Жените на годината се околу вас
Има денови кога колумните ми се веќе напишани во главата и само ми останува да ги спрегнам прстите на тастатура и за половина час сум готова. Има денови кога пишувањето ми оди потешко и тоа не дека немам тема или не дека немам што да ви кажам, туку некако ми се мислите разлетани па ми треба време додека ги ставам по фолдери и да го оформам тоа што ќе го читате понеделнички. И има денови кога толку многу имам за кажување, толку ми е цела душа напукана со емоции, а главата со информации што сериозно ми треба длабока концентрација за да се спастрам и емотивно и физички, да создадам тишина околу себе за да ја напишам колумната. Денес (недела) ми беше еден ваков тежок ден. Не тежок дека нешто ми се случило или дека ми работи интуицијата оти нешто ќе ме изненади непријатно, туку тежок од аспект дека ми беше напорно да направам ред во душата и умот, за да можам воопшто и да седнам пред монитор.
Порано, секоја година кога се ближеше при својот крај, имав обичај да седнам и да направам мал запис на тоа што остварив, што од тоа што направив било по план, па да мерам и вагам, па пиши плус таму каде што сум успеала да остварам она што сум наумила, минус таму каде што сум потфрлила. И тоа го терав така до пандемијата, кога сфатив дека човек ама баш за ништо не може да биде сигурен во животот. Сфатив дека е потребна секунда за целосно да ни се сменат животите, сфатив дека некогаш најголемата и највредната работа која можете да ја сторите во денот е само да го преживеете тој ден, да останете физички и ментално здрави и прави. Пандемијата, стравот, карантинот, изолацијата потполно ми ги изместија приоритетите. Оттогаш, немам список за тоа што сакам да се случи следната година, немам после ниту стрес дека мора барем половина од тоа да исполнам за да се чувствувам успешно. Единственото нешто што ми е примарно е што и да биде, како и да ме треска од земја животот или да ме гали како најнежниот љубовник, на крајот од секоја година да можам само да кажам “добро е, живи и здрави сме”.
И не, ова не значи дека немам желби, не значи дека немам амбиции и не значи дека немам страст кон тоа да грабам напред. Ова значи дека сé е помалку важно од вашето и здравјето на вашите најмили кои се есенцијата на животот. Ова само значи дека не постои ништо однадвор што може да ме усреќи повеќе од тоа што го носам во себе, од семејството и пријателите. Било кој успех, на било кој план станува јалов ако немате со кого да го поделите. Секоја болка и секој проблем стануваат потешки и подлабоки ако немате некој кој ќе ве сослуша, не мора да ви даде совет или да стори којзнае што, доволно е да биде покрај вас и да ви каже дека сé ќе биде во ред. Едноставно, да се има к’смет за што и да се случува во и околу вас да најдете чаре и да имате луѓе со кои ќе ја поделите и среќата и маката.
И еве, како и секоја година наназад така и оваа традиционално се бираат “маж на годината” и “жена на годината”. Пред некоја година пишував за ова и не дека нешто ми е појасно оттогаш досега. Разбирам да се одбере во секоја струка кој е најуспешен, без да се делиме на мажи и жени оти (да ми простите) доктор е доктор, та дали бил со јајници или тестиси, стручност си е стручност. Потоа, најдобар професор на годината кој ќе е избран од учениците (но и од колегите), па најдобар такси возач, наголем организатор на хуманитарни акции, најдобра компанија која била општествено одговорна итн. Што значи да се одбере маж или жена на годината? Дали се тоа мажи или жени кои се познати на јавноста? Еве, во интервјуата што ги правам, сите жени кои ми биле гостинки (а и оние кои не стасале да ми бидат, а ми се во план) можат според мене да бидат жени на годината. Дел од нив се јавни личности, дел не се. Еве, каде да ја сместам Миа, во која категорија? Инфлуенсер на годината или најголем и најуспешен организатор на донации? Каде да ја ставам Биба, во музички ѕвезди или во делот каде што има сторено многу за жените со рак на дојка преку својата “Борка”? Во која колона да ги ставам Ангелка и Цули, Весна од Охрид која со својата хуманитарна акција “зготви и подари” која ја започна за време на пандемијата, за мене е жена на деценијата. Па тука е и режисерката Витошевиќ која знае и умее од текст да стори претстава од која душата како на ренде ви крвари, а од својата актерска екипа вади она што не ни знаеле можеби дека го имаат во себе. Емануела (ќерката на Биба) која со своето здружение ЕЗРА се грижи и дава поддршка на пациентите болни од рак и ги едуцира за нивните права.
Дали е жена на годината таа жена која ем гледа семејство, ем секое сабајле трча на работа откако го исклучила шпоретот со зготвен ручак за кој станала во 5 наутро, за да користи евтина струја? Дали е жена на годината насмеаната работничка на шалтер која по стотина пати во денот вели “добар ден” и се справува со секакви карактери? Дали за жена на годината може да ја одбереме бабичката која заедно со својот син секое утро се на пазарот во Буњаковец и која е ведра и пргава и кога се надвор +40 степени, но и -5? Дали е жена на годината самохраната мајка која работи 2 работи само за да може да им овозможи на децата пристоен и достоинствен живот? Дали е жена на годината вдовицата која во најубавите години останува сама да биде на своето чедо и татко и мајка? Дали е жена на годината жената која којзнае која година по ред оди со истите чизми во зима (боејќи ја излупената кожа со црн фломастер за да изгледаат како нови), за децата да не ни почувствуваат дека е криза?
КОЈА Е ЖЕНАТА НА ГОДИНАТА?
Ти си!
Ти која сега ме читаш си одбрана за жена на годината. Ти која си нечија мајка, баба, сестра, пријателка, љубовница. Ти која во денот ќе сториш илјадници ситни херојски дела за кои никој нема да те пофали или да те плати, оти се подразбира некако дека треба да ги правиш....бидејќи си ЖЕНА. Ти која не спиеш навечер додека не си сигурна дека сите се прибрани дома и спастрени, подмирени. Ти, која секогаш кога ставаш јадење на масата, гледаш да има повеќе за сите, отколку да си го наполниш и твојот тањир како што го полниш на секој член од семејството. Жена на годината си ТИ, која се бориш секој ден да докажеш дека вредиш, дека тоа што си жена не те прави помалку вредна, паметна, начитана, интелигентна.
Жена на годината е жената која живее на село и која се буди со првите петли за да ја нахрани стоката, да измолзи млеко, да го исчисти дворот. Жена на годината е секоја жена која ја знам и секоја жена која ја знаете, затоа што секоја од вас и секоја од нив е херој. Жените борци против предрасудите, жените кои отворено зборуваат против насилство, жените кои не се плашат и не се срамат да ги покажат своите лузни и болки, само за да едуцираат. Жените кои седат и заедно учат, сечат фигури со ножици и прават колажи со своите деца. Жените кои се работнички во фабрика и кои навечер легнуваат на земја колку да го исправат грбот кој им е свиткан по цел ден. Жена на годината е жената која ќе крпи облека до доцна во ноќта и која на своето дете ќе му каже “не е важно ако е старо, важно е чисто”, жената која на својата ќерка и’ вели “никогаш да не дозволиш да крене рака на тебе и никогаш да не останеш со него ако те удри, имаш каде да дојдеш....да не трпиш, да не дозволиш ни твојата ќерка да гледа дека трпиш”.
ЖЕНА НА ГОДИНАТА СИ ТИ, ДРАГА МОЈА!
Ти, која си своја, храбра, силна во својата нежна природа, која од едно умееш да сториш 5, која не се експонираш, која си скромна иако си популарна, која плачеш во себе и која секогаш имаш убав збор за сите околу тебе. Ти си мојата инспирација, мојата муза, мојата сила, ти си жената која го одбележила и моето постоење. Живели за секоја една од вас!
Бидете живи и здрави, ви подарувам нова песна.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Ти си јас
Јас сум ти
Ти си она што сакам да бидам
Или сето она
Што душава ми бара да сум
Ти во мене
Јас во тебе
Сите твои лица во моето
Моето во секоја од вас избраздено
Ти и јас
Различни а исти
Исти а нималку слични
Секоја твоја болка
Е како товар на мојот грб
Секоја твоја смеа
Е како ѕвонец во моето срце
Сите твои сомнежи
Се мои неспани ноќи
Сите мои копнежи
Се твои думи заплеткани
Ти си јас
Во моите очи сјајот
На моите усни зборот
Мастило на рацеве
Песна за плачење
Јас сум ти
Во твоите стравови сплетена
Во твојата храброст отплетена
Во секој чекор присутна
Та некогаш не знам
И некогаш не знаеш
Дали себе во мене се гледаш
Или мене во себе ме наоѓаш
Оти и двете си требаме
Една на друга потпора да си бидеме
Како ветар во едра
Како топол чај в зима
Како дланка за утеха
Како поттурнување нанапред
Ти си јас
И јас сум ти
И во сета наша борба
Заедно рамо до рамо
Та ти мене ме поткреваш
Кога колената од гума ми се
Јас тебе рака ти давам
Кога ти се чини оти тонеш
Ти
Јас
Твоето ТИ во моето ЈАС
Моето ЈАС во твоето ТИ
Твоите очи во моето огледало
Мојата насмевка во твоето огледало
Во мигот која од ТИ и ЈАС
Се раѓа ТАА и НИЕ
Знам дека сме посилни од кога и да е