Ана Бунтеска: Имав многу желби

Добивај вести на Viber

Имав многу желби

Наредени како камчиња

Во бистра вода езерска

И кое од кое поубаво

Помазно и побело

Чиниш кристали светат

Наредени во излогот на животот

Имав, имав многу желби

Некој да ме прашаше

Не можев да ги добројам

Та ги редев набрзина

Колку некоја од ум да не избега

Сета со детска радост во себе

Со ѕвезди во очите

Со трепет во градите

Имав многу желби

Едно време навистина безброј беа

Натискани во срцето

Една врз друга наредени

Како ѓердан од бисери

Кој убаво стои на вратот

Ама никогаш не стега

Никогаш не боли

Имав многу желби

И не знам како

Ете, не знам ниту кога

Една по една како ги снема

Како пилиња од кафез пуштени

Та со око не можеш да ги дофатиш

Секое на своја страна фатило

Угоре и високо

Чунки небото е бескрајно

И во него јата птици собира

Едно време имав желби

Толку многу

Што почнаа да ме гушат

Толку многу

Што не можев ни да ги голтнам

Толку многу

Што кожава тесна ми стана

И некако ги пуштив

Ги раатисав од себе

Се раатисав од нив

И тогаш почнав подлабоко да дишам

Олеснета од секое нивно неисполнување

Ослободена од разочарувања

Та сега секој ден ми е како нов живот

Во кој оставам судбата да ме изненади

Та некојпат ќе ми подари радост

Некојпат по некоја солза

Некојпат знам како со себе

Некојпат оставам само да мине ноќта

И новото утро нешто друго да ми донесе

Имав многу желби

Во едно друго време

Кога и јас друга бев

А сега

Сега само една имам

Да можам повторно желби да имам

Да можам повторно дете да бидам

За Женски магазин, Ана Бунтеска