Ана Бунтеска: Не’ нема
Ги врзавме мечтите во јазли
А со нив ги наполнивме навлаките од перниците
На кои никогаш не ги наваливме главите
Од пусти страв дека ќе не’ жегаат мислите
И дека ќе го сониме забранетото овошје
Од кое потем душите ќе ни боледуваат
Ги сплетивме сите копнежи во густи плетенки
Небаре моми кога косите ги плетат
За на бендис кога одат
За љубовта крај селската чешма да ја најдат
Та сега не можеме да ги отплетиме желбите
Од кои срцата молкум ни крварат
Ги спастривме сите љубовни зборови
Во чисто платно ко за чеиз
Цврсто завиткани и во ковчег ставени
Демек така за нови ќе ги чуваме
Дур времето не ги изгризе
Од кое само белите влакна си ги броиме
Ги замрзнавме погледите еден кон друг
Како да се коцки мраз
Со кои на лето ќе се разладиме
Без да ни текне дека ќе ги заборавиме
И без нив ќе научиме да живееме
Од немукает без да сетиме, без да знаеме
Ги пуштивме стрелките од часовниците
Пребрзо да вртат небаре брзаат некаде
Без да погледнеме оти времето ни минува
Без да знаеме оти за нас светот нема да застане
Од пуста самобендисаност аздисавме
Од која убост ниту ти, ниту јас видовме
Ги изарчивме сите воздишки
Ги изгубивме сите патишта
Иако солзи зад нас оставивме
Како да не ќе биде жега
Како да не ќе се исушат
Како да не ќе се разделиме
Без да знаеме повторно да се најдеме
Го пречекоривме мигот за нас создаден
И плукнавме на пишаното
Завртивме нов лист
На кој сите писма наопаку ги напишавме
Та се мачиме смислата да ја најдеме
Во овој бесмислен миг
За кој уште не признаваме
Дека е крај...дека не’ нема
За женски магазин, поетесата Ана Бунтеска