Жените го пријавуваат семејното насилство и бараат заштита од институциите, но тие не ја нудат соодветно: Адвокат Катерина Котеска за Женски магазин
Статистиката покажува дека секоја жена може да биде жртва на машко насилство, без разлика на возраста и образованието, финансиската состојба или националноста. Меѓународното женско движење покажа дека машкото насилство врз жените е глобален феномен и дека има иста динамика во сите култури, само што некои форми се различни во одредени заедници.
Денес е 25 ноември ден кога светот го обележува Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените.
Според статистичките податоци секоја втора жена во светот е жртва на насилство од страна на својот партнер, а секоја петта е подложна или или трпи закана од сексуално насилство. Жените од целиот свет се предмет на насилство, а големината и вистинската природа на овој проблем често се скриени. Неодамна, американските научници открија дека жените кои се физички или психички малтретирани од страна на нивниот сопруг или партнер имаат поголеми шанси да страдаат од здравствени проблеми.
Кај нас насилството во семејството расте. Само во последната година има раст од скоро 20%.
- Во Македонија, податоците за 2024 година, покажуваат дека семејното насилство е во подем и тоа со скоро 20% зголемување за разлика од 2023 година . Ова се должи, на повеќе фактори, а тоа освен што свесноста да пријават семејно насилство пораснала кај жртвите и на латентната политика за справување со оваа девијантна појава - вели адвокатката Катерина Котеска Стисниовска за моменталната состојба за насилството врз жените кај нас.
Жените го пријавуваат семејното насилство и бараат заштита од институциите, но тие не ја нудат соодветно, децидна е Катерина за тоа колку жените се охрабруваат да пријават семејно насилство.
„Проблемите се детектираат во несоодветните законски решенија за заштита на жртвата и справување со сторителот. Најмногу од непостоење на решенија за сместување и заштита на жртвата,па истата поради немање на сместување и средства најчесто се враќа кај сторителот. Исто така, не постојат механизми за работа со сторителот кога има психички проблеми, проблеми на зависност и сл. Жените поради овие причини го пријавуваат семејното насилство и бараат заштита пд институциите, но тие не ја нудат соодветно“ - вели адвокатката Стисниовска .
Условните казни во земјава се најчесто изрекувани, вели нашата соговорничка која смета дека на тој начин казната никако не постигнува превенција, и не влијае врз сторителот повеќе да не го повторува делото.
„Најчести дела на сторување на семејно насилство се физичката повреда,загрозувањето на сигурноста, а се почесто и демнењето. Сите овие дела се содржани во членови кои се предвидени во Кривичниот законик, но уште еден проблем е многу благото казнување на сторителот, односно како по „дифолт“ се изрекуваат условни осуди. Условни осуди се изрекуваат и по втор пат за дела сторени при вршење на семејното насилство, а се изрекуваат и кога сторителот ќе го прекрши решението со кое се изрекуваат мерки за заштита на семејното насилство, што апсолутно претставува погрешна казнена политика, бидејќи на овој начин казната не постигнува ни специјална, ни генерална превенција, односно освен што не влијае на сторителот повеќе да не сторува такви дела, а ниту пак влијае на останатите да не сторат семејно насилство“, децидна е Катерина.
Македонија нема добра и ефикасна политика за справување со семејното насилство, нема ни проекти и кампањи за подобрување на состојбата и свеста.
„Повеќе од две години, 25-ти Ноември како Меѓународен ден на борбара против насилството врз жените и семејното насилство не се одбележува адекватно, туку единствено со по некоја трибина на која се читаат само статистички податоци без конкретни идеи и насоки“, вели адвокатката Катерина.
Жените не се осмелуваат да заминат по првото насилство поради финансискиот и материјалниот фактор, вели Катерина објаснувајќи дека потребите на жртвите на семејно насилство се најмногу сместувањето и помошта за вработување, како и финансиската помош за пребродување на кризниот период после напуштањето на насилникот.
„Токму поради финансискиот и материјалниот фактор жените не се осмелуваат да заминат после првото насилство. Исто така, битен фактор е уписот на имотот стекнат во брак на име на мажот , како и исклучување на женското дете од наследството поради традицијата. Поради се ова, а особено отварањето на можностите за полесен пристап до образованието и стекнувањето вештини, ниту една од жените не треба да се базира на својата убавина и богатото мажење, како и правење отстапки при наследување на имотот од своите родители. Жените кои ќе се стекнат со образование или со одредени вештини и занаети ќе бидат во можност да имаат солидна база на која ќе можат да се потпрат кога ќе станат жртви“ - истакнува адвокатката.
Котеска Стисниовска потенцира дека институциите треба да си ја вршат совесно и професионално својата работа и да бидат имуни на влијанија и притисоци од малите средини и политиката и секогаш да помислат дека на местото на жртвата која седи спроти нив може да биде нивна ќерка, сестра, внука или сл, па истата да добие несоодветен третман како што даваат тие.
„Секој од нас треба да е борец против оваа појава, без разлика дали ќе бидеме тие што ќе пријавиме, тешиме или ќе изрекуваме казни, сите сплотени заедно ќе дејствуваме кон намалување на случаевите на семејно насилство“ е пораката која Катерина ја испрати на денешниот 25-ти Ноември.
Ирена Ставрова