Ана Бунтеска: Има болки
Има болки кои се како бадеми горчливи
Чиниш пелин во грлото имаш
Та во утробата ти жежат
И јазикот ти го горат
Долго време вкусот од нив ти стои
Ниту вода, ниту вино го поттурнува
Има болки кои како болест се
Очите ти црвенеат
Носот ти се растекува
И телото кревко ти е
А коските како од гума сторени
Та те вијат и однатре и однадвор
Има болки кои се чудни
Како кај доенче првиот здив
Ко да те спремаат за нов лист да завртиш
Во кој нова песна ќе испишеш
И нема да е тажна и тегобна
Туку полна сила и надеж
Има болки кои се како смрт
И иднината од нив не ја гледаш
А минатото како заматено огледало ти е
Од нив ниту јадеш ниту пиеш
Ниту пак сон те фаќа
Од пусти страв дека не ќе се разбудиш
Има болки кои како да не болат
Оти на нив се навикнуваш
И со себе низ денот ги носиш
Како тешка торба
На чија тежина се привикнуваш
И дел од тебе стануваат
Има секакви болки
Исто како што има секакви луѓе
И секој својата на лице ја носи
Врежана во зеницата
Обесена на краевите од усните
Ама сите имаме една иста болка
Една која е од спомени исткаена
Боли, а не боли
Пече, а не пече
Ровари, а мирна е
И некојпат спокој носи
Како аманет оти не си заборавил човек да си
Па се покриваш со неа како со меко ќебе
И глава на неа спушташ како на топла перница
Оти ти го враќа мирисот на љубовта
И на сето она што си била
И што си сакала да станеш
Таа убава, убава болка
Која те тера да пишуваш
Која те тера приказни љубовни да раскажуваш
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска