Имав можност да свирам пред Новак Ѓоковиќ, Ума Турман, Шарлиз Терон: Македонецот Виктор Ангелов со својата виолина го освојува светот

Препознатлив по неговите уникатни и енергични настапи со електрична виолина. Настапува на најразлични градови во светот, публиката ја освојува од прва, па така успеал со својата непосредност да ги шармира и холивудските диви Ума Турман и Шарлиз Терон.
Виктор Ангелов, по потекло од Македонија веќе извесен период живее и работи во Дубаи. Со одбран репертоар на песни, дел е од голем број забави кои се случуваат во оваа туристичка атракција.
Одблизу за Женски магазин, заедно со Виктор ви го носиме ноќниот живот во познатиот емират …
ЖМ: Судејќи според објавените видеа на вашиот Инстаграм профил, имате навистина богато музичко портфолио, поткрепено со атрактивни туристички локации. Енергичните настапи очигледно е вашата одлика, тоа го препишувате на одбраниот репертоар или пак на вас како личност?
- Енергичноста е комбинација од двата фактора. Репертоарот што го избирам е динамичен и полн со емоции, но верувам дека мојата енергија и страст за музиката се тоа што ја прави изведбата посебна. Сакам да ја пренесам таа енергија на публиката и да создадам незаборавна атмосфера.
ЖМ: Во моментов сте во Дубаи. Може ли да ни кажете со што ве освои овој емират и како изгледаат забавите и какви се реакциите на присутните на вашите перформанси?
- Дубаи плени со својата космополитска енергија, архитектонска грандиозност и културна разновидност. Настапите се карактеризираат со публика која знае да ја цени квалитетната изведба и ужива во истата. Друго нешто што ми е број еден на листата овде, е безбедноста во секој поглед.
ЖМ: Дали настапувате сами или пак имате придружба?
- Најчесто настапувам сам, но повремено соработувам со диџеи или други музичари, што додава дополнителна димензија на настапот.
ЖМ: Интересно и што ми остави впечаток е вашиот инструмент. Иако сме навикнати на оној класичен изглед на виолина, ова изгледа малку поинаку, која е приказната за овој инструмент?
- Станува збор за електрична виолина. Изборот на електрична виолина ми овозможува да експериментирам со звукот, да додадам ефекти и да создадам модерен звук што совршено се вклопува во различни музички жанрови.
ЖМ: Како се најдовте со Слаткар во Дубаи, случајно или пак со претходен договор?
- Се запознавме преку Next Time коишто се наши заеднички пријатели, а голем удел во средбата имаа организаторите на концертот на Слаткар овде во Дубаи, Дарко Петковски и Горан Митровски (менаџер на ултрапознатиот локал „Sushi Samba“). Хемијата веднаш беше очигледна. Брзо најдовме заеднички јазик во музиката и соработката се случи природно. За мене е огромна чест и задоволство што имам прилика да соработувам со нив затоа што сум растел со нивната музика. Јавна благодарност и поздрав, тие се врвни и ретко несебични уметници.
ЖМ: Си патувал на многу места досега, каде си се чувствувал најслободен и најкреативен?
- Секогаш кога сум покрај море и сонце, се чувствувам најинспирирано. Настапите на отворено, особено на места како Дубаи или некои европски градови, ми даваат чувство на слобода и креативност.
ЖМ: Дали има добра заработка за музичар како тебе, колку се барани ваквите перформанси?
- Побарувачката за ваков тип на перформанси е постојана. Не би да зборувам на оваа тема затоа што добрата заработувачка е лична перцепција. Всушност успехот е неизбежен за секој што чесно го оди својот пат, не остава ништо на среќа, случајност, очекувања и помош од други за да создадеш нешто (што е голем проблем на денешницата кај нас). Неминовно, со тоа доаѓа и заработката, колкава и да е твоја е. Јас лично најбогат се чувствувам кога пред мене ќе видам среќни лица, знаејќи дека јас сум причината за тоа расположение.
ЖМ: Колку често си дел од свадбени веселби и дали те бараат за некои специфични моменти, како запросувања, родендени?
- Често настапувам на свадби, всушност тие се и мојот главен бизнис во Италија. Да, сум бил дел од многу различни настани, сведок на љубовта, славење на животот, но исто така сум имал прилика, да свирам со и пред холивудски ѕвезди како Деди Јанки, Ума Турман, Шарлиз Терон, Френч Монтана, Тиесто … и нешто за што сум најсреќен е што го запознав светскиот рекет број 1, Новак Ѓоковиќ. Ова е нешто што можеби и самиот никогаш не сум помислил дека ќе ми се случи.
ЖМ: Често ли среќаваш Македонци еве конкретно во Дубаи?
- Да, изненадувачки често, нас не има насекаде и секогаш е убаво да сретнеш некој свој.
ЖМ: Кој е критериумот за изборот на песните кои ќе ги отсвириш?
- Ги бирам песните според енергијата на публиката и природата на настанот. Нормално, доста често имам и насоки за жанрови од страна на организаторите. Сакам да балансирам помеѓу познати мелодии и нешто уникатно што ќе остави впечаток.
ЖМ: Колку остануваш во Дубаи и дали имаш следна дестинација на ум?
- Овде се чувствувам одлично, не само поради климата туку и како што напомнав погоре, безбедноста, позитивни луѓе насекаде што мене ми е од особено значење поради мојот ведар карактер. Искрено, фала на Бога, со помош на професијата сум имал прилика да отидам на скоро сите атрактивни дестинации во светот, сите убави на свој начин, но со самото тоа уште од мала возраст живеам надвор од дома, цело време сум морал да бидам во постојано движење колку и да сакам на момент да застанам. Кај мене никогаш не се знае, но засега планот ми е да останам овде. Летниот период ми е подинамичен поради евенти, претежно Италија, но се враќам сепак тука и се надевам ова ќе остане мојот дом.
Ви благодарам и поздрав до целата редакција и читателите на Женски Магазин.
Габриела Додевска Глигоровска