Ана Бунтеска: Некојпат ги сонам

Некојпат ги сонам 

Како стареам, поначесто ми идат 

И си прикажуваме 

Долги муабети си тераме 

Со убост и радост 

Ко сватови на свадба собрани 

На софра богата распостелени 

Стокмени и во ликовите светнати 

Некојпат ги сонам 

И рацеве ме болат 

Од желба да ги гушнам 

Топлината да им ја сетам 

Мирисот да им го вдишам 

Да се вратам во денојте кога дете бев 

И кога речта нивна мелем ми беше 

Како иљач за рана која пулсира 

Некојпат ги сонам 

И кон нив итам 

Ама пусто ко напразно да е 

Оти со секој чекор чинам подалеку се 

И низ насмев ко да велат 

Почекај, уште времето дојдено не е 

Еве вака оддалеку ќе се пулиме 

Чунки љубовта не признава празен простор меѓу нас 

Некојпат ги сонам 

И душава полна ми е 

Како никогаш време да не минало 

Како да не се одамна во некој друг дом 

Како коските под земја да не им се 

Како да не сум ги исплакала 

Како да не се спомен туку сегашност 

Како во мојата сенка нивната да спие 

Некојпат ги сонам 

Ама секојпат во умот ми се 

И нема ден да не ги спомнам 

Во себе За себе 

Тивко и кротко како молитва 

Како песна ненапишана ама наизуст научена 

Од која утеха во срцево имам 

Некојпат ги сонам 

Некојпат себе покрај нив се сонам 

И секогаш им велам пак да ми дојдат 

Дури не дојди денот за јас кај нив да појдам 

Оти тие што ги љубиме гроб немаат 

Во нас остануваат да живеат 

И на сон идат 

За на јаве да не’ крепат 

ВЕЧЕН СПОМЕНОТ ДА ИМ Е!