„Најубавите божиќни прослави беа до мојата 23. година“: Митко Јанчев, градоначалник на општина Кавадарци

Добивај вести на Viber

Првиот човек на Кавадарци, градоначалникот Митко Јанчев и неговата најголема поддршка, сопругата Веселка, се родители на три деца Никола (20), Стојанче (10) и Мила(7). Уште од нивното свето кршетавање ги учат да си ја сакаат и почитуваат верата. Да ја посетуваат, црквата посебно на големите празници.

На Бадник во нивниот дом секогаш има позитивна атмосфера. На Божиќ денот им почнува со посета на црква, а потоа следува семејниот свечен ручек.

ЖМ: Посната Бадникова вечера, како претпразнение на празникот на Христовото раѓање, го соединува семејството. Зборовите на нашите предци „Пред Божик, зад Божик, кај и да си, дома да си“, се пренесуваат од генерација во генерација. Почитувајќи ја оваа максима, каква е прославата на празникот и како изгледа вашата семејна софра?

-Нашите предци секако дека биле во право и мислам дека за среќа ова сè уште се почитува. Овие празници ги посветуваме на семејството. Забораваме на секојдневните обврски и грижи и преку смеа и убави мисли ги празнуваме празниците. Постарите исто така веруваат дека празничната софра треба да биде богата, за да ти биде богата и бериќетна годината.

ЖМ: Божиќ е празник кој обединува повеќе генерации на празничната софра. Каква е вашата традиција на прослава? Каде и како ќе го прославите празникот?

-Ние сме големо семејство, така што и божиќниот ручек е една долга маса со, како што рековте, различни генерации. Разговорите се интересни, помладите ќе научат нешто од постарите, но и обратно. Секогаш празнуваме дома, во домашна и празнична атмосфера.

ЖМ: Нема ништо поубаво од тоа да се пренесуваат семејните и традиционални обичаи на следните генерации. Се трудите ли да ги вратите и да им ги пренесете на децата нашите стари и прекрасни обичаи за овој празник? На што го ставате акцентот?

-Со мојата сопруга Веселка, сме родители на три прекрасни деца Никола, Стојанче и Мила. Уште од нивното свето кршетавање ги учиме да си ја сакаат и почитуваат верата. Да ја почитуваат црквата и да ја посетуваат, посебно на вакви големи празници. Најголемиот мир ќе можат да го најдат во нашите храмови. На Бадник секогаш има позитивна атмосфера, па секогаш се нестрпливи да ја пронајдат паричката. На Божиќ денот се започнува со одење во црква, па потоа и семејниот свечен ручек. Верувам дека и тие еден ден кога ќе имаат семејства ќе ги пренесуваат овие убави моменти.

ЖМ: Велат дека постот не е гладување или диета, туку прочистување на телото и умот, од лоши мисли и лоша храна. Човек пости затоа што сака, а не затоа што мора. Дали постот како институција на религиозна норма и канон, во вашата фамилија постои како традиција?

-Празничната трпеза секако дека е посна и тука нема исклучок. Еден дел од мојата фамилија се приклучува речиси кон сите пости низ годината. А, сите останати ја почитуваме посната трпеза за големите празници во пост. Мислам дека е најважно да имаш чиста и мирна душа. Сè друго потоа е полесно. Чистата душа ти дава сила да го поминеш секој ден подарен од Бога.

ЖМ: Божиќ кај сите ги буди спомените врзани за детството. Може ли да се присетите на прославите на празникот во тој период во вашиот роден град Кавадарци? По што најмногу го паметите?

-Најубавите божиќни прослави сè сите до мојата 23 година. Тогаш семејството ни беше целосно. По смртта на мојот татко секогаш се чувствува тој недостиг, особено на овие големи празници. Во моето детство и во мојата младост главната улога ја имаше токму тој. Сега се обидувам моите деца да ги научам на истите работи на кои мојот татко не учеше мене и сестра ми. Ете, само на убави моменти се сеќавам од тој период. Затоа, најважно е да сме живи и здрави и сите на број.

ЖМ: Младоста со себе носи полет, енергија, промени. Каков бевте во тие години, што најмногу го окупира вашето внимание?

-Мојот животен пат ме натера многу рано од младо, палаво и енергично момче да станам стабилен, сериозен и одговорен млад човек кој на својот грб ја презема како фамилијата така и компанијата. Па, така вечерните излегувања оддеднаш се најдоа на некое трето, четврто место како приоритет за разлика од моите врсници. Почнав сериозно да учам успешно да го водам фамилијарниот бизнис за денес „Кожувчанка“ да е со успехот кој го ужива.

ЖМ: Сега, оставате впечаток на учтива, мирна и сталожена личност. Тоа се вродени особини или стекнати со текот на времето?

-Би рекол дека за тоа каква личност сте, големо влијание има и домашното воспитување. Со тек на времето, како поминуваат годините овие особини стануваат поизразени. Таков сум приватно, а таков сум и на моето работно место. Сталоженоста ја користам за да можам лесно да се соочам со големите предизвици.

ЖМ: Ако почнеме со позитивни размислувања, која цел ја постигнавте во 2024 година, кој е вашиот најголем професионален успех?

-Во овој период се сумираат сите резултати од годината што заврши. 2024-та беше една успешна година како за мене така и за цело Кавадарци. Многу реализирани проекти кои се од големо значење. Кавадарци е веќе европски град. Ски-патека, реконструирани и новоизградени булевари, изградба на мол, затворен базен и многу други проекти. Напредокот на Кавадарци и неговата модернизација е заеднички успех, мој и на моите сограѓани кавадарчани.

ЖМ: Важите за најуспешен но и најомилен градоначалник кај вашите сограѓани. Според нивните коментари на социјалните платформи посакуваат да бидете вечно на таа функција. Кои се вашите планови?

-Ќе бидам тука за моите кавадарчани сè додека тие сакаат и додека се чувствувам доволно мотивиран. Функцијата градоначалник ја извршувам со голема љубов. На почетокот беше тешко но многу бргу создадовме тим кој секојдневно макотрпно работи преку тимска работа. За успешната работа говори самото Кавадарци и задоволните граѓани. Имам уште многу идеи и планирани големи проекти за кои овој мандат е краток.

ЖМ: Каков сте како сопруг и родител? Што ви е најбитно при воспитувањето на децата?

-Пред сè сакам моето семејство да биде среќно. Кога си среќен и задоволен сè останато е некако полесно, како сè да ти оди од рака, што би рекле. И покрај големите професионални обврски сепак сум посветен на моето семејство. Имам голема поддршка од мојата сопруга за што сум неизмерно благодарен.

Првородениот син Никола веќе е комплетна личност и понекогаш се изненадувам позитивно од неговите идеи, а и совети. За Стојанче и Мила ми е важно да имаат безгрижно детство и да пораснат во добри луѓе пред сè. Сè друго се учи со тек на време.

Соња Алексоска Неделковска
Фото: Приватна архива