Ана Бунтеска: Умор

Добивај вести на Viber

Се уморив од натегање

Како да е болката награда

За која и двајцата се бориме

Кој со ловоров венец ќе се накити

Како да сме на некаков натпревар

Во кој ќе победи оној

Чие срце најмногу ќе крвари

Чие срце најмногу засеци ќе носи

Се уморив

Толку многу се уморив

Што секој здив напор ми е

Секој чекор ко планина

Како на нозеве тегови да имам

А душата со свилена врвца

Силно стегната во два чвора

Која напнува при секое вдишување

Се уморив од тебе

Се уморив и од себе

И чинам дека не можам крај да најдам

Дали ти правиш нешто што не треба

Или јас не правам тоа што треба

Та престанав веќе и да мислам

Кој од нас повеќе греши

Кој од нас повеќе камшикува

Се уморив

Некако како да ми се разбиструва

Оти ова нашево станува и досадно

Оти знам дека љубовта не боли

Или барем не смее да боли

Ама ете, боли

И толку се навикнавме на болката

Што дури и како да не ја приметуваме

Се уморив од зборување

И од песни пишување

Кои демек нешто ќе ти кажат

Кои демек мене ќе ми олеснат

И решив да замолчам

И прстиве да не шкрабаат на хартија

Можеби тишината ќе проговори

И ќе го каже тоа што треба

Се уморив

Се умори

Двајцата како без желба за било што

Дури и за да се видиме

Дури и за да помуабетиме

Дури и за да се искараме

Да си кажеме кој што го мачи

Кој колку на другиот на срце му стапнал

Тежок е уморот меѓу двајца

Кои некогаш одамна

Ама многу одамна се сакале

Кои наместо попреку што сега се гледаат

Се пулеле еден во друг со страст

И еве ме како конците ги пуштам

Еве те како креваш бело знаме

Еве нѐ како збогум си кажуваме

Како последен поздрав

На две уморни души


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска