Ана Бунтеска: Нема

Добивај вести на Viber

Нема заборав

Кога болката тишти однатре

Нема смеа

Кога усните сошиени се

Нема солза

Од која полесно станува

Нема утро

Во кое здивот не дроби

Нема пролет

Во која цвеќето скинато е

Нема дожд

Кој јадови ќе измие

Нема боја

Која ја покрива црната

Нема утеха

За оние кои без своето се

Нема прошка

За злодела кои ќе осакатат

Нема молитва

Од која душата се залекува

Нема збор

Кој мелем ќе стане

Нема прегратка

Која чемерот ќе го однесе

Нема сила

Поголема од силата на вресокот

Нема тишина

Поболна од тишината на загубата

Нема народ

Без младост во неа

Нема среќа

Без среќата на децата

Нема...

Ништо нема и не ќе остане

Ако се заборави за три дена

Ништо нема и не ќе остане

Ако сѐ исто осамне

Ништо нема и не ќе остане

Освен клетва над главите ни

Ако простиме и очи си врземе

Ако простиме и уши си затнеме

Оти нема...

Нема...

Нема назив за родител

Кој чедото си го изгубил

За Женски Магазин, Ана Бунтеска