Ана Бунтеска: Заборавивме...
Заборавивме...
Благодарни да бидеме за животот
И за секој здив земен
За будењето изутрина
И за денот кој го врвиме
Дури и тогаш кога се’ оди наопаку
Заборавивме...
Прошка да бараме
И прошка да даваме
Оти никој совршен не е
И секој секому грешава
Колку и да пазиме, колку и да не сакаме
Заборавивме...
Скромноста доблест дека е
Која учи на почит и кроткост
И дека само скромен човек
Е човек кој кусур не фаќа
Ниту знае на кантар да мери и премерува
Заборавивме...
Нежноста дека не е луксуз
И дека прегратката живот значи
Дека топлиот збор лекува
Колку и се’ да е појдено по ѓаволите
Колку се’ да изгледа безнадежно
Заборавивме...
Дека насмевката не се купува
Ниту пријателството се продава
Оти чоек без насмевка е само кловн
И осамен во душата секогаш
Ако нема кому да се исплаче во тишина
Заборавивме...
Љубовта да ја славиме како празник да е
Оти ретко се наоѓа
И тешко, со маки се одржува да трае
Чунки се’ станало толку испревртено
Што и за тенекија велиме оти азно е
Заборавивме...
Колку на другите, толку и на себе
Ниту убост гледаме
Ниту убоста нас не’ пули в очи
Та некако се’ сиво станало
Без мирис и вкус на добрина
Заборавивме...
Заборавивме да се потсетуваме
Едни со други да се подбуцнуваме
За да паметиме оти луѓе сме
Оти чоек со чоек треба да се има
Да се љуби
Да се милува
Оти краток ни е векот на земјава
Та барем дур тука сме
Да направиме нешто зад нас што ќе остане
Како аманет за тие после нас
Да не заборават на се’ она
На што ние заборавивме
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска