Посна салата од тиквички и компир + главен ручек за старт на постите

Денеска стартуваат Велигденските пости, а по тој повод Женски магазин секојдневно ќе ве инспирира со посни менија. Од посни салати, главни јадења па се до десерти.
Понеделнички, почнуваме со идеја за посна салата од тиквички и компир.
Состојки кои ќе ви требаат:
-2 средни тиквички (исечени на тенки парчиња),
-3 компири (варени, излупени и исечкани на коцки),
-1 праз (исечен на прстени),
-2 лажици маслиново масло,
-1 лажица сок од лимон,
-сол и бибер по вкус,
-свеж магдонос за декорација.
Посна салата од тиквички и компири се подготвува на следниов начин:
Избланширајте (бланширањето е постапка при која овошјето или зеленчукот се потопува во вода која врие.) ги тиквичките во врела вода неколку минути додека не омекнат, а потоа исцедете ги и оставете ги да се изладат.
Во голема чинија ставете ги компирите, тиквичките и празот.
Измешајте маслиново масло, сок од лимон, сол и бибер и прелијте врз салатата.
Добро измешајте и пред послужување посипете со свеж магдонос.
За гавен ручек во денешното понеделничко мени пак ви предлагаме да направите посен ѓувеч со печурки.Состојки кои ќе ви требаат:
-200 гр ориз,
-400 гр печурки,
-1 кромид,
-2 моркови,
-1 црвена пиперка,
-1 зелена пиперка,
-2 домати,
-100 гр грашок (може да биде замрзнат),
-2 чешниња лук,
-1 лажичка пиперка во прав,
-сол и бибер по вкус,
-2-3 лажици масло,
-магдонос за декорација.
Се подготвува на следниов начин:
На масло пропржете ги ситно сечканиот кромид и лукот додека да омекнат. Додадете сечкани моркови, пиперки и печурки и пржете додека зеленчукот не омекне.
Додадете го оризот и кратко пропржете со зеленчукот, па додајте ги сечканите домати и грашокот. Зачинете со пиперка во прав, сол и бибер, а потоа прелијте со вода да покрие сè (околу 600 ml).
Гответе на средна топлина додека оризот не омекне, потоа префрлете го во рерна и печете на 180°C околу 20 минути, додека не порумени.
Пред сервирање посипете со свеж магдонос.