Ана Бунтеска: НЕКОГАШ ТАГАТА ИМА ИМЕ

Добивај вести на Viber

Ме јаде чувството дека никаде не припаѓам,

најмалку во толпата насмеани лица,

кои ги знам, а не ги познавам.

Како да танцувам низ нив,

без почеток и крај,

без да знам како сум стасала таму.

Ја исцртувам насмевката на усниве,

со болка во вилицата и мачнина во желудникот,

со страв дека ако ја снема, ќе се распаднам.

И говорам за се’ и сешто, освен за себе,

ломотам без да се слушам,

без да чујам што ми е возвратено.

Деновиве сум секаде и никаде,

присутна со сета отсутност во погледот,

како животот да ми зависи од туѓите одобрувања.

Ме плаши бестелесноста која ме обзема,

телото ми вибрира од немир и исчекување

на нешто, за кое мора да сум спремна....а не знам што!

Се кријам зад зборови,

со нив си ја лекувам душата и се соголувам,

оти само така знам, оти прстиве говорат се’ што не можам да изустам.

И тогаш се прашувам, што ако некогаш снемам сила во рацеве,

ќе почнам да зборувам или ќе замрам засекогаш,

па одмавнувам со главата и земам нов лист хартија.

Ќе ги оставам зад себе сите мисли во кои ми се прикрадуваш,

ќе пишувам за нешто убаво, еве, за љубовта ќе пишувам,

небаре никој досега ништо за неа не напишал.

Да...за љубовта ќе пишувам,

проклетство Ана...пишувај за неа,

доста зад тагата се криеш!

А во мене...цвилат други зборови,

молат да ги извадам надвор, да ги пуштам на слобода,

врескаат и ми ја касапат утробата.

Ми трнат рацете...

ме болат прстите...

крварат ноктите,

истекуваат сами од мене,

оти телово повеќе не ги додржува,

ги гледам...немоќна да ги сопрам,

додека на листот испишуваат...

НЕКОГАШ ТАГАТА ИМА ИМЕ...ТВОЕТО!


За Женски Магазин, Ана Бунтеска