Разведени во брак

Оваа „мајсторија“, ја живее поголемиот број од „среќните“ и секако несреќните бракови. ДА!
Каде и да загребеш, ќе откриеш ваква „вистина“.
Некаде веднаш под површината се гледа оваа вистина, а негде се крие малку подлабоко.
Но во поголемиот, да не речам во најголемиот број бракови е сеприсутна.
„Вистинава“ ја ставам под наводници, бидејќи оваа вистина, не можам да ја наречам лага.
Оваа чудна и на моменти извитоперена вистина, сепак не е лага, туку е чиста и ако сме доволно искрени, таа е сепак многу јасна вистина.
Прашањето е дали е можно да постојат две вистини.
Мојата и неговата.
Тоа е многу тешко одгатливо прашање, кое пак наеднаш поставува уште едно паралелно прашање, кој во оваа приказна лаже, кој краде и кој има бубачки во главата.
Всушност, секое едно, односно секое следно прашање, отвора уште едно, па уште едно прашање, создавајќи магичен лавиринт, во кој излезот е речиси невозможен.
Повеќето од нас сме заплеткани во вакви чудесно-неодгатливи лавиринти, чијашто последица е „разведени во брак“.
Значи прашањето ми е дали и како е можно да постојат две вистини и ако е невозможно, тогаш кој лаже во оваа приказна?
Ако се „согласиме“, дека вистината е сепак една и дека двајца луѓе кои со години живеат заедно, би требало да се приближно согласни околу оваа заедничка вистина, тогаш не би требало да имаме проблем.
Но, од друга страна, пак, ако вистината е исклучително субјективен чин, кој најчесто се врти во насока на сопствената воденица, тогаш исто така не би требало да имаме проблем, бидејќи лесно би требало да се согласиме дека секој од нас си е убеден во сопствената вистина. Односно да се разбереме дека не се разбираме.
Бидејќи пак, мислам, дека малку е глупаво да мислиш дека некој намерно сака да те направи будала и дека за инат ти прави нешто, за да те прави несреќна. Нели е малце глупаво ова а!? Зошто некој би го правел ова!?
А сепак, има „једно али, које сречу квари“. Кое е тоа „али“.
Одговорот на ова прашање, веднаш упатува во една чудесно нова насока, а тоа е дека многу е возможно, ваквите лавиринти да се само женски.
Ако си го вратиме филмот наназад, односно, ако прашање по прашање се враќаме наназад ќе дојдеме до моментот, каде што неколку пати ни се потврдило, дека многу е можно, ваквите лавиринти да се само и исклучиво наши. Женски.
Колку пати ви се случило „ти да му збориш, а тој да те гледа, ко теле у шарена врата“.
Тој поглед, нели јасно укажува на тоа дека нему воопшто не му е јасен лавиринтот во кој што си ти заплеткана и во кој уште повеќе се заплеткуваш, сакајќи да му објасниш за што се работи.
Оти, глупаво е да мислиш дека се преправа. Но ти го мислиш токму тоа, дека се преправа и дека намерно те прави будала. Не сакајќи стануваш несвесна дека секоја ваква мисла го создава твојот личен лавиринт. Лавиринт во кој прво се заплеткуваш самата себе, а потоа и него и децата и куќата и домот, и се по ред …
Од друга страна пак, ако исто така, прашање по прашање се враќаш наназад, ќе дојдеш исто така до моментот, каде што уште на првата, втората, или најдоцна третата средба, ти точно си знаела дека „тоа е така, па така“, но …
Знаеш и сама, исто како што и јас знам, дека во истиот момент, се појавува таа проклета женска „глупоштија“ да веруваш во тоа, дека ја имаш моќта да го промениш тоа.
Ова е толку брутално и силно верување, кое со тек на време станува опасно голем јарем, кој се мотка околу женскиот врат, стегајќи ја секој ден се повеќе и повеќе.
Тој јарем жената, секој ден ја гуши во солзи, во гнев, во незадоволство, па дури и во болест.
Чудно е тоа, колку повеќе јаремот ја стега, таа толку повеќе верува, дека сè уште има моќ да ги исправи работите.
Некои жени не успеваат да се справат со овој само-создаден сопствен јарем, па со еден потез го пресекуваат и излегуваат од ваквите брачни лавиринти.
Но, кратко време потоа, таа повторно почнува да го бара својот нов јарем. Просто како да не можеме да живееме без него.
Не е чудно ова. Потребата за заедништво е многу силна потреба. И не е за осуда.
За осуда е нешто сосема друго. Потребата да го смени мажот. Ако ги вратиме приказните наназад, ќе се сетиме, дека и нашата прабаба и нашата баба и нашата мајка и речиси сите тетки, стрини, вујни, комшивки, пријателки и другарки ја имаат истата потреба.
Ако сум доволно искрена, би требало да признаам дека подлогата на ова, покрај останатото е едно е вечно женско незадоволство.
Бидете искрени, па признајте си дека речиси и да не постои тема, во која ние жените нема да најдеме маана. Ме мрзи да објаснувам, бидејќи само ќе се заплеткам во уште поголем лавиринт. Но знам дека ако се е по таман, прстите на нозете, или на рацете нема да ни се допаднат.
Без да влезам во непотребен вулгаризам, само ќе речам вака, не можеме ние жените да најдеме толку многу сопствени активности, колку што мажите можат да си бидат доволни сами на себе.
Нивната едноставност е толку болна, а нашата комплицираност е толку слатка, што само така треба да си ја сфатиме.
За да не биде после, „убавите круши свињите ги јадат“.
Чаре!? Нема чаре. Тоа е така, па така!!
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се исклучиво лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин
Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: