Вадење на крајници се препорачува ако едно дете боледува повеќе од седум пати во една година од воспаление на тонзили: Интервју д-р Александар Лазаревски

Добивај вести на Viber

Операција на крајниците или медицинска тонзилектомија е најчеста хируршка процедура во отоларингологијата, а децата се најчести пациенти. Првите знаци на проблеми со крајниците вклучуваат пред сѐ чести акутни воспаленија на грлото односно тонзилити, со покачена телесна температура, болки во грлото, потоа тешко дишење на нос и засилен секрет од носот.

„Вадењето на крајници, или тонзилектомија, е препорачана при чести воспаленија, повеќе од седум во една година или повеќе од пет во две последователни години. Дополнително, се препорачува и при хронично воспаление на крајниците, што е проследено со постојана болка, непријатен мирис од устата и чувство на нeлагодност во грлото“, вели во интервјуто за Женски магазин доктор Александар Лазаревски - Специјалист по оториноларингологија во Клиничката болница „Аџибадем Систина“.

Подетално читајте во редовите подолу:

ЖМ: Доктор Лазаревски, дали е точно дека воспаленијата на крајниците најчесто се јавуваат во есен? Што го предизвикува воспалението и на кој начин се шири инфекцијата?

Воспаленијата на крајниците се почести во есен, особено кога започнува школската година и престојот во градинки. Децата се долго време во затворена просторија, што го олеснува ширењето на инфекции. Најчест причинител на воспаление на грлото кај деца е бактеријата бета хемолитичен стрептокок, иако можат да бидат причинители и  други вируси или бактерии. Инфекциите се пренесуваат преку капки од секрет од носот или грлото, па затоа е важно децата да се научат да ги покриваат носот и устата при кашлање или кивање и редовно да ги мијат рацете.

ЖМ: Кои се првите симптоми кои укажуваат на проблеми со крајниците? Со кои проблеми се соочуваат децата кои имаат болни крајници?

Првите знаци на проблеми со крајниците вклучуваат пред се чести акутни воспаленија на грлото односно тонзилити, со покачена телесна температура, болки во грлото, потоа тешко дишење на нос и засилен секрет од носот. Децата со зголемени или болни крајници можат да имаат повторувачки инфекции на ушите, па дури и намалување на слухот. Некои деца може да имаат крчење при спиење со појава на епизоди на апнеа, тоа се краткотрајни прекини на дишењето кои траат по неколку секунди, што е резултат на самата големина на крајниците.


ЖМ: Како се третираат воспалени крајници?

Третманот зависи пред се од возраста на детето, општата здравствена состојба и тежината на симптомите. Повеќето воспаленија се вирусни, така што симптоматската терапија, како зголемен внес на течности и мирување е доволна. Антибиотици се препорачуваат само при утврдена бактериска инфекција, особено доколку причинител е бета-хемолитичен стрептокок. При инфекција со оваа бактерија, во крвта има покачување на антистрептолизинскиот титар (АСО), тоа е специфична мерка на нивото на антитела кои ги продуцира организмот само како одговр на инфекција со бета-хемолитичен стрептокок. Овие антитела се врзуваат со бактериски антигени и може да се таложат во мали крвни садови и да доведат до компликации на други ограни, како срцето, бубрезите или зглобовите. Затоа е особено важно при ваква инфекција и покачено АСО да се зема анатиботска терапија со соодветно времетраење по препорака на лекар. 

ЖМ: Кога препорачувате вадење на крајници односно тонзилектомија и во кој период? 

- Вадењето на крајници, или тонзилектомија за кој во моментов имаме промотивен попуст од 10% на интервенцијата - тонзилектомија со аденоидектомија (за деца) во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, е препорачана при чести воспаленија, повеќе од седум во една година или повеќе од пет во две последователни години. Дополнително, се препорачува и при хронично воспаление на крајниците, што е проследено со постојана болка, непријатен мирис од устата и чувство на нeлагодност во грлото. Како индикација треба да се споменат и перитонзиларните апцеси, што претставува сериозна компликација на собирање гној помеѓу крајникот и околното меко ткиво. Покрај инфективни постојат и опструктивни причини, како дишење на уста, крчење при спиење и појава на апнеа или прекин во дишењето од неколку секунди за време на спиење. Бидејќи тонзилектомијата е елективна хирургија, најдобар период за иведување на интервенцијата е кога детето е релативно здраво, односно без акутна инфекција и родителите се спремни да му се посветат во постоперативната нега.

ЖМ: Трет крајник. Како да препознаат родителите за можни проблеми со него - причини и симптоми.

- Третиот крајник, или аденоидите, се лимфни жлезди сместени позади носот, над грлото. Кога ќе се зголемат вршат механичка опструкција на  носот и ги затвараат отворите на Евстахиевите туби, кои се отвараат позади носот и се поврзани со средното уво. Затоа кај овие деца се јавува затнатост на носот и обилен, густ секрет во носот,  често дишат со отворена уста и имаат назален говор. Поради блиската поставеност на овие структури и нарушената функција на тубите, инфекции од аденоидното ткиво лесно се шират кон ушите предизвикувајќи чести акутни или секреторни отити.


ЖМ: Кога треба да се размислува за операција на третиот крајник, а во кои случаи воопшто не треба да се размислува на оперативен зафат?

- Индикации за вадење на третиот крајник можат да бидат од инфективна природа како чести горно-респираторни инфекции, акутни инфекции на носот и ушите. Или пак опструктивни, како хипоназален говор, крчење при спиење со појава на апнеа. Особено важни се и податоците добиени од предходната опсервација на детето од страна на матичен лекар или педијатар, со цел оторинолагингологот да може да донесе конечна одлука за оперативен третман.

ЖМ: Како изгледаат хируршките интервенции за отстранување на крајниците?

- Неколку дена пред закажаната операција, се прават специјалистички и анестезиолошки прегледи, како и потребните лабораториски анализи. Оваа предоперативна процедура обично трае околу 30 минути и е многу важна за успешно и безбедно спроведување на интервенцијата. Нашата болница применува најсовремени методи кои овозможуваат побрзо и побезбедно изведување на интервенцијата. Предоперативно децата добиваат премедикација. Оперативниот зафат трае помалку од 30 минути и се изведува под општа анестезија. По интервенција детето се носи во соба каде можe мирно да се разбуди покрај мајката.

ЖМ: Колку време е потребно после оперативниот зафат да се врати детето во секојдневна исхрана и активности (во нормала)?

- Негата по интервенцијата има значајна улога во процесот на заздравување. Родителите треба да посветат особено внимание на детето во наредните две нели. Диетата се состои од течна и кашаста исхрана, само ладна или на собна температура како ладен чај, пудинг, сладолед, млеко и бисквити, кисело млеко, јогурт, бистри густи негазирани сокови...

Дневно треба да се внесуваат најмлку 1,5 до 2 литри течност. Опоравувањето е индивидувално меѓута обично по две недели децата се враќаат полека во нормална исхрана и активности. Болката пократко трае, најчесто до седмиот или десеттиот ден.


ЖМ: Можни последици?

- Операцијата на крајници е рутинска процедура. Кај мал процент пациенти може да се јави доцно постоперативно крварење, најчесто седми до десетти ден по интервенција. Вообичаено се јавува при несоодветна исхрана, недоволен внес на течности или физички напор. Доколку се случи, само е потребно е веднаш да дојдете во болница и состојбата се решава без последици.

Родителите често се плашат дека „инфекциите ќе се симнат на гради“ меѓутоа тоа не се случува. Тонзилите имаат улога во развој на имунолошкиот систем само во првите една до две години од животот. Тоа е период кога новороденчето или доенчето ги остварува првите контакти со нови вируси и бактерии. Тонзилите се само еден сплет од лимфно ткиво, а такви структури има насекаде долж респираторниот и дигестивниот тракт.


Ирена Ставрова