Ана Бунтеска: Дури и смртта на кило да беше и за нејзе ќе се истепавме
Ненаситни сме ние луѓето
Алчни, никогаш доста не ни е
На трпеза пикаме храна ко улај
И пијачката без усул ни е
Ко да немаме видено
Ко утре денот да не ќе осамни
За се’ сме такви чупе
Еве гледај
Живејме од денес за утре
Се спружваме појќе отколку шо чергата не’ бери
А после пекаме оти животот краток е
Ненаситни
Стоп да се немало
Ко да треба да се покажваме пред другите
Ниту скромност ни остана
А за чоештина ич муабет да не праам
Да се грабни
Ако се можи и од туѓата уста да се земи
Ами колку можиш в мев да пикниш бе чоек?!
Колку можиш да се изнапиеш а да не пукниш?!
Та ќе блуеме
И храна и вода
И месо и ракија
Се’ ќе изблуеме
Дури и себе од желудецот ќе се извајме
Дур само киселината не ни остани
За џабе
За ништо
За да не остани за другиот
Абе чупе
Дури и смртта на кило да беше
И за нејзе ќе се истепавме
Да грабниш
Да земиш
Абе да пукниш!
Ниту за живот ниту за умирачка
Без убост и мерка
Да касниш колку цревата да не ти кркорат
Да се напиеш колку од жед да не умриш
Да пејш дур убо ти е
Да се облечиш за да не ти студи
Да се соблечиш за жешко да не ти е
Со мерка
Со кроткост и со кренато лице угоре кон сонцето
Ех чупе
Не сме дури ни за животни да се кажваме
Оти животното ја врти глата ко е најадено
Та пикај му ти под муцка, нејќи!
На сила ништо бива
А најмалку да си играш со телото и умот
Оти тие знаат да ти се скараат
А ко телото ќе ти се скара болест навјасува
Умот ко ќе ти се скара мислите ти се трујат
Со се’ е така чупе
И со јадачка и пијачка
И со луѓе
Оти и од нив знај чоек да се презасити
Ама не
Упорно до себе ќе ги држи
Оние шо на душата неарно му праат
Демек од љубов
Демек го сакала или ја сакал
Ами како не!
Таму кај шо од некој поболваш љубов нема
Ниту пак некојпат ќе се роди
Ко од сува прачка да чекаш дрво да порасни
Зато чоек скромен да биди
И да не пребарва
Да не си го трупа телото и глата со премногу
Оти од премногу никој арно не видел
Оти и љубовта престанва љубов да е ко премногу станва
Оти од премногу чоек гори и прегорва
Боли и боледува
Дур ко свеќа не згасни и го снема
Ко никојпат и да не бил
За Женски магазин, Ана Бунтеска