Не сум променет, само почнав да се чувствувам како да го живеам вистинскиот јас, без никакви маски и без грижи: Тарабунов за Женски магазин

Добивај вести на Viber

Пред една недела го промовираше спотот и го претстави на македонската публика неговиот најнов сингл насловен како „Снегови“. Пејачот Александар Тарабунов открива детали за најновата песна, за инспирацијата, но и какви девојки го привлекуваат неговото внимание.

Тој е добро познат на јавноста, со години е дел од Македонската опера и балет каде е ангажиран работно, но и редовно има настапи низ целата држава. Иако со неговата девојка е со години заедно, поретко споделува заеднички нивни фотографии јавно и си ја чува далеку од очите на јавноста, а кога станува збор за она кое излегло од неговата душа, она кое на негов начин знае да го преточи во песна, музика и да го изнесе во негов стил може да зборува со денови...

* За вашата најнова песна насловена „Снегови“, велите „ на најголемиот христијански празник ви ја подарувам „Снегови“, моето парче душа и новиот вистински јас“. Дали тоа значи дека некој или нешто го променил Александар?

- Не сум променет, само почнав да се чувствувам како да го живеам вистинскиот јас, без никакви маски и без грижи кои можеби сум ги имал во минатото, би рекол небитни грижи зошто стравот и не постои, тоа е само лоша мисла која што никогаш нема да се случи во иднина така како што ние се плашиме дека ќе се случи, да, тоа не значи дека не треба да бидеме претпазливи, но не треба да си правиме сценариа за лоши работи туку напротив да визуализираме сценариа за работи кои што сакаме да ни се случат и ќе уживаме во нив. 

* Текстот на вашата нова композиција „Снегови“ е ваш. Од каде ви дојде инпирација за истата?

- Инспирацијата ми дојде пред 3 месеци додека уживав на сонцето во градскиот парк на клупа, бидејќи обожавам да седам на сонце, барав инспирација во природата и кога ја наслонив главата на клупата и погледнав нагоре во дрвјата сама ми дојде „Снегови“ најпрвин ги погледнав лисјата есенски кои беа веќе пожолтени и се спремаа да паднат и од тука започна сѐ, следната идеа беше да направам песна која што ќе биде за сите годишни времиња, бидејќи љубовта трае низ целата година, не само во одреден период од годината. Започнав со пролетта како најслатка и будењето на сѐ што постои, потоа летото како авантуристичко и неизвесно, па листовите кои што ќе паднат и на крај како шлаг на тортата љубовта што ги топи најстарите „Снегови“ ама не само овие на нашата планета туку во целиот универзум има снег и мраз и на други планети кои што се стари по милијарди години, епа љубовта е толку силна што може да стопи дури и такви снегови. Во строфите машкото и девојката ги опишав како песна која што останала недовршена заради тоа што се разделиле, и во песната - љубовта кажав дека има и грешки но пак е совршена вистинска, бидејќи во секоја врска има и караници, но тоа е нормално и не треба заради тоа да згасне нешто што е вистинско.


* Песната е балада, а дуетот што го направивте со Димитар Андоновски е со побрз ритам, според вас и вашето искуство од терен, додека сте на настапи кои песни повеќе ги бараат фановите и слушателите?

- Секогаш уживам со мојата публика додека настапувам и без разлика дали е балада или по брза песна битна е интерпретацијата, емоцијата и колку ќе успееш да се споиш со публиката ќе успеете да уживате заедно. Тоа е најбитно. 

* Ви пишуваат ли фановите коментари на социјалните мрежи за вашата нова песна, какви се тие најчесто? Дали некои од нив се пронашле во песната?

- До сега сум добивал позитивни коментари за моите песни, но за „Снегови“ добивам посебни искрени коментари кои што не може да се лажираат зошто гледам дека се напишани од срце, дали е тоа од луѓе кои што не ги познавам воопшто или од колеги кои што се доста компетентни за да кажат свое мислење, генерално сите коментари се со иста емоција и сите на ист начин ја доживуваат „Снегови“ како што и јас ја доживувам и тоа ми е најголемата радост и гордост за песната.

* Работите во Македонската опера и балет, и приватно настапувате по клубови, како го поминувате преостанатото слободно време кое ви останува, покрај пишување и творењето на музика?

- Како сите нормални луѓе наоѓам време за сѐ, бидејќи знам добро да се организирам. 

* Какви девојки ви го привлекуваат вниманието?

- Како мојата :)  

* Две недели веќе откако сме во Новата година, која е вашата желба за 2025 година. Што си посакувате на приватен и на професионален план?

- Да сме живи и здрави пред сѐ и во 2025 да се врати вистинското живеење, што повеќе да делиме моменти во живо помеѓу нас, да се смееме, да имаме добра мисла, да помагаме колку можеме и само така ќе имаме подобро и посмирено општество.


Наталија Миланова