Ана Бунтеска: Што останува после сѐ
Што останува откако сите солзи
Исплакани ќе останат во минатото
Собрани во стаклено шишенце
И потпикнато некаде за да не се гледа
Позади стари алишта кои повеќе не те собираат
А кои мирисаат на една друга ТИ
Кутии со фотографии кои не се за пулење
Ама душа не ти дава да ги фрлиш
Зад неизносени чевли кои ти се смалиле
Ама ги чуваш оти си начула
Дека на старост ногата се смалува
Што останува откако сите болки
Ќе избледат со време
И само лузни ќе останат
Како издраскано коленце кога си била дете
А сега отсутно со прстот поминуваш по неа
За да се потсетиш на сите падови
И на сите пати кога си се исправила
Колку и да ти крцкале коските
Или да те жегале зглобовите
Ама знаеш оти мора да продолжиш
Оти на себе си должиш силна да си
Што останува кога срцето
На два нееднакви делови ти се скршило
Па ја поземаш кутијата со алат
Со еден прст замастен прав озгора
Та се надеваш оти во неа
Некое чудотворно лепило ќе се најде
За колку толку да се закрпиш
Или некој нов бод да измислиш
За со игла и конец да се зашиеш
За ем да чука како порано
Ем да го личи за пред непознати
Што останува?
Останува да се вратиш сама на себе
По истиот пат на кој се имаш изгубено
Да научиш како да разговараш со себе
Без викање и расправии
Да знаеш како да се слушнеш себеси
Во сета бука од која главата ти прска
Останува...
Останува да почнеш повторно да се насмевнуваш
А потоа и да се кикотиш на сиот глас
Да ги исфрлиш сите тесни чевли и алишта
Да ги врзеш в црна вреќа за смет кутиите
Полни спомени од кои дерман немаш
А шишенцето со солзи
Да го истуриш во мијалникот
И да се почестиш со една чаша добро бело вино
И неколку коцки мраз во него
Останува да живееш
Напред да гледаш без да се вртиш
Да љубиш и да дозволиш љубена да бидеш
Останува да си горда на себе
Да си горда на твоето ТИ...сега и тука
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска