Ана Бунтеска: Помеѓу рајот и пеколот

Добивај вести на Viber

Не беше рајот за нас

Или искрена да бидам

Не бевме ние кадарни

За во него спокојот да си го најдеме

И како во совршена слика 

Насмеани еден до друг да седиме

Та живеачката ко мирна река

Тивко среде планина да ни шумолеше

Не бевме ниту ти, ниту јас за во рајот

А што е за право ниту пеколот не не’ береше

Оти веќе не ни знам дали грев е

Кога двајца несреќници ко нас

Не умеат еден со друг да се сочуваат

Та некојпат си велам и низ умов ми ровари

Она парче љубов меѓу нас зачнато

И од небрежност да сме го убиле

Треба ко за жив чоек казнети да бидеме

Не

Не бевме ти и јас душо моја убава

Ниту за рајот родени

Ниту за пеколот капарисани

Та се шуткаме некаде помеѓу

И гревовите што сме си ги сториле

Ги отплаќаме и отплакуваме

Робови на љубовта за која не се грижевме

Гости во домот кој го создадовме

А домаќини по туѓи трпези и постели

И џабе ми се сите солзи пролеани

И џабе ти се сите пцости на светов

Кога каде и да тргнеме

Во истата точка се враќаме

Без идеја како следниот пат

Нова патека да најдеме

И барем малку...сосем малку да се залечиме

Не бевме ти и јас ниту за рајот да го вкусиме

Оти за љубовта не се потрудивме

Ниту за пеколот душите да си ги потпалиме

Оти намерно не ја осакативме

Та оној горе ете решил

Некаде помеѓу да се помачиме

И не’ фрлил на исто парче земја

Толку блиску да бидеме

А цели светови меѓу нас да зјаат

Дур не научиме

И ти и јас лекцијата наизуст да ја знаеме

Оти на љубовта грб не и’ се покажува

Ниту на човек збор-сабја му се кажува

И секој во својот затвор ќе се врти

Одваму таму

Удолу и угоре

По сите ќошиња од тие неколку педи

Во кои совеста си ја запустивме

Во нашето засолниште

Во нашиот рај во пеколот и пекол во рајот

Во нашето... мачилиште


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска

(Авторка на сликата е Соња Р. Јовановска-Универзитетски професор)