Да создаваме нешта кои ќе нѐ прават среќни, и да не забораваме дека насмевката може да разубави сечиј ден: Празнично со Маја Андоновска Илијевски

Добивај вести на Viber

Маја Андоновска Илијевски е актуелната директорка на Центар за култура Битола и актерка во националниот театар во истоимениот град. Една фантастична личност која институцијата ја води во вистинска насока и која придонесува градот навистина да дише во духот на културата. 2024 ќе ја памти по многу нешта, а како што вели круна на целокупното нејзино работење не само во 2024 година, туку и во изминатите години кои ги вложила во професионалната кариера, е наградата која ја доби на конференцијата „Жени претприемачки“ минатиот месец, а тоа беше награда за „Жена со најголеми достигнувања во култура“ за 2024 година.

Харзматичната актерка Маја вели...„Верувам дека во секој од нас се крие по еден Дедо Мраз, само не мора да чекаме празници, за да го разбудиме“ ....а ни раскажа и како поминуваат божиќните празници во нејзинииот дом .

Празнично разговараме со актерката Маја Андоновска Илијевски.


ЖМ: Маја, каква година имате зад вас, по што ќе ја памтите 2024, а што си посакувате за 2025?

-2024 година беше интензивна, исполнета во секој миг, предизвикувачка, активна и година на многу преиспитувања, лични анализи, и успеси. Со сите свои убави и помалку убави моменти во неа, ја испраќам со благодарност и насмевка, подготвена за сѐ она што ќе донесе 2025 година, а од неа посакувам да нѐ почести со здравје и насмевки, за сѐ друго веќе знам како треба - многу труд, работа, посветеност и отстапување време на времето за да се види резултатот. 

Сепак 2024 година ја одбележа наградата која ја добив на конференцијата „Жени претприемачки“ овој месец, а тоа беше награда за „Жена со најголеми достигнувања во култура“ за 2024 година. Навистина многу ми значи што во поднесени над 437 номинации и формирана листа на финалистки, по 5 во секоја категорија, за кои потоа гласаше жири комисија составена од претставници на медиуми, образовни институции, организатори и соработници се најдов во најуспешните 10 жени. Тоа за мене е навистина како една круна на целокупното мое работење не само во 2024 година, туку и во изминатите години кои ги вложив во мојата професионална кариера. 


ЖМ: Кои се вашите професионални планови за следната година?

-Следната 2025 година на 15 Јануари започнувам да работам на нова претстава во Битолски Народен Театар со режисерот Благој Мицевски, а како велат ако по почетокот годината се познава, значи ќе имам година исполнета со многу активности, многу театар, многу култура и со нетрпение очекувам да се посветам на сѐ што доаѓа. 

ЖМ: Деновиве се радуваме на најубавите празници. Што за вас претставуваат Нова година и Божиќ, како ќе ги поминете?

- Завршетокот на годината секогаш е многу интензивен и со премногу работни обврски, а од друга страна се приближуваме до најубавите празници кои сите со нетрпение ги очекуваме. Мене некако еуфоријата ми започнува со празникот Свети Никола кога имам куќна слава и именден на синот, а потоа се редат и останатите празници. Новата година  ја прославив со друштво, најчесто ние одиме на денски дружби и забава, а вечерите ги поминуваме во домашна атмосфера повторно со друштво. Многу ги сакам Коледе, Бадник, а на Божиќ повторно куќата е отворена за роднини и пријатели кои доаѓаат на именден на мојот сопруг. 


ЖМ: Негувате ли новогодишен амбиент, колку се радувате на украсувањето по дома, и китењето на Новогодишната елка? Дали подароците се дел од вашата новогодишна традиција?

- Многу сакам да го украсам домот, и обично започнувам со украсување почеток на месец Декември, и секоја година си купувам по еден нов украс со кој ја дополнувам веќе постоечката колекција . Секако дека сакам да купам подароци за најблиските во семејството, и секоја година го правам тоа. Малите нешта ги прават спомените магични. 

ЖМ: По Новогодишната ноќ, секој од нас со огромна радост го чека доаѓањето на Божиќ,  а постарите велат „кај и да си за Божиќ дома да си“.  Имате ли некоја традиција која ја практикувате за Божиќ? Обичаи кои сте ги наследиле од вашата мајка, баба...?

-Обичаите од баба ми и мајка ми, си ги превзедов за славата за св Никола. Св Николај чудотворец, ме избра уште додека бев дете. Тоа беше славата на баба ми и дедо ми по мајка.

Пред 18 години, кога немав претстава како животот ќе пишува приказни, само што почнав да работам им реков на баба ми и мајка ми: Од денес св Никола е моја слава. Ја преземам од тебе како аманет, оти најубавите, најрадосните спомени ми биле врзани за таа слава. Од сѐ што спремаше баба ми за денот, јас едвај ги чекав посните сарми, и бабините пивски колачиња иако баба ми беше ненадминлива во кујна. Сѐ што ќе фатеше, ќе позлатеше. Потоа мајка ми го правеше истото, а и ден денес за славата ми помага со нешто традиционално од бабината кујна.

И така секоја година, низ глава ги претерувам сите мигови, кога семејството беше на купче, и кога нашата маса и масата позајмена од кај соседите беше претесна да нѐ собере. Баба ми славеше по тетовски, првиот ден фамилијата, другиот ден на бакија пријатели, комшии и добронамерници, со трпеза полна посни превкусни јадења и срце љубов полно за сите. Колку само измешани емоции ме преплавуваат, радост и тага истовремено...

И оваа година го славевме светецот со семејството, со срце полно љубов за сите кои сме тука, и за сите кои веќе ги немаме. Радоста е уште поголема, што по светецот си го крстив и моето дете, кое има душа како леб мека и огромна, исто како светецот чие име му носи. Знам дека да беше баба ми тука, ќе не гледаше со своите очи цело небо што го сокриле исти како на мојот Николај, и ќе тркалаше солзи, од радост... Пред да си легне секоја вечер без исклучок, му се молеше на Бог, Богородица и св Никола, секогаш истата молитва, за здравјето на семејството, за среќа и за сите да не гледа на број. Таа молитва го одбележува и мојот живот.


А, од кога сум во брак со сопругот, морам да ја споменам бадниковата посна трпеза која ја подготвува свекрва ми. За бадник сме секогаш собрани во нивниот дом на бадникова вечера, каде го кршиме бадниковото лепче со паричка за среќа во домот. Свекрва ми е исто жена која на традицијата ѝ дава посебна магија, и еден ден кога тоа ќе биде моја задача сакам да продолжам да ја подготвувам бадниковата вечера баш како неа.

Божиќните спомени и традиција во мојот дом е врзана со именденот на мојот сопруг, и полната куќа драги луѓе.


ЖМ: Дали верувате во Дедо мраз?

Верувам дека во секој од нас се крие по еден Дедо Мраз, само не мора да чекаме празници, за да го разбудиме. 


ЖМ: Ваша порака за крај до сите наши читатели?

На читателите им посакувам Среќна и спокојна 2025 година, посакувам да се здрави и живи, да ја одржуваат животната искра силна, да работат и создаваат нешта кои ќе ги прават среќни и да не забораваат дека насмевката има сила да го разубави сечиј ден.


Ирена Ставрова