Новогодишно со Светлана и Мики Црнокрак: Секогаш еуфорични и позитивни
Организатор за новогодишни подароци во семејството Црнокрак секогаш е Светлана. Таа е како Баба Мразица, а Дедо Мразот, Мики, финансиски засилува. Во изминативе неколку години и нивните две ќерки почнале да изненадуваат со подароци, што им е мило, бидејќи како родители успеале да им ја пренесат предновогодишна еуфорија на подарување.
ЖМ: Погледот на Новата година честопати е еуфоричен и позитивен. Надежта дека од 1 јануари сѐ ќе биде подобро е длабоко вкоренета во нас. Какво е расположението кај вас?
Светлана: Токму така, од секогаш 1-ви јануари е позитивен, нѐ носи кон нешто подобро, кон нов почеток на нештата.. Уште како мали со нетрпение сме го очекувале тој ден, Новата година, секогаш еуфорични и позитивни. Така е и сега, можеби не толку еуфорични, но оптимистички расположени во секој поглед.
ЖМ: Каде ќе ја дочекате Новата 2025 година?
Мики: Бидејќи предновогодшните прослави и настани ги поминуваме повеќето работно преку нашата Модна агенција, Новата година ќе ја дочекаме во посмирен амбиент, во домашна атмосфера, да собереме сила за претстојните скијачки денови.
ЖМ: Кога ќе погледнете назад низ месеците, деновите од годината која поминува, што беше најголем успех на приватен и на професионален план?
Светлана: На приватен план како и секоја година на прво место е мир во куќата и хармонија во семејството, кои и оваа година само ги надоградивме, додека на профeсионален план - имав една позитивна промена во презентерската професијата, додека како Модно студио Црнокрак најголеми успеси повторно постигнавме на интернационален план, со нашите членови, кои донесоа повеќе титули за Македонија од изборите за убавина и модели, на кои учествувавме ширум целиот свет. А особено сме горди на победата на нашата Теа Георгиевска на Изборот на Мис на Македонија, кој после многу години се одржа кај нас и секако на нејзиното учество на Мис на универзумот 2024, каде Македонија за прв пат во историјата имаше претставник.
ЖМ: Која грешка не сакате да ви се повтори во Новата Година. Што можевте поинаку да направите, што научивте, за што жалите?
Светлана: Грешки можеби имало и секогаш ќе има, бидејќи на грешки се учиме, за да бидеме подобри. Не се сеќавам конкретно, а тоа е добро, бидејќи не биле тоа големи грешки за да се паметат. Секоја година учиме нови работи и се надоградуваме, како лично, така и на профсионално поле. Во секој случај за ништо не жалиме во изминатава година, но сепак се надеваме на уште поуспешна и попозитивна 2025 година.
ЖМ: Која прослава на новогодишна ноќ ви предизвикува убави чувства и се разликувала од останатите зашто била незаборавна по многу нешта?
Мики: Секоја прослава си е убава на свој начин. Не би издвоиле некоја посебна, бидејќи сите се посебни, најважно е со кого си, друштвото, пријателите, луѓето што ги сакаш...
ЖМ: Кој е Дедо Мраз во семејството и најмногу подарува?
Светлана: Организатор за новогодишното подарување сум била секогаш јас, како Баба Мразица, Дедо Мразот Мики финансиски засилува, а изминативе неколку години и децава почнаа да изненадуваат со подароци, што навистина ми е многу мило, бидејќи успеавме таа предновогодишна еуфорија на подарување да им ја пренесеме и на нив... Во секој случај чувството да подаруваш и примаш подароци од Дедо Мраз е посебно, па макар и едно светкаво бонбонче.
ЖМ: Дали се поделени работите во новогодишните подготовки во домот? Кој за што е задолжен?
Светлана: За новогодишното украсување во домот главни се тато Мики и Нина, јас и Мони само ги надополнуваме. За новогодишното мени и трпеза, уживаме во подготвка сите три женски, особено Моника и Нина, кои навистина ми помагаат и околу идеите и околу готвењето на разни специјалитети.
ЖМ: Што посакувате да ви донесе 2025 година?
Светлана: Пред сѐ здравје на сите, да сме живи и здрави, сѐ друго само ќе си дојде. Да нема војни, да нема болни, гладни, да биде мир насекаде, да нема елементарни непогоди, катастрофи. Да владеат безброј насмевки и позитивни работи. Среќна и бериќетна да ни биде Новата 2025 на сите, за поубави нешта, за нови почетоци.
Соња Алексоска Неделковска