„За време на прославите, важно е да се задржи балансот“: Пилатес и фитнес инструкторката Анета Пејков за задржувањето на здравите навики за претстојните празници
Пред нас се новогодишно-божиќните празници кои се радост за сите нас. Уживаме во украсените домови, светкавите плоштади, атмосферата која плени од секој агол од општеството, а ќе се нагостиме и со убава, но и многу калорична храна.
Низ годините традиционално се подготовува руска салата, кифлички, похованици и други калорични храни за празничната трпеза. А дали истите може да се подготват во поздрава варијанта, од поздрави намирници, а истите да бидат вкусни разговараме со пилатес и фитнес инструкторката и специјалист за слабеење Анета Пејков.
„Може да се ужива во сите омилени јадења и да се направат поздрави варијанти, но клучно е да бидеме умерени во се‘. За руска салата, може да се стави грчки јогурт и сенф, наместо мајонез, а за кифличките и пецивата да се користат интегрални брашна и да се намали количината на масла. Похованиците, пак, може да се испечат, наместо да се пржат. Се‘ што правиме, важно е да го правиме со мера, затоа што навиката за умереност е таа што ни носи здравје и енергија“, тврди Пејкова која моментално учи академија во Србија отсек специјалист за слабеење. Анета која е родум од Неготино, а живее и работи во Скопје вели дека трчањето го сака и ѝ носи ментална релаксација, се опушта со истражување нови рецепти и активности кои ја инспирираат и верува дека споделувањето на нејзиното знаење може да им помогне на другите да ја постигнат најдобрата верзија од себе.
*Најчесто оние кои не консумираат здрава храна имаат мислење дека таа е невкусна. Колку е тоа точно и дали може тоа некако да се промени, да не е повеќе табу тема?
- Често се случува дека оние кои не јадат здрава храна, сметаат дека традиционалната македонска храна, како кифлички, зелници и баници, е невкусна во здрава варијанта. Но, тоа не е точно! Може да се задржи традиционалниот вкус и истовремено да се направи здрава варијанта.
На пример, кифличките може да се направат со интегрално брашно и помалку масло, а во баницата може да се користат посни сирења и повеќе зеленчук. Често, само треба да се прилагодат состојките, а не и самата идеја за јадењето. Со време, доколку покажеме дека здравата храна може да биде еднакво вкусна, ќе ја разбиеме оваа заблуда и ќе го направиме здравото јадење попопуларно!
*Лекарите секојдневно апелираат дека физичката активност е најбитна за човечкото тело, но и за менталното здравје. Како да се мотивира човек кој изгубил секаква волја или е „тешка мрза“?
- Мотивацијата за физичка активност може да се поттикне преку поставување реални и остварливи цели, почнувајќи со мали, едноставни вежби. Важно е да се започне постепено, со активности кои не предизвикуваат стрес и да се најде форма на вежбање што ќе биде забавна и задоволувачка. Со текот на времето, постепеното зголемување на интензитетот ќе донесе резултати и ќе го поттикне менталното здравје, бидејќи физичката активност ослободува ендорфини кои позитивно влијаат на расположението и намалуваат стрес. Дополнително, редовната активност создава навика, што е клучно за долгорочната мотивација.
*Што им порачувате на сите оние кои внимаваат на исхраната, а периодот кој претстои сигурно ќе се опуштат и ќе јадат повеќе од обичаено и понездраво?
- За време на прославите, важно е да се задржи балансот. Почнете со здрав оброк пред прославата, контролирајте ги порциите и избегнувајте прекумерно консумирање на солени и засладени пијалаци. Продолжете со физичка активност, дури и ако е само кратка прошетка. Започнете го секој ден со здрав појадок, а осигурете се дека спиете доволно за да ја регулирате енергијата и да не се изложите на прекумерни желби за нездрава храна. Умереноста е клучот!
*Што вели вашето искуство се менува ли мислењето на Македонците за здравата исхрана и вежбањето? Одиме кон подобро?
- Работите се движат во позитивна насока, но процесот е постепен. Сѐ повеќе луѓе стануваат свесни за важноста на здравиот начин на живот, и тоа е охрабрувачки. Иако традиционалните оброци и навики сѐ уште се многу присутни, се гледа растечки интерес за здрава исхрана и физичка активност, особено кај помладата популација. Сепак, предизвиците остануваат, како што се пристапот до здрава храна и недостатокот на време за редовно вежбање. Важно е да продолжиме да ги едуцираме и поттикнуваме луѓето да направат мали промени што ќе водат кон долгорочни здравствени бенефити. Ние одиме кон подобро, но тоа ќе биде процес што ќе бара време и ангажман од сите нас.
* Имате ли лично вие некој трик кој го применувате наутро или навечер кој ви дава волја за вежбање наредниот ден?
- Еден од моите трикови е да си поставам мал, но значаен целосен план за вежбање. Се обидувам да не размислувам премногу, туку едноставно да се фокусирам на тоа да го завршам тренингот за денот. Исто така, понекогаш си велам: „Еден тренинг никогаш не е губење време“, што ми дава поттик да се движам дури и кога немам премногу енергија.
* На вашиот инстаграм профил имате објавено и здрави рецепти во кои употребувате здрави намирници. Каде ги наоѓате рецептите, од каде црпите инспирација за истите?
- Најчесто се инспирирам од моето секојдневие и потребата да јадам здраво, но и вкусно. Често ги гледам трендовите на здравата исхрана преку различни платформи, како што се инстаграм, Pinterest, и нутриционистички блогови. Многу пати се поттикнувам и од традиционалните македонски рецепти, кои ги адаптирам и правам во здрава варијанта. Мојата цел е да создадам рецепти што ќе бидат едноставни, но истовремено ќе ја задржат хранливата вредност и ќе ги задоволат сите вкусови.
* Како ги балансирате работните и приватните обврски?
- Се фокусирам на ефективно управување со времето. Користам техники за приоритизирање и планирање, така што секој ден имам јасно поставени задачи. Се трудам да ги завршам обврските на време, што ми остава простор за квалитетно време со семејството и за лични активности. Важно ми е да ја одржувам дисциплината, но исто така да вклучам моменти за релаксација и грижа за себе. Ова ми помага да останам продуктивна и во работата и во приватниот живот.
*Што би си посакале во новата 2025 година, а што им посакувате на читателите?
- Во новата 2025 година посакувам да продолжам да се подобрувам и да достигнувам нови цели, како лични така и професионални. Посакувам здравје, среќа и уште поголема енергија за секој ден. На читателите им посакувам да ја најдат мотивацијата и инспирацијата за да го живеат животот што го заслужуваат, да се грижат за своето здравје и да ги следат своите цели со упорност и љубов.
Наталија Миланова