Ана Бунтеска: „од умовите си патиме“
„Од умовите си патиме
чунки тие што велат
така треба да биде
ама не е
не е така секојпат
оти и срцето кажува
ама никој не го слуша
ами сетне сме се поболувале
чукало брзо
та чукало бавно
та прескокнало
ами еден ден ќе престани
и онде горе ко’ ќе појдеш
никој не ќе ти пише плус за умот
туку за она што со срцето си направила
колку си дала
без да мериш колку си зела
колку си љубела
без да ставаш на кантар колку си била љубена
оти тоа со срцето што ќе го направиш
тоа ќе остане и по тебе
ама ете
од умовите си патиме“
..............................................................................................
Сите зборови ти ги паметам
и чудно, контра времето
како стареам сѐ почесто на нив се сеќавам
и на мирисот твој кога ќе те гушнев
затрчана од железничката станица
до Ленинова 58
корално црвен
белата пудра
фустаните (секој за соодветната пригода)
чевлите како на оние актерките од црно-белите
филмови
„але чупе
ами како можеше ногата толку да ти порасне
за да носиш 39?!!!!!“
секоја недела на фризер кај Сајмето
месење милиброд со суво грозје
и љубов
љубов да можеш да ја напипаш во воздух
со нож да ја исечеш на парчиња
и гости да почестиш со нив
како со дедо ми се гледавте кришум
и ишарети си дававте
за да си легнете од љубов и со љубов насмеани
.............................................................................................
„Знаеш, да не се бараш со некој по убавина
оти убавината врви
ех, куќава кога ја градевме
знаеш што лична беше?
крцкаше фасадата од ново
абе луѓе застануваа да ја видат
а сега?
пукнала ваму, пукнала таму
не е убава фасадата
ама куќава дом е
огниште има и душа во неа цвета
е така и со луѓето е
ќе остарат, ќе огрдат
подгрбавени ќе одат
ама ако се најдете по душа
дом ќе имате
и огништето вечно ќе ви гори
и ќе остане и по вас да тлее
оти куќа и кога ќе се урне
во темелите љубовта останува
ако од љубов градена била
ама од умовите си патиме
од умовите си умираме.“
За женски магазин, поетесата Ана Бунтеска