Жаклина Пешевска, пратеничка: Иако немав лесно детство, сите предизвици ме направија силна и храбра

Отсекогаш ja интересирале важните одлуки од национален интерес и се вклучувала во дебати уште од студентските клупи. Но, активно почнала да се занимава со политика пред 20 години.
Жаклина Пешевска(46) дипломиран инженер технолог, пратеничка во Собранието на РМ од редовите на ВМРО –ДПМНЕ е сопруга на Алењксандар и мајка на Стефан((21), Марија(17) и Матеј(11)
ЖМ: Дел од новиот парламентарен состав? Која е убавината на пратеничката функција?
- Во мај 2024 година го започнав мојот трет мандат како пратеник во македонското собрание. Можноста да се служи на народот е мотивацијата која ни дава сила и храброст да се соочиме со сите предизвици кои ги носи функцијата.
ЖМ: Тимската работа во Собранието оди напред, секој е дел од успехот. Каква е комуникацијата со останатите пратеници?
- Би рекла колегијана пред сѐ. Сакам да верувам дека секој дава сѐ од себе да биде коректен и да помага кога може. Со оглед на тоа што во Собранието се застапени повеќето политички партии, не секогаш имаме исто мислење, а тоа повлекува на дебата, која пак ја гарантира демократијата во Македонија.
ЖМ: Во кој период од животот политиката стана ваш избор?
- Отсекогаш ме интересирале националните интереси на Македонија, на процесите за носење на важни одлуки од национален интерес и добробит на обичниот граѓанин. Знаев да се вклучам во дебати на темите уште од студентските клупи, но активно почнав да се занимавам со политика пред 20 години.
ЖМ: Политиката создава нови познанства, дава можност за докажување во повеќе сфери, но одзема многу од приватниот живот. Како ви изгледа еден работен ден?
- Денот го започнувам со утринско какао со сопругот. Потоа одам на базен и се подготвувам за дневните активности. Во зависност од закажаните активности, претежно денот го минувам во Собрание, партиското седиште или помеѓу граѓаните. За жал, не често успевам да бидам дома за семеен ручек, но се трудам да не ја пропуштам вечерата, кога со семејството споделуваме како го поминавме денот.
ЖМ: Надвор од полтичката арена, секој политичар, открива дел од личноста која е непозната за јавноста. Кои се вашите особини кои ве красат како мајка, сопруга, сестра, пријателка?
- Важам за прилично непосредна и друштвена личност и да бидам искрена не можам да се сетам на нешто што не би било познато за мене. Како мајка, сопруга, сестра и пријателка, се трудам секогаш да одвојам време за најблиските, па и за пријателите и за среќа опкружена сум со прекрасни луѓе кои имаат неизмернразбирање за комплексноста на мојата функција и се моја најголема поддршка.
ЖМ: Каде ви мина детството?
- Од денешна перспектива, со гордост можам да кажам дека иако немав лесно детство, сите предизвици од детството ме направија да бидам силната и храбра Жаклина. Пораснав со моите сестри и брат близнак во Ѓорче Петров со кои ја засакав идејата за големо семејство и полна куќа со многу смеа и убави спомени.
ЖМ: Кои се сеќавањата на младоста?
- Најубавите спомени од мојата младост ми се со играорната група „Григор Прличев“ во средношколските денови, а како студентка имав прилично активен друштвен живот. Тоа значи концерти, друштвени игри, забави или кратко кажано, прекрасни сомени.
ЖМ: Во овој период има многу жени политичарки, успешни и на високи позиции. Како претседателка на УЖ на ВМРО ДПМНЕ за што најмногу се залагате?
- Добра констатација. Би надополнила само дека не само што е зголемен бројот на жени политичарки, туку и ја добивме првата жена претседател на Македонија. Не само што активно се залагав за достижност на високи државнички позиции за жени, туку и за зголемување на процентот на жени активни политичарки во сите сфери во општеството. Би сакала да се унапреди позицијата на жената во македонското општество и со тоа да бидеме пример на сите земји во Европа и во светот.
ЖМ: Ова е време кога пријателите во кои имаме доверба ги броиме на прсти само на една рака. Особено кога човек е на функција. Имате ли искрени пријателства кои верувате дека ќе траат и по завршувањето на функцијата?
- Би сакала да верувам дека пријателствата траат вечно, без разлика дали некој е на некоја важна функција или не. За среќа, имам долгогодишни пријатели на кои можам да им верувам и да се обратам за помош кога и да ми е потребна. И за нив верувам дека ќе траат и по завршувањето на мојот мандат.
Соња Алексоска Неделковска
Фото: Приватна архива