Ана Бунтеска: Да имав срце

Добивај вести на Viber

Да имав срце

име ќе му дадев,

некое звучно, егзотично,

како име на остров,

или некое комплицирано,

извадено од интернет пребарувач.

Да, ќе му дадев име

и  кога ќе се претставував,

надмено ќе ги кажував двете имиња,

небаре потекнувам од некоја кралска лоза.

Да имав срце

бојата ќе му ја сменев,

некоја која што мене ми се допаѓа,

а можеби и ќе го обоев шарено.

Прво со молив ќе нацртав цртеж,

како пред тетовирање ќе го подготвев

и потоа со мало четче ќе боев,

внимавајќи на линиите,

оти линиите се многу важни,

особено кога срце е во прашање!

Да имав срце

ќе го намирисав со парфем,

некој свеж и летен,

некој што има нијанси на зелено или сино.

Прво дланките ќе ги намирисав,

а потоа нежно низ нив ќе го протриев,

да го впие мирисот, но без тежина

да биде заводливо,

како вљубена жена на состанок,

како скриен, но речит поглед.

Да имав срце

ќе го накитев со накит создаден од

стаклени копнежи,

кршливи и прозирни...

срма и злато...

скапоцени камења...

ќе го накитев за да се покријат лузните,

ќе го затскриев со лажен сјај,

оти само така никој нема да ѕирне под површината

само така ќе мирува на сигурно.

Да имав срце

ќе ти го подарев...

ќе го сместев во новогодишна лимена кутија со ирваси,

да, внатре ќе ти го спакував,

ќе му постелев  за да му биде меко и топло,

со едната рака ќе ја придржував кутијата дур возам накај тебе

и онака срамежливо, криејќи се зад косата

ќе ти речев или промрморев “еве, за тебе”,

без да придавам некое особено значење,

оти тоа е само едно обично срце!

Да имав срце...

во пепел ќе се стореше досега

и од пепел повторно ќе се родеше,

да го имав...ех, само да го имав

и песна за него ќе напишев...


За Женски Магазин, Ана Бунтеска