„Најсреќни сме кога луѓето што ги сакаме се здрави и сѐ уште со нас“: Новогодишно интервју со Мелита и Барабара Ракичевиќ

Добивај вести на Viber

Нова година за нови почетоци, убави моменти, малку повеќе време за себе и за најблиските.

Но пред да почнеме со трошење на новата 2025 година, обично ретроспективно ја гледаме изминатата, ги подвлекуваме успесите, сакаме да ги заборавиме неуспесите, а спомените да ни бидат исполнети само со оние убави моменти од изминатите 365 денови.

На првиот ден од 2025 година, на тронот ја ставаме релацијата мајка и ќерка која е една посебна животна врска. Една таква имаат Барбара и Мелита Ракичевиќ.

Со поранешната водителка и нејзината ќерка младата и талентирана Барбара, правиме хронологија на изминатата година:

ЖМ: По што ќе ја паметите 2024 година, а што е она што си го посакувате за 2025 година, приватно и професионално?

Барбара: Оваа година за мене беше една од потешките, но од друга страна и поубавите. Среќна сум што како се ближи крајот, сè си доаѓа на свое и сум благодарна за сè што научив во изминатиот период. Најсреќна сум што луѓето што ги сакам се здрави и се сè уште до мене.

Мелита: Оваа година ми беше година на загуба на драги сакани личности. Година на многу пресврти, судбинска година која ми донесе многу вистини, многу ново искуство и која ме научи на никој да не верувам освен на самата себе. Имаше и моменти кога сфатив дека мојата мајка и ќерка се најдрагоцените личности во мојот живот.

ЖМ: Како ја оценувате изминатата година, дали сте задоволни од она што го добивте од неа или можела да биде многу подобра?

Барбара: Верувам дека сè уште сум млада и секоја наредна година ќе ми биде уште поуспешна. Изминатава ќе ја паметам по многу моменти кои ме направија многу посилна.

Мелита: Да, потешка година, кога и светот почнав да го гледам со други очи. Година на лично освестување. И среќна сум што имам сѐ ме прави среќна.

ЖМ: Колку си бевте поддршка една на друга изминатата година?

Барбара: Секогаш сме и ќе бидеме поддршка една на друга, затоа што без неа не би можеле да опстоиме. Поддршката од најблиските е клучна за многу одлуки.

Мелита: Секогаш сме си поддршка. Барбара е веќе зрела личност со која може да се разговара на секоја тема, дури и кога имаме различни ставови. Секоја ситуација која ќе нè изненади заедно ја дискутираме.

ЖМ: Најубавиот заеднички момент од 2024 година што ќе го паметите?

Барбара: За нас секогаш биле важни прославите за некои важни денови, тие моменти ми оставаат најголем впечаток, можеби некој роденден.

Мелита: Тешко е да се издвои. Секогаш кога сме заедно, дали на пат, обичен ручек, нас ни е посебен.

ЖМ: Каде вам ви е најубаво за празниците? (дома, на патување)

Барбара: Секогаш сме прославувале дома фамилијарно и тоа биле едни од најубавите денови. Но како што растам некако почнувам повеќе да патувам, па можеби годинава ќе биде така.

Мелита: За Нова година сме уживале, да сме дома да чекаме Дедо Мраз (се смее), со многу магија и незаборавна атмосфера. А веднаш потоа сме оделе редовно на скијање и одмор.

ЖМ: Какви се вашите сеќавања поврзани со овие празници?

Барбара: Детските спомени ми се најубави. Секогаш дома со новогодишна музика и полна трпеза, новогодишната декорација секогаш била љубов на мајка ми и затоа домот секоја Нова година, блеска.

Мелита: Бајка е правиот збор кој кажува се. Најубавите Нови години ми се спомени од времето кога Барбара беше малечка.

ЖМ: Што е она што вообичаено го правите во овие празнични денови?

Барбара: Најискрено си готвиме, јас сум посебно по слатките рецепти.

Мелита: Јас сум опседната со украсување на домот и тоа ми е страст и уживање. Готвиме, подароци, весела атмосфера со новогодишна музика и мирис на новогодишни колачи.

ЖМ: Патување на кое сте биле изминатава година и ве воодушевило и зошто?

Барбара и Мелита: Изминатава година посетив многу интересни дестинации, но сепак најголем впечаток ми остави Дубаи. Мислам ќе се согласи и мајка ми, местото навистина е прекрасно.

ЖМ: Дали повеќе сакате да подарувате или да ви подаруваат, и што најчесто е тоа?

Барбара: Ох, богами двете сме по купување подароци за сите, јас дури и без посебен повод обожувам да купам и некои мали ситници, па затоа новогодишните празници ми се омилени, затоа што имам и повод.

Мелита: Најмногу се радувам кога подарувам. Но Барбара секогаш знае да ме изненади со нешто што не очекувам, а сигурно ми треба. Има свој вкус, но знае да ме погоди.

ЖМ: Што си подаривте една на друга оваа година?

Барбара: Тоа е тајна, но ќе открие на 31-ви. Инаку често си купуваме работи една на друга работи што ќе ни се допаднат попатно.

Мелита: Секогаш е изненадување, па така и овој пат во тоа е забавата. Можеби ќе објавиме на социјалните мрежи.

ЖМ: За што е задолжена Барбара, а што мама Мелита подготвува за бадниковата и божиќната трпеза?

Барбара: Мама Мели е прва за декорацијата, но и во кујна е доста умешна. Јас може да помогнам во се, но највеќе сакам да си правам тортички и колачи.

Мелита: Јас обично сум таа што готви и буквално се и декорирам. Сакам секоја година да е посебно сервирано. Барби не сакам да ја мачам, освен со мали ситници околу сервирањето и евентуално да ми отпее неколку песни да си уживаме и да бидеме расположени.

Габриела Додевска Глигоровска
Фото: Приватна архива