Ана Бунтеска: Мирисаш ли онака како што ми мириса желбата?
Ми збеснува душата
и умот ми е разигран
рацете ми треперат
како да се на дофат на нешто многу важно
нешто што ќе смени сѐ
и кожата тесна ми станува
како ерупција да се готви однатре
се затега, крцка
чиниш секој миг ќе испука
и ќе излезе нешто од под неа
нешто што ќе смени сѐ
и озгора месечината ја гледам
или таа во мене се пули
светната и намигнува
иако знам дека само ми се потсмева
па подзамижувам и пружам рака да ја дофатам
оти знам
тоа ќе смени сѐ.
Те мислам
до тебе и себе се гледам
како се мирисаме на далечина
која другите би ја нарекле пристојна
дур телово ми копнее
и ме јаде помислата:
Мирисаш ли онака како што ми мириса желбата?!
Остани
можеби тоа ќе смени сѐ
и еве ме сама повторно
а до мојата сенка твојата надвисната лебди
молчам и ги гледам како во светлината се бркаат
а во себе тивко молитви редам
да се најдат
оти знам
тоа... тоа ќе смени сѐ
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска