Ана Бунтеска: Ден-живот цел

Добивај вести на Viber

Денот

Денот живеј го

Ко последен да ти е

Сета радост од него

Во очите да ти спие

Сиот сјај од него

Во душа да ти блесне

Оти никојпат не знаеш

Утрото што ќе ти донесе

Денот, драга моја

Денот да го пиеш ко вино

Голтка по голтка

Како да се разбираш и да знаеш

Кое најубаво и најпитко е

И да го вкусиш

Како полна трпеза

На која ги има сите јадења

Кои од дете омилени ти биле

И радувај му се на овој миг

Токму сега и токму тука

Како да не ќе осамне друг ден

Како да е овој последен

Денот гушни го како дете

И посакај си да блескаш во него

Да бидеш ѕвезда во твојот филм

А не споредна улога да имаш

И мини го како што ти се сака

Оти да знаеш...

Да знаеш дека ти се може

Та престани умот да си го мачиш

Да мислиш за утре

За мислиш за цела година нанапред

Да мислиш за сите, освен за себе

Да живееш за сите, освен за себе

Да им се радуваш на сите, освен на себе

И стокми го по свои правила

Нека биде онаков

Коков што тебе среќна ќе те стори

Денот...

Денот-живот цел да ти е

И уште од сабајлината

Да не заборавиш да си кажеш

Дека се љубиш баш таква каква што си

Дека детето во тебе сака галење

И немај грижа на совест

Ако решиш дека на себе ќе се посветиш

Со истата страст

Како на другите што им се даваш

Со истата нежност

Што секому ја пружаш

Оти не знаеш и не знам

Утрото што ќе ни донесе

И каква препрека ќе треба да минеме

Затоа овој ден

Токму овој и токму ваков каков што е

Мевлем да ти биде

Иљач да ти се стори

Овој ден, ден-живот цел

За Женски магазин, Ана Бунтеска