Ана Бунтеска: Гнило е дрвото, рекоа
Гнило е дрвото, рекоа
Болештина некоја го фатила
Удолу
Од коренот иди
И нагоре накај гранките тера
Та и на пролет само прачки ќе останат
Гнило е дрвото, така ми рекоа
Оти за нив само обично дрво е
Кое никакво значење нема
А раката лесна е секогаш
Кога душата за нешто не те боли
А мене
Мене тоа дрво живот ми е
И знам дека оболело
Од години
Од ветрови
Од молњи и дождови
И кому да кажам
Оти тоа дрвце не е за умирачка
Туку лешник кој аманет ми е
И кому да кажам
Оти корените му се како јазли
Удолу длабоко
До центарот на земјата
Испреплетени како двајца кои се љубат
Та оди и раздвој ги
Осуди ги еден без друг да бидат
Гнило е дрвото, ми рекоа
Посади нешто друго
Нешто што лесно ќе вирее
И кое нема да треба да го чуваш
А јас
Јас кому да кажам
Оти исто е како да замениш чоек
И себе да се дадеш некому
За кој пилето не ти пее
И душата не ти игра
Исто е ко да се оќориш
И окото да не ти бара светлина
И кому да кажам
Оти секој од нас
По едно такво дрво има
За кое телото му вие
И утробата му вреска
Та ако се исечи
Чоек напола ќе остани
Без корен и стебло
Без гранки и лисје
Без плод сочен
Гнило е дрвото, нишнаа со главата
Оти за нив е само едно обично дрво
Она што за мене живот е
Со корени дебели и здрави
Кои уште ме крепат
Уште ме држат
На ова напатено парче земја