Очекувам кавалерите да бидат оние кои ќе ги изненадат своите дами и Денот на жената ќе го поминат заедно со нив на мојот концерт: Јоце Панов за Женски магазин

Добивај вести на Viber

На 8-ми март поп пејачот Јоце Панов ќе има солистички концерт во Македонска филхармонија. 

Симболично токму овој датум е избран за неговиот концерт, и сака на еден начин да ѝ се оддолжи на женската публика која години наназад доминанто е присутна и го следи на сите настапи.

-Многу музика и рози, добра музика и атмосвера во која ќе ужива секој присутен во публиката. Во однос на програмата, ќе има доста изненадувања- ни кажа Јоце во интервјуто.

ЖМ: Јоце, најпрво кажете ни како сте? Празниците поминаа, а Вие се подготвувате за голем концерт. Каде и кога?

- Периодот пред и за новогодишните празници ми беше исполнет со секојдневни настапи, некои денови се случуваше да имам и по две свирки, дневна и вечерна. Тоа е нешто кое го работам со многу љубов и елан, но знае да исцрпи. Контактот со публиката и енергијата која ја добивам од неа се нешто што ми дава уште поголема мотивација и желба за да се издржи темпото. Постојани патувања, настапи во други градови во земјава и надвор од неа, недоволен сон, но за среќа успеав неколку дена да заминам на Златибор, па да ги усогласам професионалните обврски со едно кратко приватно патување. Чистиот воздух, планината и снегот ми дојдоа добро за да се вратам и да продолжам со подготовките за концертот.

Да, после 25 години кариера, одлучив на мојата верна публика да и приредам солистички концерт кој ќе се случи на 8-ми март во Македонска Филхармонија.

Доминантно на моите настапи е присутна години наназад женската публика, па затоа и симболично го избрав овој датум. Секако дека очекувам кавалерите да бидат оние кои ќе ги изненадат своите дами и денот на жената ќе го поминат заедно со нив, со убава песна, на мојот концерт.


ЖМ: Бидејќи спектаклот ќе се случи на Денот на жената, што им подготвувате на дамите и публиката, може ли да откриеме некој детаљ, за програмата?

- Ова е еден навистина голем проект во чија подготовка се инволвирани многу луѓе. На некој начин сакам да и се оддолжам на мојата публика која ме следи редовно на моите настапи со една вечер исполнета со љубов и емоции. Многу музика и рози, добра музика и атмосвера во која ќе ужива секој присутен во публиката. Во однос на програмата, ќе има доста изненадувања. Покрај моите песни ќе има еден сплет на македонски песни од други изведувачи, кој очекувам дека посебно ќе и се допадне на публиката. Не би сакал да откривам повеќе детали, тоа ќе биде една вечер полна со изненадувања.

ЖМ: Дали ќе имате гости на концертот?

- Јас имам неколку дуети и соработки изминативе години наназад. Во моментов сме во фаза на дефинирање на деталите околу содржината и концептот за време на концертот. Би сакал некои работи да останат во тајност до самиот концерт.

ЖМ: Ако си вратите еден кус филм во главата за сите овие 25 години кариера со микрофонот на што прво помислувате?

- Во 2007 година во Домот на култура во Штип, мојот роден град, го имав својот прв солистички концерт кога имав 5 објавени мои песни. Доживеав публиката да ги пее наизуст во еден глас и стотици луѓе да останат надвор, затоа што немаше доволно место.

Од денешна перспектива, со повеќе од 50 објавени свои песни, на македонски и српски јазик, помислувам на остварување на една желба. Секако дека овој концерт е почеток на една низа на вакви случувања.

Би сумирал, многу љубов, енергија и ангажман, многу поминати километри и огромна среќа и задоволство кога ќе ги видам реакциите на публиката.


ЖМ: Колку години сте во брак, колку имате поддршка од сопругата за кариерата?

- Сопругата беше една од посетителките на моите настапи. Ја запознав на сцена и од тој момент ја имам нејзината максимална поддршка. Долги години бевме во врска, во брак сме 6 години. Поддршката од семејството е најважна и сигурно доколку ја немав не би бил успешен не само во музиката, во било која професија.

ЖМ: Што ѝ подарувате на сопругата за 8-ми март?

- Многу повеќе сакам да подарувам без причина, подарокот да не биде очекуван и да биде изненадување. За денот на жената цвеќето е нешто што милувам да ѝ го подарам на сопругата и така и најчесто е во пракса години наназад. 


ЖМ: Кој вид на музика тебе лично ти е најдраг, што сакате приватно да слушате, а да не е твојата музика?

- Во последно време тоа е македонска музика. Имаме многу квалитетна музика, одлични вокални интерпретатори и навистина е жално да не го вреднуваме нашиот домашен квалитет.

ЖМ: Дали уште сте професор во скопската гимназија „Јосип Броз Тито“ . Како сте задоволен од учениците, колку ве почитуваат како професор?

- Да, јас имав среќа секој ден од животот да ми поминува со музика, теоретски, на своето работно место и практично, на сцена. Веќе неколку години работам како професор по музичка уметност во Гимназијата “Јосип Броз Тито“. Тоа е нешто на кое сум многу горд, бидејќи успевам да постигнам и на училиште и на сцена.

Работата со млади личности е нешто што ме радува. Нивната енергија, ентузијазам, креативноста на часовите, идеите кои знаат да ги дадат учениците во текот на наставата кај мене како некој кој секојдневно е во интеракција со нив влева надеж дека ќе имаме добра иднина и дека ова наше општество ќе биде подобро место за живеење. Сакам да имам близина со децата, но и професионализам, па балансирам меѓу едното и друго. Гледам да се поставам како авторитет, но истовремено и некој кој ги разбира. Сакам покрај знаењето кое го стекнуваат по предметот кој го предавам, да им служам и како некој на кој ќе се сеќаваат и тогаш кога ќе завршат средно училиште и им служел како некаков пример, им дал совет или ги поучил. Практикувам темите кои ги работам на часовите да ги поврзам со секојдневието, со животот за да излеземе надвор од четивото во книгите и да продискутираме и за некои животни вредности, ставови, размислувања.


ЖМ: Како Јоце Панов полни батерии, покрај музиката што друго ве исполнува?

- Секое слободно време, иако сега со подготовките за концертот речиси и да го немам, гледам да го поминам со мојот петгодишен син Лука. Тоа е она што ми е извор на енергија. Практикувам да спортувам, работата ми е таква да немам многу движење, потребна ми е физичка активност. Пешачам, трчам и секако секој почеток на денот ми е утринско кафе и мојот клавир.

ЖМ: Кога публиката да очекува нова песна?

- Песната е подготвена, снимена во студио. Јас сум некој кој е познат по тоа да за секоја објавена песна снима видео запис. Обврските со подготвувањето на концертот не ми дозволуваат во временска смисла да успеам да снимам спот ниту да се посветам онака како што јас сакам, бидејќи мојата публика го заслужува најдоброто. После концертот ќе биде објавена песната. Дотогаш вашите читатели и сите останати нека уживаат во звуците на „Во туѓина“.


Ирена Ставрова