Ана Бунтеска: доцна е
Доцна е
За сите промашени љубови
Зборови кои останале в грло
Раце кои не се допреле
Здивови кои не се измешале
Доцна е
Проклето доцна за расправии
И со сам себе и со оние кои јад ти донеле
За лоши мисли и огнени префрлања
За твоето „прости“ и моето „простено ти е“
Доцна е
Многу е доцна за нови средби
И вино кое стои неотворено со години
Демек за поубави времиња го чувам
Времиња кои минуваат заедно со младоста
Доцна е
За вртење нов лист
Пишување на нечија туѓа тага
Опевање љубов која нема да се случи
Спомени кои мирисаат на нафталин
Доцна е
Смешно задоцнето е за да имаме наша песна
И допрва да учиме како се танцува во двојка
Телата за да ги извежбаме толку добро
За да дишат во просторот во кој нема воздух
Доцна е
За пцости од кои сѐ ќе е полесно
А срцето веќе нема да прескокнува
И душата нема к’о тупаница стегната да биде
И гласот нема да ми трепери
Доцна е
Премногу е доцна за да стоиш под моето пенџере
А јас к’о млада невеста озгора да те ѕиркам
Да си даваме ишарети кои само ние ги разбираме
И потем секој со мисла полна шаренила в кревет
да си легне
Доцна е
За да живеам со тебе втора младост
А ти твојата старост со мене да ја изврвиш
И за муабети празни за вечна љубов
Која и онака умира пред сите нас
Доцна е
За да се вратиме на минатото
И да мислиме на иднината
На сегашноста да ѝ се радуваме
И мигот со бакнеж да го запечатиме
Доцна е
За тебе со мене е веќе предоцна
А јас не ни мислам крај тебе да се будам
Ми остана само утрото со надеж да го чекам
Дека поарно ќе е
Дека ќе ми донесе мир и некоја нова мисла
Нова песна во која ќе те нема
Или во која барем нема да се познаеш
Доцна е
А толку проклето рано за ново утро
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска
Фото: Стојан Стојановски