Денес е Светски ден на ѓумбир колачињата: Направете си слатко уживање (РЕЦЕПТ)
Без разлика дали се во облик на човечиња, мечиња или се во други форми, празничните ѓумбир колачиња се забавно уживање кое датира од пред неколку векови.
Без овие колачиња не може да се замисли ниту еден Божиќ, а денешниот ден е посветен токму на нив.
21 ноември е запишан како денот на ѓумбир колачињата.
„Gingerbread“ колачињата се вкусни, но и брзи и лесни за подготовка.
Денес токму поради нив со вас ќе споделиме рецепт.
Разубавете ја Вашата празнична трпеза со популарните ѓумбир колачиња и внесете радост во домот.
- ЃУМБИР КОЛАЧИЊА
Потребни состојки за тестото: 450 гр. брашно, 160 гр. кафеав шеќер, 1 лажичка цимет, 1 лажица ѓумбир, малку сода бикарбона, 2 јајца, малку сол и 200 гр. путер.
Потребни состојки за ајсингот: 2 белки, 400 гр.шеќер во прав и малку сок од лимон
Постапка:
Во подлабок сад се матат јајцата со миксер.
При матењето се додава кафеав шеќер и се продолжува со матење.
Се исклучува миксерот и се додаваат: ѓумбир, цимет, сол, сода бикарбона и растопен путер.
Потоа се вклучува миксерот и состојките се матат уште малку.
Постепено се става брашното при што миксерот работи на помала брзина.
Потоа се зголемува на поголема брзина и се мати уште една минута.
Лепливата смеса се витка во фолија и се остава да отстои околу 30 минути во фрижидер.
За тоа време се прави ајсингот.
Белките се матат со миксер и постепено се додава шеќерот во прав.
Потоа се додава малку сок од лимон и се продолжува со матење околу 10 минути.
Добиената смеса се дели на три дела и во нив се додава прехранбена боја по желба.
Тестото се вади од фрижидер и се расукува.
Со помош на калапчиња се добиваат различни форми од тестото.
Колачињата се печат во загреана рерна околу 10 минути на 200 степени.
Откако ќе се испечат се украсуваат со шприц со смесата во различни бои.
Наздравје.