Ана Бунтеска: Секакви судби има

Добивај вести на Viber

Старите убаво си рекле

Колку луѓе, толку судби оти има

Та секој еден на земјава што дише

Своја приказна низ животот си врви

Запишана на небото уште пред да се роди

Ѓоамити некој на облак бел седнал

Со книга в рака и мастилаво перце

За на сите по нешто да ни чкртне

Да не ни оди животецот бадијала

Старите рекле така

Еве јас се колнам дека ништо не сум излажала

Оти ниту еден од нас џабе тука не е

Како ѕвездите наречници да ни биле

Да не’ даруваат со по некоја убост

Како сламка за која ќе се држиме 

Кога времиња тешки ќе дојдат

Оти чоек нема што да го крепи

Ако барем трошка надеж нема

Старите наши рекле

Дека земја и небо да се превртат

Од писание-судба не се бега

Та може со времето бркотница да играме

И стрелките назад да ги вратиме

На смртта по сокаци темни да и’ се криеме

Колку само за миг да ја прелажеме

Чунки не знае дека само се пазариме

За ден повеќе, ден ко вечност долг

Старите наши знаеле

Оти многу мака истргале

Та мудроста со болка си ја спечалиле

И на внуци ја раскажувале

За да се памети, да не изветрее

Оти некојпат поарно е ум некому да оставиш

Со знаење да го благословиш

Отколку азно кое ќе се изарчи

До првиот чалам, до првата здравица

Знаеле

Знаеле старите и мудри наши

Кои одамна меѓу нас не се

И чиј спомен е во топлината и пламенот

На свеќата која во нивна чест ја палиме

Дека во векот човечки се’ иди

И дека некојпат само со кроткост

Низ бура полесно се врви

Та оставиле аманет 

Речта нивна да не згасни

И в земја со нив да не се закопа

Оти чоек без утеха не го бива

Без утеха ниту живот...ниту смрт има


За Женски Магазин, Ана Бунтеска