Зоран Павлоски, чија сопруга беше прегазена и усмртена на тротоар, до семејството на Фросина и до судството: Го молам Господ да ви даде сила да издржите, ве чека тежок неподнослив пат

Добивај вести на Viber

И Господ да ни е напомош кога сме на улица. Ова го вели Зоран Павлоски кој пред неполни 10 години ја изгуби својата сопруга Сузана Тодоровска-Павлоска, новинарка во МРТ. Таа беше прегазена и усмртена на тротоар на раскрсницата кај тц Зебра. Зоран е музичар, вработен во Македонска Опера и Балет, ја има 26- годишната ќерка Душица.

-Убиецот ни нанесе непоправлива штета и душевна болка на моето семејство и на сите блиски, болка што не му ја посакувам на никого. Нема да ви ги раскажувам деталите за настанот, премногу се болни. Би сакал да им се обратам прво на родителите и сестрата, и сите блиски на загинатата Фросина. Прво, примете го моето најискрено сочувство. Ви посакувам што поскоро да си го најдете мирот во себеси, ама тоа нема да се случи, барем не во следните десетина години. Ќе заборавите на насмевка, ќе заборавите на добро расположение. Ви посакувам да соберете сила за сите идни непроспиени ноќи, бидејќи болката не исчезнува никогаш, само се потиснува внатре во вас и ве јаде пополека. Убиецот на Фросина не ја уби само неа, ве уби сите вас, ви направи непоправлива штета, ве осакати за цел живот. Го молам Господ да ви даде сила да издржите, ве чека тежок неподнослив пат.- вели Павлоски.

Тој се обраќа и до ОЈО, до Судството, до МВР, до државата.

-Сакам да ги прашам. Ние осакатените ќе страдаме цел живот, зошто сторителите на вакви злодела лежат две, три, пет години ?? Дури и ги пуштаат предвреме, нели? Зошто да не страдат и тие како нас цел живот, зошто не се казнети со ДОЖИВОТНА КАЗНА ?? Загинатите нема да се вратат за две, три, пет години, нема никогаш да се вратат,. Убијците ќе бидат на слобода – заклучува Павлоски и го посочува своето гледиште од правен аспект.

- ОЈО треба да поднесе еден куп обвиненија, ова се дел од нив:

- возење моторно возило без положен возачки испит

-возење моторно возило во пијана (можеби дрогирана) состојба

-возење над 100% од дозволената брзина на коловоз со ограничена брзина од 50 км/ч

-возење со моторно возило преку црвено светло на семафор

Досега само со овие ставки заработи над 10 години затвор

-предизвикување сообраќајна несреќа, усмртување на пешак на пешачки премин- УБИСТВО.

Адвокатот што ќе се нафати да го брани убиецот со олку обвиненија не е адвокат, тој е поддржувач на криминалот. Судијата што ќе донесе помала или поинаква пресуда од доживотна робија, евентуално 25 години затвор е исто така поддржувач на криминалот. Уште еднаш, Моето најискрено сочувство кон најблиските на Фросина. И Господ да ни е напомош кога сме на улица – завршува Павлоски.

Соња Алексоска Неделковска