Д-р Ивана Јовановска-Христова: Магнетната резонанца е клучна во раната дијагностика на многу срцеви болести

Добивај вести на Viber

Ултразвукот на срце е најкористената алатка во секојдневната кардиолошка практика, прилично едноставна и со неа добиваме важни информации со кои го оптимизираме третманот и го планираме идниот чекор во целното лекување на нашите пациенти. Ултразвучните процедури денес се збогатени со софистицирани модалитети или алатки за што пореален приказ. Тука се надоврзува и магнетната резонанца на срце. Токму на оваа тема денеска зборуваме со д-р Ивана Јовановска-Христова, специјалист по кардиологија во Клиничката болница „Аџибадем Систина“. 

Врз кој принцип функционира магнетната резонанца на срце?

Д-р Јовановска-Христова: Човековото тело е составено од 60% вода, водата во себе содржи јони. Ткивото поставено во силно магнетно поле емитува бели-сјајни и сиво до црни точки кои заедно формираат јасна слика за срцето и крвните садови. Не само слика туку ја претставуваат и неговата функција и со него асоцирани болести и аномалии. Овие слики за нас кардиолозите се специфични за одредена болест и со тоа поставуваме дијагноза. Ова е софистицирана и многу корисна сликовна метода, која служи за приказ на срцето и крвните садови и која ја надополнува ехокардиографијата и со неа добиваме јасен приказ во изгледот, функцијата, протокот на крвта. Од огромна важност е да се напомене дека тоа претставува златен стандард во проценката на тоа колку крв како волумен содржат срцевите шуплини, ефикасноста на срцето како пумпа, дали залистоците враќаат крв, а особено ги акцентирам карактеристиките на ткивото.


Со која друга метода се добива јасен приказ на ткивото?

Д-р Јовановска-Христова: Друга метода со која добиваме јасен приказ на ткивото е агресивна и се нарекува биопсија. Како ја добиваме сликата? Верувам дека сите познавате некој што поминал низ оваа процедура, ако не сте правеле и самите рендген или магнетна резонанца на мускулоскелетниот систем. Честопати ги прашувам пациентите дали биле сликани во голем полуотворен цилиндар.

Сакам да напоменам дека пациентите што имаат каков било неприроден имплант во телото треба да имаат документ за типот на имплантот и во најчест случај можат безбедно да го изведат снимањето.

Како се изведува процедурата?

Д-р Јовановска-Христова: Регијата од интерес нам ни се срцето и крвните садови. Тие при влез во белата цевка се изложени на магнетно поле. Притоа сте во комуникација со радиолошкиот техничар и радиологот. Се изведуваат маневри за дишење со повремено задржување на здивот. Процедурата трае 20-ина минути. Процедурата е неинвазивна и не користи зрачење. При одредени индикации поставени од ординирачкиот доктор се поставува и мала канила на раката, со цел да биде аплицирано контрастно средство, кое го пребојува ткивото што има повреда или лузна. По добивање на квалитетна снимка, ја напуштате болницата.

Следниот чекор подразбира средба и читање на резултатот од страна на радиолог и кардиолог. Доколку има спореден наод, тогаш може да биде вклучен и колега од друга специјалност. Тука се многу важни тимската работа и експертиза, којa е клучна во сумирањето на резултатите од најупотребуваните сликовни методи – US, RTG, MR, CT, PET. Во случајов, комплементарно сумирање на ехокардиографијата со магнетната резонанца на срце. Значи, имаме индикација, изведба, читање, заклучок и третман.


Што значи тоа за пациентот? 

Д-р Јовановска-Христова: Тоа значи точна дијагноза и целно лекување со нови и современи лекови кои дејствуваат на молекуларно ниво и директно ги менуваат биологијата и текот на болеста. Кај лица со многу висок ризик од ненадејна срцева смрт и тешко болни, покрај оптималниот тераписки третман, индицираме и третман со апарати кои се имплантираат под кожата или во телото, како што е двокоморниот пејсмејкер или механичко срце, со последна дестинација – трансплантација на срце.


Каде сѐ наоѓа примена оваа метода во амбулантската практика и за кои пациенти е наменета?

Д-р Јовановска-Христова: Магнетната резонанца е особено важна кај прединфарктни и инфарктни состојби. Најчесто МР се употребува како сликовна процедура со која квантитативно правиме проценка на штетата на срцевите слоеви и контрола на настанатата штета со рационално планирање на третманот. Потоа МР се употребува кај болести на слабо срце каде што правиме проценка на штетата – план за третман со апаратче и најважно, проценка на ризик од ненадејна срцева смрт. Магнет на срце се употребува и кај болести на залистоците кои пропуштаат крв. Исто така се употребува и кај вродените аномалии на срцевите шуплини и нивно следење. Адултни вродени аномалии или следење на состојбата по нивно оперативно решавање. Се употребува и кај болести на срцевото ќесе, а наоѓа широка примена и во кардио-онкологија за следење на пациенти кои пројавиле симптоми и знаци на срцева слабост по апликација на онколошки лекови кои се кардиотоксични. Магнетната резонанца се користи и за детектирање на тумори на срцето или израстоци во срцето и нивно следење. Особено е важна во следење на пациентите со срцева трансплантација, со цел рано откривање на знаци на воспаление или рани знаци на отфрлање и неприфаќање на трансплантираниот орган. Магнетната резонанца се користи и во оние случаи каде што немаме соодветна слика и одговор за срцевата болест од која боледува пациентот, по назнака на ординирачки кардиолог. Методата е наменета за сите возрасти за амбулантски и хоспитални пациенти за кои се сомневаме дека боледуваат од некоја од претходно наведените болести.

Овие болести се во подем по 80-тите години. Во што Вие ја гледате предноста на денешницата?

Д-р Јовановска-Христова: Секогаш сакам да се навратам на минатото пред осумдесеттите години од минатиот век. Зборувавме за ретки болести. Тоа се оние состојби што се откривале постхумно и се претставени со нула пред другата популација од 5-10-30 000. Овие болести по осумдесеттите буквално се во подем и се претставени како не толку ретки и веќе имаат 1-2-3% од споменатата популација. Предноста на денешницата е дека живееме во време на мултипни-сликовни процедури со кои овие болести ги откриваме рано – ултразвук, РТГ, МР, КТ и ПЕТ. Најчесто користени во нашиот случај се: УЗ , КТ и МР, од кои ултразвукот и магнетната резонанца не користат зрачење.


Колку е клучна магнетната резонанца во раната дијагноза на погореспоменатите болести? 

Д-р Јовановска-Христова:  Maгнетната резонанца е клучна во раната дијагностика на овие болести и најважно од сѐ е дека сѐ и може да бидат комплетно реверзибилни до излекување. Верувам дека оние пациенти што се пронаоѓаат во ова што го говорам знаат какво е чувството кога ќе им биде соопштено дека срцето им пумпа 20-30%  и дека треба да се воздржуваат од физичка активност. По интензивен третман и пред сѐ, навремено препознавање и целно лекување, тие доаѓаат до излекување или ги лекуваме последиците од болеста. Секако постојат и случаи што завршуваат на листата за трансплантација.

Ова се честопати адолесценти или млади адулти. Сакам да нагласам дека просечниот животен век во Р Македонија за 2021 година бил 73,2 години. Тоа се години на загуба на квалитет на живот и загубен живот и загуба на живот. Затоа постојат вакви специјализирани центри како што е Клиничката болница „Аџибадем Систина“ со специјализиран Центар и тим за срце.



Ирена Ставрова