
Нема ред во оваа земја, одамна. Нема ред на шалтер, на лекар, во продавница и тоа што е поразително, најмалку кога е смртта во прашање. Пред некое време, во една од колумните напишав дека луѓето ретко се менуваат, дека треба да им се случи или голема љубов или голема болка за да им се смени начинот на размислување, а со тоа и тие самите. Тогаш, спомнав дека многу малку (барем од мое искуство) сум среќавала коренита промена на човек под влијание на љубов. Но, од лични примери знам дека под влијание на болка и загуба, настанува потполен хаос кој нé прави да си ја превртиме душата наопаку. Како да престанува да важи сé што важело дотогаш, како да ни се урнисува сé што дотогаш било став, принцип, норма. Големите загуби прават тектонски промени, а кај секој од нас индивидуално зависи во кој правец ќе се насочат.
Ќе нé смени ли од корен трагедијата во Кочани? Не верувам дека постои човек чие срце не е поткршено од ова што се случи минатиот викенд. Не верувам дека постои човек кој нема пуштено солза или лелек заради тагата која има 60 имиња. 59 жртви од пожарот и возачот на брза помош чие срце попуштило од тага, бол и исцрпеност. Не верувам дека има еден, единствен човек во Македонија кој не го почувствува бранот на колективната болка која сруши сé пред себе. Каде и да се завртам, како да не е веќе ништо исто. Лицата на луѓето имаат една чудна, посивена нијанса која укажува на шок и стрес. Во тие неколку реда муабет, има погледи полни солзи, оти не може а да не спомне тоа што се случи, тоа што ни се случи. Дури и кај помладите се чувствува отсуство на радост која сама по себе ја носи младоста. Ќе ни го смени ли стекнатиот код на размислување оваа трагедија? Токму оној кој сите нé научи дека треба да молчиме, или ако сме гласни, тоа да е затоа што ќе имаме личен ќар.
Пред ден-два, отворив на социјалните мрежи откако претходно избегнував да бидам присутна на нив. Ми излезе еден подолг пост во кој го прочитав тоа што верувам дека многумина го мислат и чувствуваат. Дека нема заедничка одговорност за злоделата, поткупувањата, валканите бизниси, туку дека одговорноста е на поединецот. Да не ме разберете погрешно, знаев дека тоа што беше напишано беше кажано со цел да се покаже со прст кон виновниците. А крајните виновници во овој случај се газдите на ваквите импровизирани дискотеки, клубови, кабареа, во кои нема елементарен протокол за “не дај Боже” ситуации. Но, иако постот имаше одлични аргументи, имаше поента и имаше тежина....не можев и не можам да се сложам со тоа што го прочитав. Да, го разбирам гневот, но не, не можам да кажам дека не сме виновни сите до еден. Има една изрека која вели дека “рибата смрди од главата”. И ако веќе ја користиме често, откако ќе ги казниме газдите на сите објекти во кои со самото влегување, животот на децата (па и нашиот) е во потенцијална опасност, ќе застанеме ли тука? Оти, да се разбереме една работа. И тие кои давале дозволи, тие кои прогледувале низ прсти, тие кои ги овластиле оние кои прогледувале низ прсти, и тие носат товар од вината. И над попот има владика.
Жалам, ама сите си носиме вина. Сите што сме се направиле слепи и глуви за низа недоследности, кршење на закон, измами, мито и корупција....од различни причини. Од причина дека ништо нема да се смени, од причина како што е стравот дека ако се каже, ќе ги сносиме последиците од корумпираното општество.
И повторно ќе прашам...ќе нé смени ли оваа трагедија? И како?
Дали ќе се одважиме да сме повеќе храбри и да почнеме да реагираме на сите неправди? Дали ќе се одважиме да ги пополниме сите пукнатини во секоја пора од општествово? Дали ќе се одважиме да кажуваме гласно што е тоа што не чини, без оглед дали се “нашите” или “вашите” на власт? Оти сите имаме меморија и немаме амнезија, знаеме кому и колку му е посран задникот. Дали ќе се одважиме да престанеме да глумиме држава и да станеме држава? Не смееме да имаме страв да кажуваме каде има криминал, без по стопати да се преслушуваме какви ќе се последиците по нас и нашите семејства. И да не се пазариме кој е повеќе виновен, дали сегашните, претходните, дали тие пред нив, зад нив. Сите сте виновни, а ние уште повеќе што ве избираме, гласаме, толерираме.
Дали оваа трагедија ќе направи да гледаме подалеку од носот? Во нестабилно општество, сите гледаат да не брануваат премногу ако горе-долу живеат пристојно. Но, што е со оние кои живеат на раб на беда, не се ли важни, не се ли луѓе? Од “ај да си ја затнам устата, оти можам да изгубам работно место или позиција” дојдовме на ова дереџе. Оти не сме се опулиле ни милиметар подалеку од тоа што ни е во нашето окружување.
Дали ќе станеме поемпатични и повеќе спремни да подадеме рака? Дали пред да направиме било што (оти и правењето зло и премолчување зло е истото зло) ќе помислиме на оние кои не ги познаваме, а може да страдаат заради нашата одлука?
Дали оваа трагедија која направи дупка во срцето на Македонија, ќе успее да нé стори поголеми луѓе или барем понежни? Сакам да верувам дека наместо да нé доразидени, оваа заедничка болка ќе нé сплоти. Многу сакам да верувам дека после ова ќе престанеме да се делиме и да се плукаме меѓусебно, оти во ниту еден момент ниту еден од нас не ни помисли на тоа дали родителите на жртвите (или жртвите) гласале за овој или оној. Во болката и загубата сите сме исти, сите сме во црно завиткани. Во болката и загубата никој не помислува на тривијални работи како што се партии, политика, за кого си и за кого сум. И како и да ги свртите работите, сеедно е. Мамицата си ја расплакавме сами на себе. Оти како и да ги свртите сите работи, сите сме за живот, за достоинствен живот, за безгрижен живот. Ако прашате било кој човек која е есенцијата на животот, ќе ви каже здравје, безбедност, среќа. Им е гајле на луѓето за празни флоскули и за лажни ветувања.
Дали оваа трагедија ќе направи да се соединиме и ние луѓето и политичарите кои останале доследни и чесни на себе (сеедно од која партија) за да стават крај на тоа што им го уништува народот? Не може да е власта и моќта послатка од детски, од човечки живот, од оставање родители во црно и деца без родител.
Тагата има имиња...
Тагата не е само оние 59 жртви и херојот од брза помош.
Тагата е имињата на секој родител, секој кој е дел од семејството, секој кој бил пријател, роднина, соученик, соработник, сопружник.
Тагата е имињата на сите нас.
Деновиве, тагата се вика Македонија.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
(посакувам песнава никогаш да не ја напишев)
За дете не поминува
и боли
а не знаеш зошто
ама боли од мигот на зачнување
дур во себе го носиш
со рацете на стомакот
како да го штитиш
да го покриваш во себе
и ќе го износиш
цел универзум од себе ќе извадиш
кој тежи едвај неколку килограми
и потем цел живот така
ќе плачеш со него
дур сестрата вакцини става
та ќе ти иди да ја плеснеш по рака
и да ја отераш во мајчината сосе шприцот
ќе лелекаш на првото запче
одраното коленце со бакнежи ќе го покриваш
и дур спие ќе проверуваш дал дише
на секоја температура ноќи ќе бдееш
и душата ќе те боли
а ко ќе порасне
не дека нешто ќе се смени
ете
ќе сакаш од луѓето да го штитиш
а знаеш дека не можеш
дека по својот пат ќе врви
ама ќе те боли
секоја солза
и секој трепет
како твој да е
та ќе проколнуваш
оти не можеш да го покриеш
со раце да го заштитиш
како во стомакот дур ти спиело
таа болка
таа никогаш не минува
само други облици добива
чекање на прозорец дур се врати од некаде
тахикардија дур се јави
повторно од некаде
не поминува
никогаш не минува
и не слабее стравот
а како врват годините
стануваш ко баба ти
па се молиш
иако во Господ не веруваш
и си велиш
“само со ред да е, со ред да биди”
оти за дете
за дете не поминува