„Место да се нервирате, слушајте си ја женичката. Бадијала се препелкате, пак ќе е по нејзино“: Интервју со Трајче Толевски

Добивај вести на Viber

Трајче Толевски македонската музичка ѕвезда, и скопски угостител и е познат на естрадата како Трајче Мајка меѓу колегите и новинарите е познат и како голем шегобиец.

Водител на една од најгледаните и омилени фолк ТВ емисии во македонскиот етер „Мерак меана“, Трајче е врвен инстрименталист, но и забавувач. 

Шегобиец, итар, досетлив, со своите смешки, шеги, симпатични задевања и постојано „ги ашка“ колегите.

Такво шегобијни, но искрени и од срце одговори добивме и ние во ова интервју со Трајче.

Вам, драги читатели ви останува да читате, и да се посмеете.

ЖМ: Трајче ви благодарам за прифатеното интервју. За почеток кажете ни како сте, од каде го пишувате ова наше прво интервју?

-Како секогаш, одличен сум, полн со енергија за секој иден предизвик. Пишувањето започнува од канцеларија со цеден портокал и нес кафе, едно во денот ама вредно.


ЖМ: Како почнува еден ваш ден, кога се будите, што е тоа што прво го правите, појадок или кафе?

-Денот во мојот случај започнува од ноќта, зашто никогаш не сум прибран поради моите обврски према кафаната КАМИН КАМА, навиката дека засега ми е доволно да дојдам дома, мала прошетка во дворот со малтезерот Боно, легувам и веќе во 08ч сум со отворени очи, се радувам што е така (се смее), со тоа што релаксирано еден сат до два  доста активности ги извршувам во постела. Одам до кафана и прво е нес кафето, а бидејќи сум љубопитен чепнувам по се што ќе ми се допадне во фрижидерите.

ЖМ: Со кој го пиете првото утринско кафе, како се прави кафе по ваш вкус?

-Јас признавам од кафе исклучиво Фрапе. Значи моето матено нес со вода, малку шеќер, и две коцки лед.

ЖМ: Што е тоа што ви дава дополнителна енергија освен испиената шолја кафе во еден ден?

-Секоја обврска нова ми дава нова енергија за реализирање на истите. Обврска кафана  е огромна обврска, водител во Mерак меана, контактирање со Естрада, снимање емисија, нареден ден и тестови за шпиците, се уште активен во  музичките води. Значи како кафето „три во едно“.


ЖМ: Како изгледаат вашите дневни планови и обврски?

-Променлива варијабила во зависност на приоритетите за реализација.

ЖМ: Вие сте семеен човек. Раскажете ни нешто за вашиот брак со Вики – колку време сте заедно, како се запознавте?

-Заедно сме по 7 саати дневно (се смее), а колку време треба да седнам да побарам слика од денот кога ја ќарив...еден век сме заедно, а моите години се рачунаат дупло во брак.

ЖМ: Како го негувате бракот, колку често умеете да ја изненадите вашата сопруга?

Многу често ја изненадувам кога ќе ѝ кажам дека нема да се видиме неколку дена (се смее) . Венчаната, доста колешки ја викаат Клеопатра, зошто бракот за мене е светиња, а кој како плива во тие води така и ќе го ужива брачниот живот. Поддршка од Вики во сите насоки, зошто таа е потрошач од невидени размери.


ЖМ: Имате ли рецепт за успех во бракот, колку сте склони на компромис?

- Рецептот за бракот е: Место да се нервирате, слушајте си ја женичката. Бадијала се препелкате, пак ќе е по нејзино. Последно нешто што направи Вики е да одам сам на одмор, таа дома да изреновира по нејзина желба, да ми ги намали нервозите ако бев присутен.

*Колку денес младите умеат да создадат семејство засновано на вистински вредности, почит кон повозрасните, љубов и почит каква што треба да ја имаат едни родители?

-Како што се менуваат времињата, се менуваат и животните навики во насока на семејство. Порано еден беше носител на семејството и парите беа таму. Сега веќе младите сакаат да се самостојни во сѐ, но ако може пари од  родителите (се смее). Во секој случај разбирање и компромис мора да се има, идеално нема.


ЖМ: Како вие ги воспитувате вашите деца, на какви животни вредности ги учите?

Имам две прекрасни деца, во трошење цели на мајката, и по ново тие ме учат на животните вредности. Кога им требаме се слушаме, кога им е се ок виберот работи (се смее).


ЖМ: Важите за човек – шегобиец, поднесувате ли шеги на ваша сметка?

-Верувајте, секогаш правам шеги прво на моја сметка, никогаш на друга сметка. Затоа и сум така прифатен од народот.


*Како најчесто ви завршува денот, со која мисла најчесто легнувате навечер?

Една единствена мисла: Се надевам дека ќе ги отворам очите. Поголема радост нема кога ги отварам и ја гледам жена ми со список од пола метар што да купам за дома  (се смее)..Парола „Живејте го секој ден со полни гради.


Ирена Ставрова