„Чест ми е и задоволство да ги внесувам младенците со звукот на саксофонот“: Интервју со саксофонистот Стефан Неделковски
Доколку во скоро време сте присуствувале на некоја свадбена веселба можеби сте имале можност да го слушнете момчето со саксофонот, кое прави вистинско уникатно шоу или пак сте го забележиле додека сте биле на дневна прошета низ Градскиот парк, каде со звуци на познати рефрени дополнително денот го прави да е убав.
Стефан Неделковски или Стефан Сакс е момче кое со неговиот инструмент прави убавите моменти да ги паметите засекогаш. Во интервју за Женски магазин, зборува за неговите почетоци, за забавувањето на случајните минувачи среде улица, свадбените веселби како негов моментален ангажман.
Tалентот за
музикалност го откриле
неговите родители на негови 5 години, кога тропал по ритам на ударни
инструменти во домот. Почетоците на Стефан биле со свирење на етиди и
композиции од класичната музика, а првата песна која ја отсвирел била
„Yesterday“ од Битлси.
„Потврда за мојот талент дадоа и некои наставници од музичкото училиште каде што започнав прва година нижо музичко изучувајќи само нотен текст, и веќе од наредната година го одбрав саксофонот како инструмент со кој се дружам до ден денес. Како одминуваше времето многу напредував, почнаа натпревари на државно и интернационално ниво, концерти, семинари, посетување мастер класови и тогаш сфатив дека ова ќе биде мојата животна професија“, раскажа Стефан за Женски магазин.
Случајните минувачи во ГТЦ, но и во Градски пат имаа можност да уживаат во звуците на саксофонот на Стефан каде свиреше за своја душа.
„Уличните музичари се честа слика во поголемите градови. Тоа беше отскочна даска што ми отвори многу врати за ова што го работам денес. Имав преубави моменти и во ГТЦ и во Градскиот парк така што не ја исклучувам можноста во некој убав пролетен ден повторно да ги забавувам посетителите во Градскиот парк“.
Приказната за тој да биде еден од музичарите кој ќе направи свадбената веселба да биде поинаква и уникатна, започнала сосема случајно на покана на девојка која требало да биде идна невеста, додека Стефан свирел како уличен уметник во ГТЦ.
„Приказната почна кога паралелно со класичната музика почнав да свирам и поп-музика во Градскиот трговски центар. Една девојка, идна невеста, ми пријде импресионирана од свирењето, и ме праша дали би сакал да свирам на нивната свадбена веселба. Секако дека прифатив. Таа вечер во ресторанот Рагуза 360 беше магична. едно преубаво чувство кое навистина не може да се опише со зборови“.
На почетокот, свирел само за време на приемот на гости и за време на свадбената вечера, но со барањата и потребите на идните младенци работите се смениле.
„После неколку години можам да кажам дека свирам сè што не свири главниот бенд … односно коктел после матичното прием на гости, свадбена вечера, забавен дел со диџеј на крајот од свадбата, дури и целосна свадба со диџеј“.
Репертоарот го одбира во зависност од тоа за каков настан станува збор. Искуството од изминатите години многу му помогнало. Плејлиста за одреден настан ја прави со претходено направен договор со младенците или менаџерите на рестораните, хотелите. А свирењето на првиот танц секако е желба на младенците.
„Песните најчесто се трендовски, најслушани хитови, и актуелни во моментов. Секако тука се и старите хитови од 70-те, 80-те и 90-те години кои се безвременски и многу актуелни. Повеќе акцент ставам на забавната музика тоа е мојот стил и знак за препознатливост“.
На прашањето дали еден музичар како индивидуалец може да живее од музика, Стефан вели дека музиката е широко поле каде што секој музичар – изведувач може да си го најде своето место, и да биде задоволен со тоа што го работи.
Уште еден музичар кај нас, кој со само еден инструмент може да направи добра забава е Горан Папаз, саксофонист како Стефан.
„Со Горан Папаз имаме многу добра соработка, тој е прекрасен музичар и пред сè прекрасен човек. Секако дека може да се направи одлична журка во соработка со некој Диџеј“.
Стефан е поразличен од другите и уникатен во изведбите и со својот стил на свирење препознатлив.
„Песната за прв танц е избор на младенците, а јас сум тука да ги исполнам нивните желби. Морам да напомнам дека и песната за влез во ресторанот е преубав момент, и чест ми е и задоволство да ги внесувам младенците со звукот на саксофонот“.
Со задоволство ја работи оваа работа, а бројка на колку свадбени веселби досега има свирено е голема. Но помеѓу понудите, Стефан имал и интересни предлози за каде точно треба да се појави за некое момче или девојче да го изненади партнерот или партнерката. Еве кои се уникатните моменти кои ги посведочил …
„Сведок бев на неколку интересни запросувања. Едно од поинтересните запросувања беше покрај новогодишната елка во центарот на Скопје со песната „All of me“. Морам да го издвојам и запросувањето на зајдисонце во Охрид на катамаран среде езеро“.
Доколку го заследите Стефан на Инстаграм може да уживате и во уникатните преработки на македонски забавни и народни песни. Помеѓу нив ќе ја најдете фолк-џез верзијата на „Туѓа си бескрајно“, топ-листа на најбараните песни за првиот танц и уште многу други кавери.
„Размислувам за некои проекти поврзани со неколку преубави македонски песни којшто планирам да ги завршам наредната година. Планови имам многу, моите преработки на странските песни остануваат секако, со видеа на разни локации низ Македонија како и надвор од неа. Правење на албум со своја авторска инструментална музика е една од поголемите мои желби што се надевам дека ќе се остварат во иднина“.
Габриела Додевска Глигоровска