Отскокнувачките обувки не се само алатка за вежбање, туку вистински трансформатор за телото и здравјето: Тамара Јовановска за Женски магазин

Добивај вести на Viber

Tамара Јовановска е 33 годишна мајка, сопруга, дама од Скопје, која води здрав начин на живот, но води живот во градот и на село. Таа е сертифицирана инструкторка за Kangoo Jumps Power и Kangoo Jumps Boot Camp програмите. Првпат се сретнала со отскокнувачките обувки пред скоро 9 години и веднаш се вљубила во концептот.

По природа е ентузијаст и сака да испробува неконвенционални работи. Тоа ја инспирира и ѝ дава нови перспективи за животот. Верува дека така учиме нешто ново и се запознаваме уште подобро себеси.

Голем дел од своето време го посветува на семејството и луѓето кои ѝ ја даваат својата доверба и се дел од нејзините проекти и тренинзи. Со задоволство сподува повеќе за себе и за она што ја инспирира за Женски магазин.

ЖМ: Тамара Вие сте инструкторка за Kangoo Jumps. Раскажете ни нешто за вашата професија, кога за прв пат се сретнавте со отскокнувачките обувки?

- Да, јас сум сертифицирана инструкторка за Kangoo Jumps Power и Kangoo Jumps Boot Camp програмите. Оваа професија за мене е многу повеќе од работа – тоа е вистинска страст. Првпат се сретнав со отскокнувачките обувки пред скоро 9 години и веднаш се заљубив во концептот.

Првиот тренинг ми беше многу интересно искуство, посебно затоа што цел живот сум во спорт. Сум се занимавала и со екстремни спортови, но, кога застанав на отскокнувачките чевли, почувствував страв и несигурност – искрено, мислев дека ќе паднам (се смее).

Сепак, тука преовлада мојот карактер – не сакам да се откажувам, особено не на првиот обид. Тренингот го вежбав блиску до ѕидот за да имам некаква сигурност, но веќе од следниот тренинг работите се сменија. Брзо се приспособив, и оттогаш, до ден-денес, нема ништо што повеќе ме исполнува од Kangoo Jumps.

Сега, после 9 години, можам со сигурност да кажам дека тоа беше една од најдобрите одлуки што сум ги донела, и сум бескрајно благодарна на себе што тогаш не се откажав. Затоа секогаш ги охрабрувам сите – ако можев јас, можете и вие! Понекогаш, најважно е само да се направи првиот чекор.

Кangoo Jumps не е само фитнес програма – тоа е уникатна комбинација на забава, енергија и физичка активност што ги мотивира луѓето да се движат и да се чувствуваат одлично. Она што најмногу ме привлекува е фактот дека оваа активност е совршена и за почетници и за искусни фитнес ентузијасти. Покрај тоа, отскокнувачките обувки го намалуваат оптоварувањето на зглобовите, што ја прави оваа програма достапна за сите возрасти, како и за луѓе кои поради повреда не можат да тренираат друг спорт.



ЖМ: Која ви беше првата мисла што ви помина низ глава кога ги пробавте отскокнувачките чевли?

-  Уфф, првата мисла беше “WOOOOW колку е ова добро” и дека морам да го пренесам на луѓето. Веднаш одлучив да се сертифицирам и да започнам да ја пренесувам љубовта за Kangoo Jumps, што е моја љубов на прв скок и не само што трае 9 години, туку одново се вљубувам благодарение на мојот личен резултат и резултатите на моите вежбачи.

ЖМ: Главна алатка во вашата професија се отскокнувачките обувки. Раскажете ни за нив – што функција имаат тие за еден тренинг - како влијаат на телото, на здравјето?

-  Да, отскокнувачките обувки се главната алатка во мојата професија и се она што го прави Kangoo Jumps тренингот толку уникатен и ефикасен. Овие обувки се специјално дизајнирани со систем за амортизација, кој го намалува оптоварувањето на зглобовите и колената до 80%. Тоа ги прави совршени за сите, без разлика на нивото на физичка подготвеност или возраста.

-  Функцијата на обувките е да овозможат динамични движења, кои го активираат целото тело. Благодарение на тоа, секој тренинг не само што ја подобрува издржливоста и кардиоваскуларното здравје, туку истовремено ги зајакнува мускулите и ја подобрува рамнотежата и координацијата.

-  Дополнително, Kangoo Jumps тренингот е одличен за согорување калории – може да се потрошат од 500 до 800 калории во еден час, а истовремено телото се тонира и се обликува. Има 33 бенефити од овој тренинг. Одлично влијае на умот – чувството на ослободување од стрес и чиста радост додека скокате е незаменливо.

Овие обувки го трансформираат тренингот во забавно и здраво искуство кое ги мотивира луѓето да се враќаат повторно.



ЖМ: Дали е во духот на тоа што сакаш да го пренесеш?

- Апсолутно! Отскокнувачките обувки не се само алатка за вежбање, туку вистински трансформатор за телото и здравјето. Сакав да пренесам дека тие не само што го прават тренингот забавен и динамичен, туку и обезбедуваат бројни придобивки – од заштита на зглобовите до подобрување на кардиоваскуларното здравје, зголемување на енергијата, како и лачење на хормонот за среќа за време и по тренингот.

Покрај тоа, за мене ова не е само фитнес, туку начин на живот. Пренесувам здрави навики кои не се сведуваат само на обликување на телото, туку и на здраво стареење, виталност и континуирана енергија. Тренингот не е само за да изгледаме добро, туку за да се чувствуваме силно, здраво и полно со живот – денес, но и на подолг рок

ЖМ: Се слабее ли со нив?

„Да, со сигурност може да се слабее со Kangoo Jumps. Тренингот со овие обувки е одличен за согорување калории, бидејќи комбинира кардио и сила, што го прави многу ефикасен за слабеење и намалување на целулитот.

Во еден час тренинг, може да согорите од 500 до 1000 калории, во зависност од интензитетот и вашето ниво на физичка подготвеност. Со редовно вежбање, резултатите ќе бидат видливи не само во подобрувањето на кондицијата, туку и во намалувањето на телесната тежина, посебно ако се комбинира со здрава исхрана.

Она што го прави Kangoo Jumps уште поефективно е тоа што оваа активност ги активира сите мускулни групи, што помага да се согоруваат масти и да се изградува мускулна маса, а истовремено да се намали ризикот од повреди, благодарение на амортизацијата што ја обезбедуваат обувките.

Дополнително, за оние кои сакаат побрзи или специфични резултати, како и за здрав опоравок, правам персонализиран план на исхрана кој ги поддржува целите на секој поединец. Здравата исхрана е клучна за максимално искористување на потенцијалот на тренинзите, и тоа го вклучувам како дел од комплетниот процес.

Тоа што го практикувам јас и што ме води до физичкиот резултат што го имам, како и до високото ниво на енергија, е токму комбинацијата на редовни тренинзи и правилна исхрана. Ова е клучна комбинација за постигнување и одржување на резултатите, затоа, со задоволство ја пренесувам таа филозофија и на моите вежбачи.



ЖМ: Кој се може да ги користи отскокнувачките обувки –од која до која возрасна група?

- Отскокнувачките обувки се прилагодени за широк спектар на корисници, од почетници до искусни спортисти. Тие се безбедни и достапни за сите возрасти и нивоа на физичка подготвеност, што ги прави идеални за голем број луѓе.

Обично, може да ги користат лица од 7 до 70 години, во зависност од нивната физичка состојба и здравје. Има луѓе кои започнуваат со Kangoo Jumps во помлада возраст, како деца и тинејџери, но исто така и повозрасни лица кои се активно ангажирани во спорт или сакаат да ги подобрат своите здравствени параметри и физичка подготвеност.

Отскокнувачките обувки се одлични и за оние кои имаат проблеми со зглобовите, бидејќи ги намалуваат ударите при секое скокање, така што се безбедни и за лица со артритис или слични состојби.



ЖМ: Вие сте и мајка на три дечиња. Притоа имате одлична фигура и изгледате совршено. Колку за тоа е „виновно“ вежбањето?

- Да, мајка сум на три деца, и едно од најголемите прашања што ги добивам е како успевам да одржам добра форма и енергија. Вежбањето, и конкретно Kangoo Jumps, има огромен удел во тоа. За мене, тоа не е само начин да ја одржам физичката форма, туку и начин да се ослободам од стресот и да се чувствувам добро.

Тренинзите ми даваат енергија и ја подобруваат мојата психо-физичка состојба. Благодарение на редовните вежби, можам да го задржам тонусот на телото и да ја подобрам мојата издржливост, што е многу важно за активен живот како мајка.

Секој ден е нова авантура, особено со три деца, и за да можам да им се посветам и да ја обавувам секојдневната динамика, треба да се чувствувам физички и ментално силна. Вежбањето ми го овозможува тоа. Кога се чувствувам добро во своето тело, се чувствувам подобро и во сите други аспекти на животот.

Но, исто така, не треба да се заборави важноста на исхраната, особено кога имате толку динамичен живот. За да се одржи висока енергија и имунитет, исхраната треба да биде избалансирана и богата со витамини, минерали и макронутриенти. Јас се фокусирам на едноставни и брзи комбинации на оброци кои ми помагаат да одржам форма и енергија на долг рок. Пијам многу вода и користам суплементи кои ми помагаат да го одржам имунитетот силен и мојата енергија стабилна.

Кога сум на оваа рутина на вежбање и исхрана, лесно го балансирам и темпото на животот, и така можам да бидам најдобрата верзија на себе, како жена и мајка.


ЖМ: Разгледувајќи го вашиот профил на социјалните мрежи забележавме дека практикувате живот во градот, но и во село ? Колку често поминувате време на село, колку е поразличен животот таму од градскиот гледано од ваша перспектива?

-Да, навистина уживам во балансот помеѓу градскиот и селскиот живот. Животот во градот ми овозможува динамика, работа, тренинзи и социјализација, додека времето поминато на село ми носи мир, природна енергија и вистински одмор за телото и умот.

Колку често сум на село зависи од обврските, но се трудам што почесто да поминувам време таму, бидејќи природата има неверојатно позитивно влијание врз мене. Тоа е место каде што можам да се поврзам со земјата, да уживам во чист воздух, да се ослободам од стресот и да наполнам батерии.

Разликата помеѓу градскиот и селскиот живот е огромна. Во градот сè е брзо, динамично, постојано си во движење, средби, тренинзи, обврски. На село, пак, сè е поспокојно – таму времето тече поинаку, можам да се посветам на себеси, на семејството, на здрави навики, како прошетки, свежа храна, релаксација.

Чистиот воздух и времето поминато со животните или работа во бавчата е релаксација и бенефит за целото семејство. Таму времето како да е застанато (се смее).

Токму овој баланс ми помага да ја зачувам енергијата и фокусот. Верувам дека е важно да се има простор каде што можеш да се повлечеш, да се опуштиш и повторно да се поврзеш со природата и себеси. За мене тоа е еден од најдобрите начини за одржување на менталната и физичката рамнотежа.


ЖМ: Како изгледа еден ваш ден, со кој го пиете првото утринско кафе, ваши дневни планови и обврски?

Кафе не пијам. Денот го започнувам со шолја чај со алое, тоа е моето кафе. Комбинирам заедно со високонутритивен шејк кои ми даваат енергија за целиот ден. Оваа рутина е моја добитна комбинација веќе 15 години. Искрено, обожавам кога тоа е во тишина, со добра книга или пак сама со своите мисли и психички подготовки за денот. Во последните години ретко кога тоа изгледа така (се смее). Обично е придружено со џагор и растрчани деца кои се спремни за акција, но се научив да се прилагодам и да уживам во тоа.

Потоа, денот ми се исполнува со различни обврски – тренинзи, работа со клиенти, комуникација на социјалните мрежи, но и организација на семејниот живот. Ако сум во градот, утрото ми започнува со 5минути вежби за истегнување или подготовка за часовите што ги држам. Ако сум на село, го започнувам со прошетка во дворот и “посета” на животните, што ми дава дополнителна енергија и свежина. Бидејќи станувам навистина рано, моментот кога се буди природата е посебен за мене. Се трудам да го впијам со сите сетила.

Покрај физичката активност, многу ми е важна и исхраната, па во текот на денот внимавам на внесот на нутритивно балансирани оброци, бидејќи само така можам да одржам доволно енергија за моето темпо. Нормално, тука спаѓаат и оброците за целото семејство.

Попладнето го користам за кратка пауза и подготовка на децата пред да заминам во сала. Вечерта обично е резервирана за релаксација – време поминато со сопругот и децата, читање книга, гледаме долгометражен цртан или едноставно уживање во се она што ни го носи денот.

Секој ден ми е динамичен, но токму тој баланс ме прави исполнета – комбинацијата на работа, движење, семејство и време за себе е она што ме мотивира и ме прави најдобрата верзија од себе.


ЖМ: Што ве мотивира?

- Ме мотивира чувството на енергија, сила и виталност што го добивам од активниот животен стил. Вежбањето и движењето за мене не се само обврска, туку начин на живот што ми носи радост и самодоверба.

Ме мотивираат моите деца – тие се мојот најголем поттик да бидам најдобрата верзија од себе. Сакам да им покажам дека со дисциплина, љубов и посветеност може да се постигне сè. Тие ме учат на трпение, издржливост и ме потсетуваат секој ден зошто е важно да се грижам за себе.

Ме мотивираат и моите клиенти, нивните трансформации, насмевките после тренинг, нивната енергија и благодарност. Кога гледам како луѓето напредуваат, стануваат посилни и позадоволни од себе, тоа ми дава уште поголема желба да продолжам. Ме мотивира и личниот резултат, издржливоста, справувањето со предизвици, енергијата која ја наоѓам за се она што ми носи денот.

Покрај тоа, ме мотивира и природата, слободата, времето поминато на село, балансот меѓу активноста и мирот. Таму го полнам телото и умот со нова енергија.

На крај, најголемата мотивација ми е животот самиот по себе – секој ден е нова можност да станеме подобри, посреќни и поздрави.


Ирена Ставрова