Ана Бунтеска: „Ми фалиш како солза на окото”

Добивај вести на Viber

(посветена на Уште ми фалиш- Дац и Александар)

Добро сум

Така на сите им велам

Дека добро сум

И дека сѐ е токму онака

Како што требало да биде

Без никаква драма

Непотребна и несвојствена за мене

Добро сум

Или барем бев, но...

Еве од почеток да почнам

За да знаеш, за да знам

За да не остане некажано

За да не се заборави

Ми фалиш

Некојпат толку силно и длабоко

Чинам однатре се рашивам

Како душата од волница да ми е

Како стар џемпер од кој виси едно конче

И знам дека не треба со прстите да чачкам таму

Ама умот во тоа конче ми седи

Кое е единствениот сведок

Дека ништо

Ама баш ништо не е како што треба да биде

Или како што посакувам да е

Подголтнувам и стискам раце

Смирувам прсти и си шепотам во себе

Дека умна ќе сум

Дека ништо нема да ме измести и помести

И почнува песната...таа, мојата

Гласовите и зборовите на двајцата им ги слушам

И се прашувам дали погласно да ги пуштам

Или во себе во мајчината да ги отерам

И чекам

Како одземена

Како хипнотизирана

Како животот од тоа да ми зависи

Да дојде токму оној дел

Од кој натаму повеќе своја не сум

Та чувствувам како сета крв полека ми се собира

И од цело тело накај срцето ми оди

Таму се собира

Како дупка наместо срце да имам

Клокоти како вода во ѓезве

Која само што не прекипела

И тогаш....

Тогаш доаѓа она МИ ФАЛИШ КАКО СОЛЗА НА ОКОТО

И ме снемува

Сѐ што дотогаш бев, исчезнува

Сѐ што си велев (лажев) дека добро сум, испарува

И во само неколку зборови

Исплакувам стогодишна љубов

Како утре да ќе пресушат сите солзи

Како утре да не ќе дојде

Како утре да ќе ме нема


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска