4 пати Шампион на бикини фитнес во Македонија, 9 години живее и работи во Доха каде си го остварува сонот: Скопјанката Симона Стојановска за Женски магазин
33 - годишната Симона Стојановска од Скопје е пример за жена, која не се откажала и која не планира да се откаже од она кое го зацртала да го направи, во нејзиниот случај освои во нејзината кариера. Некогаш палавото девојче, кое израснало тренирајќи карате, завршила Факултет за Физичка Култура и Спорт, одсек Фитнес и Бодибилдинг.
Како што вели од полнолетство се занимава со фитнес, а на нејзини 24 години заминала да живее и работи во Доха, во Катар. Веќе 9 години таму работи како персонален тренер, но во исто време и кога е во сезона на натпревари се подготвува за нејзините натпревари за Бикини фитнес, кои како што рече знаат да бидат брутално исцрпувачки.
Порано имала голема желба да биде дел од Специјална Единица ЕБР. Тој сон не ѝ се остварил, а токму фитнесот и помогнал да го преброди тоа и тогаш сфатила дека тоа не е за неа. Додава и дека се‘ што е поврзано со спорт го сака, но и дека е лудо вљубена во мотори.
Првото интервју за Женски магазин со ова неверојано талентирана, силна и успешна дама прочитајте го во редовите подолу:
*Од кога започнавте професионално да се занимавате со боди фитнесот?
- Професионално со натпревари и бикини фитнес почнав во 2018-та година во Аматери. Во 2021-ва ја добив и ПРО картата за бикини фитнес на натпревар во Либан. 2022-ра беше без такмичења, бидеќи работев на подобрување на мојата форма за идните натпревари. Се натпреварував на неколку ПРО натпревари каде освоив Топ 6 и Топ 10, сега за сега.
* Колку време во текот на еден ден поминувате во вежбање?
-Кога сум офф сезона вкупно 2 часа. Обично наутро на празен стомак правам 1час кардио. Попладнето 1 час тежински тренинг. Додека во сезона на такмичење е по ригорозно. Од 3-4 часа поминувам во теретана.
* Дали и колку исхраната е важна кога една личност се занимава со боди фитнес?
-Искрено исхраната е 90% од цел тој процес. Колку и да е совршено креиран тренингот ако исхраната и внесот на калориите не се прецизирани, цел тој тренинг е буквално неуспешен.
*Дали пред бодифитнесот работевте друго, доколку да - што?
- Не баш. Работев една година во администрација (приватна фирма за консалтинг) но не се пронајдов себеси зад биро. Напоредно работев и во фитнес центар и на крајот решив да се фокусирам целосно на фитнесот.
* Дали е лесно да се биде успешна жена во светот на бодибилдерството - кое нели до неодамна беше резервирано само за мажи или ајде да кажеме повеќе за мажи? Колку тоа се промени низ годините?
-Порано беа многу повеќе табу тема овие натпревари, бикини фитнес итн. Денес овој спорт има многу повеќе распространетост од пред 6 год да речеме. За тоа дали е лесно да се биде успешна жена во светот на бодибилдерството ќе кажам не. Патот до Про картата бара како личност да се изолираш од се‘ додека сте на тие месеци на припреми, да се откажете од многу работи вклучувајќи го и вашиот социјален живот. Не многу луѓе се створени да го издржат цел тој процес. Иако денес е полесно од порано пак овој спорт преовладува повеќе со мажи отколку жени. Но на крајот од денот си има свој совршен баланс.
* Колку е важно во тоа што го правите да имате поддршка од најблиските?
- Зависи до личноста, но би рекла дека е доста битно, бидеќи последните неколку недели од сето тоа спремање е искрено брутално и ако немате блиски околу вас да ве кренат во тие тешки денови кога се нема мотивација и сила за тренинг и готвење, цел тој процес би бил дупло потежок.
*Како го балансирате приватниот со професионалниот живот?
- Нема баланс искрено. Кога сум на припреми сум 100% фокусирана на тоа и моите најблиски знаат дека тие месеци сум изолирана и фокусирана на натпреварувањето. Благодарна сум на моите пријатели и мојата фамилија за сето тоа разбирање и трпеливост во тој период. Не секој има разбирливост на таа тема, но сум среќна за фактот дека мојот круг на луѓе ме поддржуваат бескрајно и до ден денес. Кога сум офф сезона тогаш се‘ си е нормално. Пак внимавам на исхрана и тренинзи, но имам и социјален живот.
* На кои натпревари сте учествувале досега, дали имате освоено награди и кои. И дали некој натпревар ви останал при срце, драг кој се двои од другите и зошто?
- Во аматерската кариера бев 4 пати Шампион во Бикини Фитнес кај нас во Македонија. Имам бронза, сребро од неколку меѓународни натпревари. Но најдраг натпревар кој секогаш ќе го памтам е Арнолд Класик во Севиља Шпанија во 2021 година, каде го освоив 5-то место во Топ 6 девојки Бикини Фитнес во Европа. Беше едно од моите први искуства да се натпреварувам на таква светска сцена опкружена со девојки кои сум ги гледала како пример како треба една Бикини Фитнес девојка да изгледа, во тој момент сфатив дека стојам до нив на сцена и земав 5-то место во Европа. Нешто што ми беше желба од почетокот на мојата натпреварувачка кариера.
* Каде се гледате за 10 години од сега?
-Уф, сигурно некаде на топло. Блиску до плажа со мојот мотор и идно милениче. Свој мал фитнес центар, тоа сигурно. Каде ќе спремам натпреварувачи и ќе продолжам да држам свои персонални тренинзи. И се надевам дека до тогаш ќе полагам за судија за IFBB и ќе судам натпревари. Но пред сево ова, да освојам Светско во наредниве години што планирам да се натпреварувам.
Наталија Миланова