„Си ветив, доколку имам прилика и благослов за татковско, дека ќе имам повеќе дечиња- желбата ми се оствари“: Новогодишно со Антонијо Милошоски

Добивај вести на Viber

Семејството е важна примарна група и еден од најважните агенси на социјализација. Според традиционалното гледиште „семејството е природна и основна општествена целина“. Општеството постои затоа што постојат семејства - правата на општеството и државата се само последица на постоењето на семејството и затоа семејството е поважно од нив: „Не е семејство заради општеството, туку општеството заради семејството“.

А, многудетните семејства честопати ги сметаат за благослов. Од друга страна, тие се голема одговорност на родителите и нивното најголемо богатство.

Антонијо Милошоски, потпретседател на Собранието на Македонија и претседател на Комисијата за европски прашања има пет дечиња. Со сопругата Симона, архитект по професија, се трудат да им бидат ветер во грб, да ги насочат кон вистинските вредности и да ги научат да го делат тоа што го имаат, како и меѓусебно да се помагаат додека се мали, за овие принципи да им бидат корисни кога ќе пораснат. 

Кај нив во домот Новогодишните и Божиќните празници имаат посебна магија. Милошоски ни открива дел...

ЖМ: Вие сте политичар со долгогодишно искуство, поранешен и сегашен носител на високи државни функции. Што научивте за сите овие години на политичката сцена и дали тоа што сте јавна личност на некој начин и праватно може позитивно да ви влијае во секојдневниот живот?

- На политичката сцена можат да се научат многу нешта, но најважно според мене е да научите да си останете близок со другарите, со соседите и со роднините со кои што сте ја имале близината и пред да станете јавна личност. Се разбира, животот како јавна личност ви навлегува и во дел од приватноста, но ние како семејство тоа сме успеале да го ставиме во една рамнотежа. Истовремено, според моето искуство, јавниот живот може да донесе и позитивни работи во секојдневието, а тоа е пред се можноста човек да си ги прошири пријателствата насекаде во Македонија, па и во странство, меѓу нашите иселеници. Често ми се случува, при приватна или службена посета во одредено село или град, да ми пристапат луѓе кои ме препознале, да ме поканат во нивно друштво и заедно да поразговараме за актуелни теми, заедно да се пошегуваме или заедно да наздравиме доколку има добар повод. Ваквите непосредни контакти често создаваат и нови пријателства и тоа ми е голема придобивка од мојот живот на јавната сцена.

ЖМ: Што е она што Ве прави да бидете посветен татко на 5 деца и сопруг? Верувам дека татковството не се учи, туку се создава со текот на времето...

- Татковството е втората најубава, најодговорна и најплеменита работа на светот. Првата, се разбира е мајчинството. Татковството ме прави позрел, посреќен, ми дава мотив во борбата за успех и ме става во улога на заштитник на моето семејство. Но, исто така, преку татковството ќе научиш да бидеш и весел аматерски пејач на детски песни, раскажувач на вечерни сказни, но и сериозен соговорник за школски теми или пубертетски главоболки.

Кога јас бев дете пораснав со мојот помал брат Александар, со кого имавме прекрасно дружење. Но, и двајцата сакавме и сестричка. Таа желба за жал не ни се исполни. Тогаш си ветив дека, доколку имам прилика и благослов за татковско, дека ќе имам повеќе дечиња. Денес таа желба ми е остварена и многу сум благодарен и среќен што сум татко на три ќеркички Дариа (8,5), Михаела (7) и Илина (6), и два сина, Давид (17) и Филип (4,5). И се разбира најголем мотив да бидам посветен татко ми е љубовта кон децата и кон сопругата, како и нивната љубов кон мене, што ми дава смисла на целиот живот.

ЖМ: На што ги учите најмногу вашите деца? Дали успевате да ги учите на скромност во овој материјален свет, и дали ви оди од рака да ги научите на повеќе непосредно дружење во ова време на технологија?

- Децата се трудиме да ги научиме да го делат тоа што го имаат, како и меѓусебно да се помагаат додека се мали, за да овие принципи им бидат корисни кога ќе пораснат. Пред поголемите празници ги вклучуваме и децата во добротворните акции што со сопругата ги организираме за повеќе семејства. Сакаме да научат да бидат солидарни. Со технологијата, признавам, иаме предизвик и веројатно не сме искучок, бидејќи децата сакаат да ги откријат шарените тајни на таблетите кои станаа новите играчки. Но, се трудиме да им дадеме и други задачи, обврски и физички игри. Ја користиме секоја прилика за играње надвор и за дружење со врсници, како и кажување на гатанки, пантомима, заедничко одење во кино, театар и слично.

ЖМ: На што пројавуваат интерес вашите деца, секое поединечно? Дали некој ги наследил вашите лидерски способности?

- Не е лесно да се даде објективна прогноза кога се гледа со родителски очи, но засега сме задоволни како напредуваат во градењето на нивните карактери. Најголемиот, Давид, веќе е зрел соговорник, одличен ученик, а исто така и солиден спортист во кикбокс. Третооделенката Дариа е многу ведра, има ораторски капацитети, умее да ги води помалите, а многу добро И оди и свирењето пијано. Михаела е шармерката во нашето семејство, ја следи поголемата сестра во часовите по музика, но и се натпреварува со неа трудејќи се да се избори за своето место. Илина е нашата “1000 зошто – 1000 затоа“, ја краси голема љубопитност, а нејзиниот спаринг партнер во игри и конкуренција е најмалото братче. Филип, нашиот најмал љубимец, во моментов е вљубен во фудбалот, го носам и на тренинг, а вика кога ќе пораснел дека сакал да има мускули како најголемиот брат. И така, во нашиот дом секогаш е весело. Се разбира, од време на време има и кавги и плачки, но тоа е дел од детството и од нивното градење како личности.

ЖМ: Збор два за Вашата политичка и дипломатска кариера. Кои средби, личности и посети би ги издвоиле како нешто што Ви оставило најголем впечаток, а да било поврзано со претставувањето на Македонија на меѓународен план? Сепак ја имавте една од највисоките државнички функции- Министер за надворешни работи...

- Како најважна средба на тој план би ја издвоил онаа од мај 2008-ма година, кога во Вашингтон имав средба со државната секретарка на САД, Кондолиза Рајс, со која заедно го потпишавме документот за стратешкото партнерство на Македонија и Америка. Кондолиза ми остави впечаток на многу интелегентна и скромна личност, иако беше шеф на дипломатијата на најголемата светска велесила.

Како највпечатлива средба би ја издвоил онаа со сестра Нирмала, наследничката на светата Мајка Тереза, во 2009 година при посетата на Куќата на милосрдието во Калкута, во Индија. Сестра Нирмала, една срдечна и прељубезна следбеничка на Христос, збореше со голема почит за Македонија и беше преблагодарна кога ја слушна веста дека во Скопје ќе се гради спомен куќата на Мајка Тереза.

ЖМ: Да Ве вратам на детството. Како Вие како дете во Кичево, Вашиот роден град ги прославувавте Новогодишните и Божиќните празници? Дали денес се изгубија дел од тогашни вредности?

- Имам многу убави спомени од моите години во Кичево. Пред Нова Година сите заедно со родителите ја китевме елката, а секој си имаше по неколку свои лампиони. Новогодишната вечер беше највозбудлива кога ќе ги отворевме подароците. Тие празници најчесто беа и побелени од снег на планината Крушино, а ние како деца пресреќни по цел ден се санкавме. Пред Божик, на ден Коледе по десетина деца од рано утро, распеани со коледарски песнички, поминувавме по неколку маала, собирајќи костени, парички, бонбони и јаболчиња од веселите домаќини. Со родителите одевме во црква. И во тие денови многу одевме на гости и многу роднини ни доаѓаа на гости за да си го честитаме Божик. Денес дел од тие обичаи и вредности сеуште се одржуваат, но дел полека и бледнеат, бидејќи новото време смени многу во начинот на живеење.

ЖМ: А, како денес ги прославувате истите овие празници? Дали тато и мама под елка им оставаат подароци на своите деца, каква е семејната атмосфера, каква е празничната трпеза?

- Две недели пред празниците китењето на елката е задолжителен ритуал. Потоа секој треба да напише кратко писмо со желба до Дедо Мраз. Исто така седнуваме на маса со неколку пенкала, боички и многу адреси и заедно со децата пишуваме празнични честитки за бабите, дедовците, за нивните другарчиња, и за нашите пријатели и роднини, кои ги праќаме по пошта. Децата ги носиме со нас во црква за да научат што значи празникот Божик.

На помалите сеуште им организираме доаѓање на Дедо Мраз, а Давид и Дариа иако веќе знаат дека тој е маскота, сепак се соработливи и им дозволуваат на помалите да уживаат во приказната за белобрадестиот Дедо кој допатувал со санка да им донесе подароци на умните дечиња. Подароците ги отвараме веднаш штом ќе си замине Дедо Мраз.

На мене и сопругата пак, највесело ни е за Коледе. Моја обврска е да бидам придружба на веселата дружина со која заедно одиме по куќи и станови, тие ги пеат коледарските песнички и собираат дарови во торбичките. Сопругата пак дома со нетрпение ги чека другите коледарчиња, подготвена со традиционалните намирници. Приквечер сите заедно седнуваме на бадниковата трпеза, а помалите се многу возбудени на кого ќе му се падне паричката. Следниот ден одиме на ручек кај нашите баби и дедовци, каде сите заедно се собираме да го прославиме овој голем празник.

ЖМ: Потекнувате од селото Ижиште, односно вашиот татко, каде постои вековна традиција за славење на Водици. Вие сте скоро секогаш таму меѓу вашите. Како го доживувате тој духовен празник?

- Водици е прекрасен празник, кој со векови наназад се прославува и во село Ижиште, родното место на мојот татко. Во 2024 година ние бевме и водичарски кумови, имавме многу гости, а малата црква “Свети Никола“ беше преполна. По завршувањето на црковниот дел, се оди на ручек во селскиот Дом, а потоа со оро и песна се посетува секоја отворена куќа. Првиот ден после Водопост се слават “машки“ Водици, а вториот ден се “женски“ Водици. Се собираат многу луѓе од Кичево, Скопје, Македонски Брод, Гостивар, Прилеп и од други места. Тоа е еден спој на духовното со традиционалното прославување на овој празник, но во секој случај е многу весело. Кој дошол еднаш, доаѓа пак.

ЖМ: Што си посакувате лично за Новата година и Божиќ, а што на нашите читатели?

- Во Новата 2025 Година посакувам здравје и слога за најблиските во семејството, и да си дочекаме заедно уште многу весели Божикни празници. Mојата лична желба е, со посветено работење да ја оправдам довербата како народен пратеник во Собранието на Македонија. На сите ваши читатели им посакувам многу здравје, верни пријатели, семејни прослави и што повеќе добри вести во Новата година.

Небојша Толески