Ана Бунтеска: со души како надгробни плочи
Си ја закопавме љубовта
како мрша
уредно положена во ламаринен ковчег
залемен, случајно за да не воскресне
и неподготвени да нè начека
ја спастривме како за арно да е
и ниту знак не оставивме
за да немаме каде да се вратиме
по една свеќа да запалиме
или на спомени да се навраќаме
со суви лисја ја покривме
и секој на своја страна заминавме
ти на север, јас на југ
или ти на исток, а јас накај запад кинисав
и години ќе минат
времето ќе ги исколва трошките љубов
кои нам гозба ни беа
и зборовите со кои од мртви, живи станавме
потем пак за да се убиеме
години, години ќе минат
друга ќе најдеш
а и јас сама не ќе останам
и во неа очите ќе ми ги бараш
а и јас тебе во него ќе те гледам
па со стегнати души
мислите к’о здодевни муви ќе ги бркаме
и на сила ќе се смееме
дур’ стомаците не нè заболат
а вилиците не ни се вкочанат
ќе се подзалажеме
искусно, како многупати досега
дека добро сме
дека ете, животот го врвиме
малку вака
малку онака
ама го тераме
како најдобро знаеме и умееме
и солзи еден за друг не ќе пуштаме
како мали камчиња ќе ги голтаме
дур’ еден ден камен душите не ни се сторат
како надгробни плочи
на нашата љубов закопана.
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска