Од Широк сокак, преку Бахреин и Малта: На само 18 години пуштала музика во луксузниот скијачки центар Сент Мориц - Интервју со диџеј Тања

Добивај вести на Viber

Како шеснаесетгодишна љубопитна тинејџерка била поразлична од нејзините врсници. Се интересирала за музика, музички спотови и хитови и почнала да се занимава со музика, односно со диџејство. Отсекогаш сонувала да биде таа која ќе ги забавува луѓето, ќе изнудува среќа, радост и насмевка на присутните додека е зад диџеј пултот. Кафулињата на Широк сокак во Битола каде што е родена, биле нејзината комфорна зона каде почнала да гради нејзината музичка кариера како диџеј.

Хип-хоп кралицата, Диџеј Тања покажува дека во овој свет има доволно место и за жените. Почетоците се поврзани со една од првите македонски женски диџејки, Фани Христова.

- Имав среќа Фани Христова да биде моја сосетка, која ме воведе и ми покажа што значи да се биде диџеј. Фани беше една од првите женски диџејки во Македонија. Во тој период беше чудно да се биде жена диџеј и многумина на почетокот се сомневаа во мојата способност. Не беше лесно да се пробиеш на сцената во Македонија, но со труд и љубов, докажав што значи да се биде женски диџеј и да настапувам во цела Македонија и надвор од неа.

Горда е што е битолчанка. Родниот град е нејзино најдраго место, на кое секогаш му се враќа и со задоволство ги забавува битолчани секој пат како да е прв пат.

- Моите почетоци беа во кафулето „Игучи“ на Широк сокак, во мојата родна Битола, од каде потекнуваат многу талентирани музичари и воопшто уметници. Јас сум горда битолчанка и каде и да одам во светот го кажувам тоа, но секако еден од најголемите предизвици ми е да пуштам музика во мојот роден град во кој секогаш се чувствувам како тоа да го правам прв пат. Во Битола се моите најблиски пријатели и семејството, и каде и да одам гледам на крајот да се вратам во градот каде што сè започна.

Диџејството прво беше нејзино хоби, а потоа професија.

- Пресудниот момент да ми стане професија беше кога почувствував дека публиката ужива, се забавува и се опушта на мојата музика. Чувството што и ден денес го добивам кога гледам дека луѓето се среќни и задоволни не може да се спореди со ниту едно друго чувство. Токму поради тоа и сум диџеј, поради заемното давање на енергија и чувство на среќа.

Предизвикот го гледа во задоволството на присутните, кога поголема група луѓе преку музиката ќе ги „натера“ да дишат како едно.

- Се разбира тука е работата до раните утрински часови, подготвеноста да се биде секогаш во движење, а куферот секогаш спакуван за да може следниот ден да бидеш во друг град или дури и во друга земја.

Да се биде жена во оваа професија на почетокот од нејзината кариера не било лесно. Да се избори за своето место под небото на клупската музика, било потребно да вложи поголем труд и постојано докажување.

- Пред 20 години кога почнав да се занимавам со оваа работа беше потешко да се прифати дека сум жена диџеј. Требаше да се докажувам повеќе од машките диџеи, додека да стигнам до ова ниво на коешто сум сега. Но публиката најчесто доаѓа за музиката којашто ја пушташ, сценскиот настап и енергијата којашто ја шириш, така што јас сметам дека не е важно дали си машки или женски диџеј. Како што и погоре кажав со многу труд верба во себе и љубов се стигнува до посакувана цел.

На диџеј сетовите на Диџеј Тања присутна е мешана публика, односно сите оние кои ја сакаат хип-хоп и р’н’б музиката. Првиот настап надвор од границите го имала на само 18 години во луксузниот скијачки центар Сент Мориц во Швајцарија.

- Потоа следуваа настапи во Антигуа и Барбуда, Сент Мартин и другите Карипски острови, Америка, Бахреин, Дубаи, Малта, Германија, Монте Карло и нашите соседни земји Косово и Албанија. Во иднина си посакувам уште многу нови земји …

Многу забави ќе ги памети, но онаа во Бахреин има посебно место во нејзиното сеќавање.

-Најдобрата журка ми беше отворањето пред концертот на познатиот рапер Тиние Темпах во Бахреин. Настапував пред повеќе од 30.000 луѓе и чувството беше незаборавно. Во летниот период пуштам музика во елитниот Club Toy Room на Малта кој собира околу 5.000 луѓе и е франшиза на еден од најдобрите клубови во светот. Токму таму сум резидент диџеј веќе 3 лета.

Иако има прошетано многу земји и била дел од голем број журки на различни места на планетата, пред домашната публика која ја смета за пребирлива е најголем предизвик.

- Како луѓе имаме чуден менталитет и сме пребирливи. Затоа на секоја нова журка од ново се трудам да ги имплементирам сите работи коишто сум ги научила низ светот, да донесам нова музика и со тоа да ги задоволам дури и најпребирливите.

Подготвена е за нови предизвици кои и ги нуди диџејството, а оние кои се појавуваат неочекувано диџеј Тања вели и дека се најубави.

- До почетокот на летото имам неколку договорени настапи низ нашата земја, а како и последните 3 години летниот период ќе го поминам на Малта. Се разбира спремна сум и за нови предизвици коишто мојата професија секогаш ми ги нуди, така што сигурно ќе се случат и некои неочекувани настапи кои на крајот излегува дека се едни од најубавите.

Габриела Додевска Глигоровска