес жената почна и да го имитира мажот и наместо мажот и жената да се комплементарни и да формираат една хармонична, љубовна коегзистенција, тие станаа ривали, непријатели кои што се мразат во докажувањето на своето его – кој е подобар. На оваа точка тие почнуваат да се презираат помеѓу себе, а токму презирот ве уверувам, е причината за најголемиот број на разводи. Животот во рингот на натпреварот е заморен, тежок и пеколно неподнослив. Жената мора да се врати на себе си, на својата главна природа и да воспоставува светлоска хармонија во домот, а мажот да ја создава сигурноста. Денес улогите се измешани и токму тоа е причината за дезоријентацијата на младите брачни парови и се поголемата одбивност за живот во заедница. Во таа смисла, 8 март треба да е одраз на нашата култура, односот према животот и подарување безусловна љубов кон оние што не опкружуваат, показател на почит, хармонија и толеранција. Доколку почитта ја нема, тогаш и самиот празник ја губи својата смисла. Секоја жена заслужува да биде сакана и почитувана и не само на овој ден. Кога Достоевски еднаш на својата сопруга и рекол “Ана Глигориевна Достоевска, ве љубев и никогаш не ве изневерив дури ни во мислите”, помислувам  токму вакви подароци за 8 март добиваат среќните жени, а оние другите добиваат скапи.

ЖМ:  На прв поглед може да се каже дека во Македонија, како дел од традиционално конзервативниот Балкан има позитивни движења во поглед на рамноправноста на половите во политиката. Дали тие промени се доволни?

-За прв пат во нашата историја имаме жена претседателка, една прекрасна личност со остар ум, стамена појава, авторитет и енормно знаење и мудрост. Да, мислам дека токму таа треба со сето она што го носи во себе да биде инспирација на другите жени и тие да се охрабрат и да го следат нејзиниот пат. Можеби Балканот е простор каде што процесите се движат бавно, но конкретно во Македонија сега дојде на власт една нова мудра генерација на политичари, кои таквите веќе застранети и анахрони балкански сфаќања посебно околу половата доминација и дискриминација целосно ги има надминато.

ЖМ:  Како Вие ја доживувате македонската жена?

-Постојат два екстрема барем во поновата историја на Македонија во однос на женското прашање. А тоа е метафората на жена –жртва и жена најблаго да кажам бунтовничка. Третиот тип е љубената жена и онаа која љуби, а таа по самата дефиниција е среќна. Но, кај постарата генерација во Македонија среќавам жени кои што се жртви и во името на некој поголем идеал останале во бракот иако таму не се среќни. Тие не ги сакаат своите партнери или сопрузи, што за мене не само што е зачудувачко, туку е и непоимливо.

Од друга страна пак, имаме се повеќе млади жени кои што понесени од т.н. нови медиуми инстаграм, тик ток и што уште не, тежнеаат да станат прототип на нивните идоли чија единствена вредност не е мудоста, дури тоа не е ниту убавината, туку живот во луксузирања. Кога и да отворите инстаграм, ќе наидете на жени кои што постојано менуваат прескапи брендови на облека, луксузни коли со возачи, вили, јахти, подморници и што уште не. Таквата жена опкружена со луксузи, кавијари и послуга, е вљубена само во себе. Токму овој тип на жена кај младите генерации станува идеал на совршенството. Идеалот е да станете таква жена, која не е баш заинтересирана за деца и семејство, или за трансисториските морални вредности, туку таа го бара т.н. нов принц кој што токму ваков луксуз може да и пружи. Кај овој тип на млада девојка, не е веќе воопшто важно дали партнерот е криминалец, дали е необразован, оженет, прост, примитивен и некултурен, се додека тој ги плаќа нејзините скапи луксузирања тој е најдобриот избор. Со ваква една деструктивно - морална слика денес жената посебно младата, одбрала да го живее својот живот, за што медиумите и матриксот постојано и велат дека вреди само ако живее на овој начин, односно ако е добар конзумент на луксузот. Љубовта не е веќе во игра, а кога љубовта ја нема почнува процесот на деструкција и изгубеноста во светот и животот. Треба многу да се работи со младите луѓе за да сфатат дека доколку влезат во брак од љубов се ќе можат сами да создадат, затоа што љубовта го подразбира процесот на креација. Добро велеше Чехов “ако ја замениме љубовта со било што друго, тогаш трагедијата силно чука на вашите врати”. И Чехов е апсолутно во право.

ЖМ:  Љубов, брак, а потоа развод и статус самохрана мајка на две деца. Како се соочивте со ваквиот сплет на настани?Беше ли многу тешко да се оди сам по новите патишта, што најмногу ве повреди?

-Да, јас се омажив од голема љубов и сите кои што ме познаваат ќе ви потврдат дека тоа беше на почетокот една волшебна љубовна приказна, но со несреќен крај. Велат дека пред да се родиме ние го составуваме сценариото за нашиот живот, а јас по се изгледа дека сум избрала да живеам некој орфички живот (легендата за Орфеј), кога го живеете рајот а потоа судбински ќе го изгубите. Јас од тој рај за време на мојот брак, се симнав како Орфеј во пеколните долини на егзистенцијата. И немаше ништо да биде толку трагично доколку бев сама. Можеби ќе си речев еве уште една моја илузија, но сега беше поинаку. Со мене беа две мали невини деца кои постојано со зачудени погледи немо ме прашуваа што се случува. Се случи така еден ден кога веќе човек не може да оди понатаму вртејќи се во еден ист пеколен круг да ги спакувам работите и со децата да заминам. Не беше лесно, посебно кога другата страна барем на почетокот прави се да ви го направи животот исклучително трагичен. Тие разочарани детски, матни од солзите погледи, стисокот на нивните дебели рачиња, ви создаваат рани на душата што долго крварат. Од друга страна животот во оваа во околина која е со многу ниска свест, полна со осуда, лошиот прием на децата во основното училиште и нивните солзи и прашања - каде е нашиот стар дом, што се случува? Можеби тоа се едни од потешките мигови со кои што една мајка во овој живот треба да се соочи, но и брзо да се прибере, да застане храбро и неприкосновено пред светот и децата и ним да им даде искрени одговори.

ЖМ:Дали во таа борба да се грижите за две деца откривте внатрешни сили и способности за кои не сте знаеле дека ги поседувате? 

Имав прекрасно детство. Моите родители беа најсјајните светлечки ѕвезди на мојот живот. Навистина беа феноменални, остварени и успешни во својата кариера, а од друга страна посветени максимално на мене и сестра ми. Животот во родителскиот дом беше една симфонија, една прекрасна хармонија на сферите кои се спуштиле на земјата. Се сеќавам кога се ближеа празниците секој ден и секој викенд сите заедно седнувавме пуштавме класична музика а мојот татко покрај што беше успешен лекар беше и оперски пејач, вљубеник во класичната музика, мајка ми го вадеше оној посебен порцелан што се чуваше само кога ќе седневме сите заедно и ги планиравме празниците што доаѓаат. Летните месеци беа посебни доживувања и авантури. Сите одеме заедно на одмор и бевме како едно хармонично јадро. Сестра ми е жив ангел кој оди по земјата. Не знам со што заслужив да се родам во такво едно прекрасно семејство. Јас искрено мислев дека таа хармонија ќе продолжи и во мојот брак, затоа што со таа програма бев инсталирана. Но, почетокот рајски, а подоцна сопругот носеше одлуки кои што не беа добри за нашето цело семејство посебно за децата, па така се случи и тој брак заврши.

Верувајте ми ниту на сон не знаев дека поседувам толкава сила. Не знам од каде таа ми доаѓаше, не дека не бев уплашена, бев преплашена постојано еден демон во мене како да ме прашуваше -како две деца ќе израснеш во личности кои се силни, што ако застранат, што ако тргнат по лоши патишта, за среќа ништо од тоа барем за сега не се случи. Моето базчно семејство е мојот најголем тим на поддршка. Тие застанаа зад мене како карпи на кои во најтешките мигови се потпирав. Без нив не знам како ќе успеев за чија поддршка сум им бескрајно благодарна. Благодарана за секој прекрасен миг што тие во мојот живот го донесоа и што останаа моите најголеми светлини. 

Самохраната мајка е мајка лавица и таа треба да има посебен пиетет во категоризацијата на мајки. Таа не само што е силна жена, туку е и жена победник во секоја ситуација. Доколку оваа мајка изгуби една битка, не е само таа самата жртва туку и нејзините деца, затоа поразите за неа се луксуз. На сите им препорачувам да не си играат, предизвикуваат или да ја провоцираат оваа мајка, а посебно да не ја доведуваат во искушение со нејзините деца. Затоа што непостои нешто што таа нема да го направи за децата. Таа е жена победник. На сите мајки кои од различни причини сами ги чуваат своите деца би им порачала дека е нормално е да се плашат, но храброста не е отуство на страв, туку и покрај стравот да не потклекнеш, секогаш да одиш напред, да продолжиш достоинствена, исправена и горда во новиот ден. А најважно е да се почитуваш и сакаш себе си, затоа што на таков начин ги воспитуваме другите како со нас да се однесуваат.

ЖМ:  Велат дека да се ​​биде самохрана мајка е двојно повеќе работа, стрес и солзи. Но, и двојно повеќе прегратки, љубов и гордост? Со што би ја надополниле?

- Посветеност, мотивација, авантура, одговорност, исцрпеност, забава, слобода, вера, заеднички молитви и игра.

ЖМ:  Може ли убавината да го спаси светот?

- Само убавината може, но онаа убавина за која што Достоевски како најголем естетичар ни ја покажа. Имено, една многу важна тема која што Достевски ја отвора е темата посветена на убавината. Можеби не постои по фантастична и по естетичка тема од убавината токму во романите на Достоевски. Но, што точно Достоевски ни кажува за убавината, како да ја разбереме оваа метафизичко-сонувачка појава без да западнеме во нејзината противречност и негација. Пред да ја сфатиме суштината на било кој поим што се наоѓа во романите на Достоевски, ние мораме да го анализираме од аспект на неговиот антагонизам. Кога го толкуваме Достовески постои голема опасност од редукционизмот, затоа што Достоевски не можеме да го сфатиме без негацијата и амбиваленцијата на идејата која што тој ја застапува. На пример ставот “Ако нема Бог се е дозволено”, е став кој што се побива во делата на Достоевски преку својата негација, а тоа е безусловната љубов кон човекот. Иста таква грешка можеме да направиме и со оваа мисла на Достоевски која што екстензивно се цитира дека “убавината ќе го спаси светот”. Точно е дека оваа е мисла на Достоевски и тој одлучува да биде соопштена преку Аглаја Ивановна во неговиот роман “Идиот”, но сепак, кога се цитира не е земен предвид во кој контекст е кажана, во кој роман, ниту во која ситуација, или во која негација (релативизација). Аглаја која е една од главните ликови во романот го кани Кнезот Мишкин да дојде на приемот кај нив и му вели да внимава да не ја скрши кинеската вазна која што има голема вредност за неа, (се разбира тој тоа ќе го направи) и додава: “И ве молам немојте да зборувате онакви глупости како минатиот пат, дека убавината ќе го спаси светот”, се разбира таа мислејќи на нејзината убавина. Сепак убавината во целото значење се до совршенството, Достоевски ќе го разработи во својот последен роман “Браќа Карамазови”. “Убавината, Аљоша таа е ужасна и застрашувачка, застрашувачка затоа што е недефинирлива, Бог и ѓаволот таму се бијат, а бојното поле е човековото срце.” “Убавината и молитвата тоа е целосната синтеза на животот” вели Достоевски.

Платонистичкиот идеал дека убавината е еквивалент со добрината на душата, како и оној Кантовски императив “ништо не ме возбудува така како ѕвезденото небо над мене и моралниот закон во мене”, содржани се во убавината на вистинскиот, доблесен човек каков што е Кнезот Мишкин. На крајот тоа е најголемиот небески идеал, дека доброто не спасува, а во доброто се појавува ликот божји како убавина и како светлина. Кнезот Мишкин во истоименото дело на едно место вели и за Настасија Филиповна, “ах колку е убава во својата добрина, ако само таа добрина би можела некако да излезе во овој за неа толку непријателски свет, светот ќе биде спасен”. Во контексот на романот “Идиот”, се разбира дека се работи за внатрешната духовна убавина и во таа смисла Достоевски ни ја нуди оваа фраза. Достоевски ни покажа како свесноста на луѓето во современиот свет ја третираат убавината и дека таа навистина за нив е предрасуда, без да навлезат во нејзините длабочини. Настасија Филиповна ќе ги запали парите на Рогожин што тој ќе и ги даде, гледајќи во оганот таа го виде својот уништен живот кога луѓето тргуваа со нејзината надворешна убавина, но никој од нив не го виде убавото срце нејзино, затоа што луѓето не умеаат да љубат туку само да судат. Достоевски додека работи на романот му пишува на својот пријател Мајков дека создава нешто сосема невозможно - лик за совршениот убав човек. Истовремено, во нацртите при создавањето на романот, постои и едно писмо од Достоевски со наслов: Светот на убавината ќе биде спасен. Достоевски на Настасија Филиповна и ја дава нејзината заносна убавина, но убавина која е згазена од Петрогратскиот висок социјален слој кој што тргува со неа за пари. Токму тој круг не можеше да ја види нејзината духовна сила и добрината на нејзиното срце. Во таа смисла убавината вели Достоевски, носи големи предрасуди. Нејзината внатрешна убавина успеа да ја види само оној кој имаше исто такво срце, а тоа беше Кнезот Мишкин.

Тоа е и оној стих кај Гете во “Фауст”, кога тој се клади со ѓаволот и вели “ако еднаш од мене слушнеш дојди кај мене и вечно трај, ти си победникот и тоа е мојот крај”. Ѓаволот на Фауст му ја нуди вечната младост и надворешна убавина и во еден миг Фауст ќе го повика ѓаволот три пати да остане кај него, а со тоа тој ќе ја изгуби опкладата и демонот ќе победи. Во таа смисла самото идолско обожување на надворешниот сјај на “убавината”без светлината на душата и смислата, убавината која е сведена на сетилното како обожување на материјалното тело над духовното, е она заради кое овој свет ќе пропадне, или нема да може да биде спасен.

ЖМ: Што е во 21 век злосторство, а што соодветна казна?

-Злосторство е токму третманот на убавината. Казната е иморализмот. Во овој свет каде што се е релативно, сите убиствата на духот се дозволени, каде што ништо не е свето кога она што е вредно се декларира како не вредно, или како што вели една поетеса во овој свет сатанските стихови ни се претставени како сатенски, ете ја казната на човештвото. Посебно убавината, е секогаш загрозена во овој свет. Во светот на изместените вредности, измешаните конфесии, суровоста и примитивизмот, третманот на убавината има контра естетско дејство. Убавината, посебно во нашиов век е измачувана од злото и несреќите. Таа, а па да, тука е најголемиот парадокс, е предуслов за несреќа, на неа како постојано нешто да и се заканува. Восхитот на земјата е заменет со нагоните, па убавината тука мора да сведочи на одземањето на нејзиното достоинство. Токму затоа убавината во овој свет мора да пропадне, а нејзиниот дар да биде укинат, затоа што премногу ги потсетува другите на нивната сопствена нискост. Убавината е најлесно да ја осудиме, очекувањата од неа ни се преголеми, но и разочарувањата. Како да се конзервира убавината во светот на злобата, љубомората, доминацијата? Како да се живее со убавината на земјата? Како да се заштити од оние на кои нејзиното пројавување е осуда и казна, а нејзиното светкање предизвикува бес и пакост? На убавината и е тешко во овој стеснет свет, таа е мачена од злото и несреќите на другите. На убавото битие му е тешко, неиздржливо тешко на земјата.

Има право Гете кога вели дека "секоја убавина има свое ѕвездено време". Тоа е паѓањето на ѕвездата на земјата. Ѕвездата свети еден неполн миг на хоризонтот и во еден момент таа ќе мора да падне на земјата. Во тој миг кога е на небескиот свод ни се чини неуништлива. Но, тоа е ветување без основа. Убавината и да најде свое уточиште ќе мора на некој начин да пропадне, сите се сеќаваме на Настасија Филиповна, или Мара и Веле паша кај Иво Андриќ? Што ни велат Достоевски и Андриќ? Оние кои ја поседуваат убавината, не се спремни на нејзиното пропаѓање. А таа во мигот на пропаѓањето мора да биде уништена, освестувајќи дека била љубена заради својот краток ѕвезден миг. И ништо повеќе и ништо помалку.

Можеби има право Иво Андриќ кога вели дека околу убавината секогаш се кршат мракот на човечката судбина и сјајот на човековата крв.

ЖМ: Од неодамна имате нов работен ангажман, советничка на премиерот за култура. Што ќе ви биде приоритет?

Чувствувам голема благодарност и одговорност кон Претседателот на Владата и премиер проф.д-р. Христијан Мицкоски и кон г-дин Љупчо Димовски потпретседател на Владата на Република Македонија задолжен за политички систем за можноста што ми ја дадоа да бидам ангажирана како советник за култура на премиерот. Посебно ми е задоволсвото, како и честа да бидам член на на тој најтесен тим во Владата која што токму овие мудри политичари ја раководат. Моето ново работно место е една високо научна, истражувачка во областа на културата и можам да кажам академско-политичка средина, исполнета со почит. Таму културата на однесувањето е на највисоко можно ниво, а работата се одвива во атмосфера преполна со силна креативна енергија. Знаете ретки се денес работните средини каде што вашето мислење е релевантно и слушнато. Посебно е чувството да работите со мудри професионалци чие знаење постојано ве инспирира и ве тера да бидете уште подобри. 

Мојот фокус веќе е свртен во давањето на нови и свежи идеи во создавањето на една нова културна политика во државата. Во минатите години на претходната власт сведочевме на систематското рушење токму на културните фундаменти на државата. Доколку немате култура немате ни нација, затоа што културата е најважниот белег на нацијата. А без нација немате ниту држава. Во таа смисла, големо е културното значење на еден народ затоа што во него е сместен целиот национален идентитет. Приоритетот на секоја културна стратегија е во зачувувањето на нашето единствено и грандиозно културното наследство, но можеби е најважен е поттикот во создавањето на новото културно и уметничко творештво. Затоа што само на ваков начин вие осавате и печат во историјата и создавате културно наследство за некои нови генерации.

Соња Алексоска Неделковска