Ана Бунтеска: Ненаситни

Добивај вести на Viber

Велат оти ние луѓето

За се’ ненаситни сме станале

Дека окото ни бара отпојќе

И дека душата страдна за “уште” ни е

Та бараме и преку леб-погача

Чунки не научивме скромни да сме

Велат оти сме станале ненаситни

Ко ненајадени со векови

Ко ненапиени десет животи

Ко дупнати во срцата за милост

Која од раце ни се лизга

Небаре маслосани ни се дланките

Велат оти ние луѓето

Од ѕверојте поголеми ѕверој сме станале

И само за себе си гледаме

Ко никој друг на светов да нема

Синкир од нас се’ почнува

И со нас се’ завршува

Велат оти ништо не не’ усреќува

И колку појќе имаме

Толку помал спокојот ни е

Ко проколнати се’ на дофат да ни е 

А ништо да не зграпчиме

На ништо да се израдуваме

Велат

Велат се’ и сешто

Оти вакви и онакви сме биле

Оти нема да не’ биде

И дека пусто зло меѓу нас вирее

Како болест, како клетва

А јас пак си мислам

Оти она што ни треба

Со пара не се купува

Со храна не се добива

Со вино скапо не се испива

Оти чинам само љубов ни недостига

За себе

За тој до нас што е

За светов и се’ во него што има

И знам оти страдна сум

Оти секојпат ненаситна ќе бидам

И таква на оној свет ќе си појдам

Не за залак

Не за голтка

Не за пара

Ниту за слава

Туку за тебе

За тебе до мене

За љубов

За љубовта твоја во мене


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска