„Њамачома и матоке се главни специјалитети за празниците, моите најубави моменти од детството се поврзани со Нова година и Божиќ“: Ема Блажеска за традицијата и славењето во Кенија

Секогаш насмеана и позитивна, прави шеги на сметка на за она што го стекнала како културен шок во Македонија, но намерата секогаш и е добра. Финтите, изговорите и сите работи кои се дел од менталитетот на еден Македонец и кои одлично ги совладала, се причина да ја засака Македонија и луѓето кои живеат тука.
Емакулате, најпознатата Кенијка нема кој не ја познава. Преку ширењето на позитивни јони на социјалните мрежи за брзо време стана позната и омилена на Македонците.
Ема од Кенија која е мажена за Михајло и е македонска снаа скоро 6 години, вели дека тоа се работите кои направиле да се заљуби во нашата земја кога дошла за прв пат и кои прават да се смее.
Традицијата и славењето на новогодишните и божиќни празници кај нас и во Кенија се скоро исти. Прослава со блиските, делење подароци, многу храна, но и споделување со оние кои немаат. Најубавите спомени од детството на Ема се поврзани со овие празници, на нив секогаш се сеќава со насмевка. Исто така Нова година и Божиќ сака со нејзиниот сопруг Михаил да ги направи незаборавни за нивната три годишната ќерка Дариа.
Со Емакулате Вандера, од пред пет години Блажеска зборуваме за традицијата и прославата на новогодишните и божиќни празници во Кенија.
- Тоа време од годината е резервирано за семејството. Многу луѓе кои работат и живеат во поголемите места се враќаат во руралните средини да бидат со своите најблиски. Кенијците се религиозни и Божиќ е најважниот ден за нив. Домовите се украсуваат со божикни украси, нормално тука е и елката. На божиќната вечер се пеат божиќни песни. Храната игра голема улога за време на Божиќните прослави. Се приготвува храна што обично се прави кога прославуваме нешто. Исто така Божиќ е време кога помагаме на тие кои имаат помалку, донираме храна, алишта или пари на настани организирани од црквата. Во тоа време од годината луѓето имаат слободни денови кои ги користат за патувања или посета на семејствата. Новогодишната ноќ како и тука се пречекува со забави и огномети има и организирани прослави на отворено, но и по клубовите.
Богатата трпеза за прославата на празниците во Кенија игра многу важна улога, а обичај е да се споделува со останатите, како на пример со соседите.
- Во Кенија има многу етнички групи и секоја има храна специфична за таа култура. Но еве некои од јадењата кои најчесто се подготвуваат во тој период. Њамачома (вид месо на скара) кое најчесто се подготвува за време на прослави, Пилау (зачинет ориз подготвен со месо), Чапати (вид на леб со облик на тортиља), Матоке (јадење приготвено од еден тип на банани) и уште многу други.
Кога би бирала помеѓу македонската и кениската кујна, Ема вели дека не може да донесе одлука, бидејќи секоја е специфична и вкусна на свој начин.
Од македонските јадење Ема од свекрвата научила да прави баклава и пита, но сè уште не е експерт за тоа, но затоа пак прави тавче гравче и сарма за чиста 5-ка.
За многу деца, па така и за Ема спомените од детството ја поврзуваат токму со овие празници. Посебно со подароците на кои најмногу се радувала, но и на дружбата со блиските роднини.
- Искрено моите најубави моменти од детството се токму од тие празнични, денови околу Божиќ. Многу сум им благодарна на моите родители што создале толку незаборавни моменти и планирам да го направам истото со моите деца. Обично ги посетувавме роднините и им носевме подароци, но исто така си одевме и дома со многу подароци. Исто така многу од роднините не посетуваа во нашиот дом и правеа атмосферата да биде уште пожива. Исто така имам убави спомени и од одморите поминати со моите родители.
Како мала верувала во Дедо Мраз и тоа го смета како еден од најубавите моменти од растењето на едно дете.
- Секоја година имаше толку многу радост и возбуда кога се приближуваше сезоната на празниците, и бев во исчекување на подароците од Дедо Мраз.
И малата Дариа која има три години верува во најпопуларниот дедо овој период и се радува на подароците под елката.
- Сè уште е многу мала за да има некоја конкретна желба, ние ја учиме да се радува на подарокот без разлика на неговата вредност.
Желбата за 2025 година на Ема е едноставна. Здравје за неа и нејзиното семејство, а другото како што вели ќе си дојде потоа. Празничните денови ќе ги поминат заедно со блиското семејство.
- Како што викаат свекорот и свекрвата, „Кај и да си пред Божиќ и после Божиќ дома да си“.
Ема изминатиот период освен на социјалните мрежи може да ја гледаме како дел од тимот „Старс ТВ шоу“ кој се емитува на Алфа ТВ. Соработката за таа да се најде во ова шоу била сосема спонтана.
- Искрено не беше воопшто планирано. Се случи сосема случајно, но кога нешто треба да биде ќе биде. Основачот на шоуто Ивана Јанковска ми прати порака дека има предлог за мене и кога се видовме на кафе ми предложи да бидам дел од шоуто. Навистина ми е драго дека веруваше и виде нешто во мене, бидејќи отсекогаш ми било желба да работам таков тип на работа. Засега навистина уживам во тоа и имавме прекрасни 3 месеци и едвај чекам да видам што ќе донесе 2025 за „Старс Тв Шоуто“.
Ема има весел дух, а тоа може да го забележи секој кога ќе погледне барем една нејзина објава на Инстаграм. Но вели дека таква е и кога не е на социјалните мрежи. Често знае да добие пораки дека некому „му го разубавела денот“.
- Јас сум генерално позитивна личност, и секогаш пробувам да гледам на светлата страна од работите, дури и ако имам лош ден си викам, ајде ништо, утре е нов ден. Навистина чувството е прекрасно кога знаеш дека некому си извор на позитивна енергија и неретко добивам пораки од типот „имав лош ден ама ти ме изнасмеа и сега се чувствувам подобро“, всушност тоа ми е главниот мотив за ова што го правам, бидејќи знам дека можеби на некого ќе му го разубавам денот.
Релаксираноста и уживањето во животот, но и патриотизмот, е тоа што и се допаѓа на Ема во Македонија.
- Секој ден на кафе, во кафеана, за разлика од луѓето на запад. Луѓето тука се топли и гостопримливи и лесно е да се чувствуваш како да си дома. Мислам и дека луѓето тука се патриоти и секогаш ја бранат својата држава, без разлика дали е дискусија за спорт или политика. Исто така македонските пејзажи се преубави во сите годишни времиња, а за храната и да не почнувам да зборувам.
Габриела Додевска Глигоровска
Фото: Photofactory / Приватна архива