„Да не го потиснуваме мајчиниот јазик кој ја отелотворува суштината на идентитетот, вредностите и аспирациите на една нација“: Професор Ана Симонова за Женски магазин

„Потребна е коренита промена во односот кон нашиот мајчин македонски јазик и сметам дека сите ученици независно на која географска положба се наоѓаат, независно на кој јазик говорат дома треба првенствено да го научат македонскиот јазик, бидејќи се пред сѐ граѓани на Македонија. Потребно е да се зголеми свеста во однос на овие прашања за нашиот јазик и идентитет и без страв да се покаже љубов кон нив и секако заштитнички став кој се поретко го слушаме и гледаме од нашите политичари“ , вели за Женски магазин професорката по македонски јазик и литература Ана Симонова на денешниот Меѓународен ден на мајчиниот јазик, 21 Февруари.
Симонова веќе 15 години е вработена во образованието и е професор во ОУ Раде Кратовче во Кочани. Таа е сопруга и мајка на две дечиња, Регионален претседател на НСОН, а исто така е и претседател на Здружението на граѓани за заштита на животната средина „Грин.орг“. Активно работи и во делот заштита на животната средина, а во слободното време сака да пишува поезија.
Со неа денеска зборуваме на тема мајчин јазик. Овој ден се слави низ целиот свет со разни активности насочени кон зачувување и унапредување на мајчините јазици.

ЖМ: Дали и колку си го познаваме мајчиниот јазик и колку е важна основата од најрана возраст?
-Познавањето на јазикот може многу да варира под влијание на многу фактори како што се образованието и изложеноста на социјални интеракции. Општо земено училишната програма се одвива на македонски јазик, но учениците се изложени и на влијание од други странски јазици. Од друга страна двојазичните образовни програми можат да го подобрат разбирањето на лингвистичката различност. Силната основа на мајчиниот јазик помага во учењето дополнителни јазици подоцна додека пак раната изложеност на учење на јазикот ги подобрува когнитивните способности и комуникациските вештини. Преку доволно познавање на мајчиниот јазик и негово учење децата се поврзуваат и со нивните културни корени и го поттикнува чувството на припадност. Премногу важно е да се обрне внимание на запознавање на мајчиниот јазик уште од најрана возраст заради погоренаведените аргументи. Сакам да нагласам дека лежерната природа на онлајн комуникацијата може да доведе до опаѓање на правилната употреба на мајчиниот јазик бидејќи младите овде усвојуваат помалку формални јазични стилови кои не ја одразуваат соодветната граматика, па токму затоа треба да се стремиме за што покоренито да го изучиме мајчиниот јазик преку соодветна литература. Мислам дека е потребно да се изготват посебни соодветни програми за различни категории на ученици во сите одделенија за што подобро изучување на нашиот мајчин јазик бидејќи секој од нив ја нема истата основа и капацитет, но важно е да се научи основата на македонскиот јазик затоа што неретко веќе се среќаваме со ученици кои неписмени на својот мајчин јазик ги завршуваат годините.
ЖМ: Брзиот развој на технологијата, користењето на интернетот и социјалните мрежи придонесе младите наместо правилното користење и усовршување на мајчиниот јазик да го заменат со фрази па дури и комуникација со некој од странските јазици. Зошто ни се случува ова?
- Социјалните медиуми поттикнуваат неформални стилови на комуникација кои често даваат приоритет на брзината и краткоста пред граматичката исправност. Ова може да доведе до употреба на стенографија, сленг па дури и префрлување код меѓу јазиците. Брзиот развој на технологијата ги изложува младите на влијание од странски јазици посебно на англискиот јазик со што се зголемува користењето на странски фрази при говорење на мајчиниот јазик со што го загрозува јазикот на малцинствата. Зачувувањето на мајчиниот јазик е од витално значење за да се одржи културната разновидност и да се спротивстави на хомогенизацијата.
ЖМ: Која е најдобра возраст да почне да се изучуваат странските јазици? За малите дечиња велат дека се „сунѓери“ во однос на впивање на информациите, пренесување на знаењата и сл. Какви се вашите искуства?
-Генерално мајчиниот јазик не е само средство за комуникација туку истиот ја отелотворува суштината на идентитетот, вредностите и аспирациите на една нација што го прави неговото зачувување и промовирање од витално значење за културната одржливост и националната кохезија. Странските јазици треба да започнат да се изучуваат во погорните одделенија кога веќе ќе биде научена основата на македонскиот мајчин јазик и кога учениците ќе го разберат темелно неговото значење и што значи тој за нив, примарно е не само да се научи туку да се влее и љубов кон мајчиниот јазик и да се знае вредноста за негово темелно изучување и знаење. Сега се наметнува изучување на странски јазик уште во прво одделение, а учениците сѐ уште не стекнале знаење за сопствениот јазик со сето ова правиме и генерализација на значењето на јазиците или нивно поистоветување и ова влијае и врз чувството на припадност како и врз она од колку големо значење е најпрвин темелно да се научи сопствениот мајчин јазик.
ЖМ: Кога децата ја учат разликата помеѓу граматичката точност и значењето на зборовите и јазикот?
- Децата постојано учат уште од самиот старт за граматичка точност и значење на зборовите и јазикот, но сметам дека значењето на јазикот не е доволно силно презентирано пред учениците. Уште со самиот факт дека се избришаа лекциите во шесто одделение за историјата на македонскиот јазик треба да ни биде јасно дека ова е нанесување на огромна штета врз нашите ученици, врз нивното знаење за корените на нашиот јазик како и за зацврстување на идентитетот. Граматичката точност се усовршува сите години од образованието на учениците, а се збогатува и вокабуларот и елоквентноста во говорењето. Можеме многу лесно да препознаеме кој ученик сака да чита книги, а кој го избегнува истото бидејќи сметам дека читањето на книги на македонски јазик и обработката на самите лектири се од исклучително значење за учениците во збогатување на речникот, граматички правилно изразување како и писмено изразување.
ЖМ: Последниве неколку години бележат тенденција на зголемена понуда од курсеви по странски јазици наменети за деца од предучилишна возраст. Овој тренд е во духот на светските едукативни политики за воведување задолжителен странски јазик на што порана возраст. Што мислите околу овие состојби?
- Секако дека учениците треба да изучуваат странски јазици сето тоа подоцна кај нас носи и економски бенефит, но како што наведов во претходниот одговор од најрана возраст учениците треба да посветат најмногу внимание кон мајчиниот јазик, да стекнат знаење и љубов кои се основни темели а потоа да се почне со изучување на странски јазици. Јасно е и дека овде се работи и за финансиски бенефит, но наставниците по странски јазици самите треба да бидат свесни и да постават соодветна возраст од која ќе нудат курсеви по странски јазици и претходно можеби и да прават прашалници околу познавањето првенствено на мајчиниот јазик.
ЖМ: Колку ние како Македонци, си го сакаме и почитуваме мајчиниот јазик? Сметате ли дека е доволно тоа што се прави и од страна на државата, институциите за да се зачува мајчиниот јазик, потребно ли е нешто за промена и што според вас?
-Потребна е коренита промена во односот кон нашиот мајчин македонски јазик и сметам дека сите ученици независно на која географска положба се наоѓаат, независно на кој јазик говорат дома треба првенствено да го научат македонскиот јазик бидејќи се пред се граѓани на Македонија. Потребно е да се зголеми свеста во однос на овие прашања за нашиот јазик и идентитет и без страв да се покаже љубов кон нив и секако заштитнички став кој се поретко го слушаме и гледаме од нашите политичари. Токму ова е и причина што самите ние Македонците си го потиснуваме нашиот јазик во сопствената држава го потиснуваме и доведуваме до прашање нашиот идентитет па така и може да го видиме резултатот со десетина запишани студенти на катедрата за Македонски јазик и литература. Има и Македонци кои се гордеат со својот јазик гледајќи го како симбол на нивниот идентитет и наследство што многу често се рефлектира во литературата, уметноста и музиката. Потребно е универзитетите и училиштата да ја промовираат употребата на македонскиот јазик што помага во негување чувство за идентитет кај помладите генерации. Поттикнување на употребата на дијалекти и варијанти може дополнително да го збогати јазикот и да поттикне пошироко разбирање за неговото културно значење. Би било убаво и да се даде поддршка за јазично образование и секој граѓанин да има пристап до учење на македонскиот јазик, воедно и преку промоција на литературата и уметноста преку поддршка на локални автори, поети и уметници кои го користат македонскиот јазик може да се подобри културниот производ и да се поттикне гордост со јазичното наследство.
ЖМ: Дали сметате дека помладите генерации го имаат истиот интерес за негување и правилно користење на македонскиот јазик како претходните генерации?
- Сметам дека помладите генерации сѐ повеќе се насочуваат кон странските јазици , а ние многу лежерно го прифаќаме сето тоа како да се работи за некоја наша претходно смислена агенда за заборав на македонскиот јазик и негово постоење. Лесно воочлива е рамнодушноста на голем дел од помладите генерации кога се работи за македонскиот јазик, неговото уништување и потиснување. Има дел од помладите генерации кои веројатно имаат налетано на посвесни родители, наставници или самите се позрели во однос на овие прашања па можеме да прочитаме поезија или да слушнеме песни компонирани на нашиот мајчин јазик што ми влева некоја надеж и ме прави горда на нив. Жалам што недоволен дел финансии се издвојува за промоција на македонскиот јазик и култура кај младата популација па така истите се доведени до чувство на апатија кон сопствениот јазик и идентитет. Дел од младите генерации сѐ уште имаат желба да се поврзат со нивното културно наследство меѓутоа овој интерес се манифестира поинаку во споредба со претходните генерации кои се соочиле со различни социополитички околности што ја обликувале нивната употреба на јазикот и напорите за зачувување. На крајот од се иако може да има предизвици во одржување на истото ниво на интерес сѐ уште постои потенцијал за младите генерации да го ценат и промовираат македонскиот јазик особено ако се поддржани од културни иницијативи и образовни можности.
Ирена Ставрова